Срп и чекан: мистериозните советски симболи

Lori / Legion Media
Српот и чеканот на грбот на СССР се еден од најпознатите симболи на оваа моќна држава. Сепак, историјата и потеклото на овој амблем не се докрај јасни. Значењето на вкрстените алатки на советскиот грб може да се протолкуваат како симболи кои ги користеле слободните ѕидари, но и како симболи од хиндуизмот и древната ариевска и словенска митологија.

Српот и чеканот на грбот на СССР најверојатно се најпознатиот симбол на советската моќ и на севкупната историја на оваа земја, но и на идеологијата која била цврсто поврзана со советската држава.

Потеклото на советскиот грб е нејасно. Постојат неколку негови варијанти: срп и чекан, чекан и гребло, чекан и вила, и чекан и плуг. Чеканот е избран зашто традиционално се поврзува со работниците од европските земји.

Втората алатка е српот. Освен што е симбол на земјоделството, таа го претставува и прочуениот слоган на Ленин за единството на пролетерите и на селаните.

Во април 1918 година прифатена е верзијата на амблемот кој го изработил московскиот уметник Евгениј Камзолкин. Летото истата година овој симбол е конечно избран на Петтиот серуски конгрес на советите.

Интересен е податокот што Камзолкин дури и не бил комунист, ами длабоко религиозен човек од имашно семејство. Тој повеќе од 10 години бил член на тајното уметничко друштво „Леонардо да Винчи“ и одлично го познавал значењето на многу симболи.

Пред сè, српот и чеканот се поврзани со масонските симболи чеканот и длабилото – предмети кои претставуваат јасно дефинирана цел (длабилото) и решителност таа да се оствари (чеканот). Во европската религиска симболика чеканот се поврзува со агресивната машка сила, пред сè физичка (чеканот на ковачот Хефест од грчката митологија), која често може да биде смртоносна.

Боговите на грмотевицата Сварог (кај Словените) и Тор (кај старонордиските народи) држеле чекан во раката. Во Кина и во Индија оваа алатка е симбол на триумфот на деструктивните сили на злото.

Денес тешко може да се долови смислата на нацртот на Камзолкин. Дали само ја спроведувал наредбата да изработи слика на сојуз на селани и работници, или во овој симбол тој внел и свој став за дејствувањето на револуцијата, избирајќи симболи на смртта, војната и победата на злото?

Рускиот филозоф Алексеј Лосев за овој грб ќе рече: „Тоа е симбол кој ја поттикнува масата и не е само симбол, ами конструктивно-технички принцип на човековата дејност и волја [...]. Тука гледаме силмбол на единството на работниците и селаните, симбол на советската држава“.

Историчарот и академик Јуриј Готје во 1921 година во својот дневник запишал: „Во Москва веќе со денови владее некаква тензија. Како ќе заврши сево ова? Одговорот ќе биде во зборовите 'чекан' 'срп' прочитани одзади!“ Тоа всушност значи „со тронот“ (споени и прочитани одзади зборовите чекан (рус. Молот) и срп (рус. Серп- го даваат зборот престол). На ваков начин московјаните алудирале на авторитарните методи на бољшевиците.

Во различни религии српот означува смрт. Во христијанството класјето и жетвата ги претставуваат човечките души кои „жетварот“, односно Бог, ги собира кога ќе дојде крајот на светот. Интересен е податокот што во средниот век за претставување на смртта не се користела косата како денес, ами српот.

Во пантеонот на паганските богови на различни индоевропски и словенски народи се наоѓа и божицата Мара или Морана која држи срп во левата рака, исто како и хиндуистичката божица на смртта Кали, сестрата на Шива.

Интересно е да се забележи дека и орелот на грбот на револуционерна Австрија исто така држи срп во левата канџа, на истата страна на која се наоѓа оваа алатка на советскиот грб.

Голем број населби, села и железнички станици на територијата на денешна Русија, Украина, Белорусија и Казахстан носат назив „Срп и чекан“.
Една од најголемите металуршки фабрики во Москва, која пред револуцијата била во сопственост на францускиот трговец Жил Гужон, била преименувана во „Срп и чекан“.
Во СССР постоел и посебен златен медал „Срп и чекан“ кој го има осмислено личниот архитект и дизајнер на Сталин, Мирон Мержанов. Овој медал го добивале носителите на звањето Херој на социјалистичкиот труд, како и оние кои биле одликувани со Ленински орден, така што се сметал за медал од највисок ранг во СССР. Го имаат добиено вкупно 19.000 лица.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња