Николај Гумиљов.
Карл БулаГумиљов е поет-романтичар, „рицар“ на Сребрениот век на руската поезија (дваесеттите години од минатиот век), офицер, неуморен патешественик. На неговиот пат имало и егзотични патувања, и романси со познати жени, и учество во војната, и гибел од рацете на советската власт во најубавите години. Ова се главните факти од неговиот живот.
Се родил во 1886 година недалеку од Петербург, во Крондштад, веднаш до морето. Ја пропатувал цела Европа, под капа на Академијата на науките извршил неколку опасни експедиции низ дивата Африка (Египет, Сомалија, Етиопија, Џибути).
Во 1914 година неговата експедиција ја донела во Академијата најголемата колекција уметнички творби, фотографии, предмети од секојдневието на локалните племиња, богат етнографски и фолклорен материјал. Африка го инспирирала Гумиљов да создаде огромен број поеми и песни, меѓу кои и „Гала“ и „Сахара“.
Во 1912 година Гумиљов го презентирал новото уметничко движење – акмеизмот, кое се појавило како реакција на крајноста и апстракцијата на симболизмот. Акмеизмот ја проповедал материјалноста, предметноста на ликовите, точноста на зборот.
Најголемите поети на Сребрениот век се приклучиле на овој правец: Ана Ахматова, Осип Мандељштам, Сергеј Гордецки и други. Како последица на тоа акмеизмот не ја зафатил само литературата ами и ликовната уметност (Константин Коровин, Борис Кустодиев) и музиката (Анатолиј Љадов, Игор Стравински).
Гумиљов има покорено голем број женски срца: го сакале актерките, поетесите, танчарките, па дури и револуционерките. На неговиот љубовен список се наоѓа еден дуел и неколку обиди за самоубиство. Имал три деца и два официјални брака.
Негова прва жена била познатата руска поетеса Ана Ахматова, со која тој се запознал во младоста. Заедно тие живееле бурен литературен живот и еден на друг си посветиле голем број лирски творби. Нивниот син, Лев Гумиљов, станал голем научник-етнограф, историчар, писател и, како и татка си, страстен љубител на патувањата. Врската на Ана и Николај била сложена, па по 8 години се разделиле.
За време на сталинскиот терор, кога Гумиљов бил посочен како непријател на народот, неговата веќе поранешна сопруга Ахматова не се одрекувала од него и учествувала во зачувувањето на неговото поетско наследство.
Освен европските поети (Шекспир, Бодлер, Браунинг), Гумиљов преведувал и за Русија ретка кинеска поезија, источни епови (Епот за Гигламеш), па дури и абисински народни песни, кој тој ги запишувал со помош на преведувач за време на патувањата во Африка.
Со бестрашен карактер и жед за подвизи, уште во првите денови од Првата светска војна Гумиљов заминал како доброволец на фронт. За учество во борбата низ цела Европа, тој бил двапати награден за храброст со Георгиевски крстови и добил офицерско звање.
Интересно е што голем број познати поети од тој период пишувале патриотски или воени стихови, но во борба од Русија учествувале само двајца: Гумиљов и Бенедикт Лившиц.
Поетот не ја прифатил болшевистичката револуција од 1917 година, но не сакал да емигрира. Тој не ги криел своите гледишта: отворено се крстел во храмовите и зборувал за своите монархистички погледи. Притоа тој останал влијателна фигура на литературната сцена.
Но, тој не им бил по волја на советските власти. Во 1921 година, кога поетот имал 35 години, бил уапсен под сомнение за учество во антисоветски заговор, а набргу потоа бил стрелан. Точниот датум и местото на неговата смрт, како и местото кадешто е погребан, не се познати до денешен ден.
Под превезот на тајната останува и официјалната причина за апсењето и за егзекуцијата на поетот. Истражувачите спорат за тоа дали Гумиљов навистина учествувал во заговор или станува збор за фабрикуван случај.
По смртта, името на Гумиљов било ставено под најстрога официјална забрана повеќе од 60 години. Дури во времето на Михаил Горбачов, првиот и последен претседател на СССР, за време на перестројката, повторно бил разгледуван случајот на Гумиљов. Од него целосно е симнато обвинението за контрареволуционен заговор, а неговата поезија повторно се вратила во официјалната руска литература. Многу подоцна од „враќањето“ на Марина Цветаева и на Осип Мандељштам.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче