Сергеј Прокофјев.
Риа НовостиНа 23 април се исполнуваат 125 години од раѓањето на истакнатиот руски композитор Сергеј Прокофјев. Неговата музика до денешен ден е една од најкористените во светот, заедно со виенските класици и со германските романтичари. Танецот на рицарите од балетот „Ромео и Јулија“ или валцерот на Наташа од операта „Војна и мир“ се користат и во компјутерските игри, и како рингтонови, иако пред само 50 години неговата музика се сметаше за новаторска и дрска.
Судбината на Прокофјев се чини како тотален парадокс – но, само на прв поглед. Роден во епоха на глобални катаклизми, тој се заинтересирал само за едно – музиката. Сопствената музика.
Веројатно, доколку Прокофјев би живеел во нашево време на безброј телевизиски шоу-програми, задолжително би одговарал на прашањето „Што ќе бевте, доколку не станевте композитор?“ И тој би можел да одговори: „Би бил истакнат пијанист, ќе го победував во шах кубанскиот велемајстор Капабланка, но од мал мечтаев само за тоа мојата музика да биде најзиведувана во светот“.
На една од првите познати фотографии од него 9-летното момче во блуза во риги седи пред клавир на кој стојат нотни листови со јасно видлив натпис „Опера Великан, составил Серјожа Прокофјев“. По две години бил поканет младиот и успешен советски композитор Рејнхољд Глиер за да го подучува компонирање младото момче. Кога Прокофјев имал 13 години, неговата мајка која свето верувала во големата иднина на својот син, а која истовремено била одлична музичарка, го однела од длабоката руска провинција во Петербург. Тој се запишал во конзерваториумот во кој учеле најдобрите музичари, меѓу кои и Николај Римски-Корсаков, столбот на руската опера.
На 16 години го завршил конзерваториумот во класата композиција (по неколку години на истиот конзерваториум тој ќе добие и диплома за пијанист). Неговата диплома била проследена не само со златен медал, ами и со неколку крупни творби и репутација е една од најголемите надежи на руската уметност. Набргу бил забележан од страна на музичкиот издавач Борис Јургенсон, а по неколку години добил нарачка од легендарниот театарски деец Сергеј Дјагилев за создавање партитура за неговите „Руски сезони“ во Париз.
Неговата блескава кариера можела да биде уништена од Првата светска војна и од Револуцијата. Тоа се случило со многумина на кои им се предвидувала блескава иднина. Но, Прокофјев не само што поседувал талент за создавање на свој музички свет, ами умеел и да го заштити и да го одбрани. Додека неговите врсници се занимавале со изборот за тоа што да прават и каде да живеат, Прокофјев решил да замине, а негова цел била Америка. Тоа било единственото место каде можело да се мисли само за творештвото. Новата музика со нејзините дисонанси и со нестандардната хармонија, на многумина им се чинела премногу сложена. Дури и шармот што го поседувал не секогаш му овозможувал на Прокофјев во промовирањето на неговата музика.
Тогаш како помош дошла пијанистичката виртуозност: откако добил договор за концерт на клавир, тој на програмата ги ставил своите творби. Во тој период се родиле не само неколку клавирски концерти, ами и операта „Љубовта кон трите портокали“ и „Огнен ангел“, Втората и Третата симфонија, балетот „Блудниот син“, кои и денес се сметаат за едни од најпопуларните негови творби.
Во триесеттите години од минатиот век Прокофјев конечно сфатил дека името прв композитор на западниот свет е цврсто прикрепено за еден друг Русин – Игор Стравински. Откако трипати го посетил СССР, Прокофјев во него видел достојна противтежа на Европа и Америка со голема публика, со концертни сали кои се градат низ целата земја и со оркестри кои се формираат. Неговиот чекор го запрепасти сиот западен културен свет: во 1936 година тој со жена си и со своите синови се вратил во татковината.
Тука Прокофјев го зазел местото на прв композитор во земјата само со тоа што ги исполнил нарачките од Мариинскиот и од Бољшиј театар, и на режисерот Сергеј Ејзенштејн. Својот остар стил тој го омекнал во согласност со претставите за соцреализмот во музиката што царувал во земјата. Тој не се плашел од нив и не го одвраќале никакви идеолошки нарачки: во исто време со гротескната сказна „Петја и Волкот“, тој ја пишувал и Кантатата за 20-годишнината од Октомвриската револуција според зборовите на Маркс, Енгелс, Ленин и Сталин, а исто така и Здравицата во чест на 60-годишнината на Сталин, во кои продолжувал да ги развива своите музички идеи.
Но, дури и трите Сталински награди добиени во 1946 година не го зачувале композиторот од падот на историјата – неговото творештво било признаено како идеолошки туѓо на соцреализмот по операта на Мурадели „Големата дружба“ во Бољшој театар, каде во либретото се посочувало на затегнатите односи на Русите со народите од Северен Кавказ.
Сепак, балетите на Прокофјев, операта „Војна и мир“ продолжиле да се прикажуваат во главните театри на Русија, а по неколку години следел нов бран нарачки и нова Сталинска награда. Но, композиторот не можел да закрепне од преживеаниот потрес. Тој дури и умрел на ист ден со Сталин, па затоа неговата смрт минала незабележано. Но, главната партија Прокофјев ја добил: неговата музика денес звучи низ целиот свет, не познавајќи граници.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче