***
Можеби доцна, можеби мигот беше ран,
Не се мислев со години на ред,
Почнав да личам на Дон Жуан,
Како вистински ветрушка-поет.
Што ли се случи? Што ли ми стана?
Секој ден во нечиј друг скут,
Вознемирен од прељубата на таа дама,
Постојано си бев на себе лут.
Отсекогаш сум сакал срцето да неми
Во тие чувства нежни и прости,
Што ли барам во очајот на тие жени –
Лекомислени, лажни и пусти?
Презиру мој, дојди да ме скриеш
Секогаш сум бил од тебе обележан.
Во душава клокоти ладен вриеж
И шушкање на синиот јоргован.
Душава ми е со лимонова светлина на зора,
Порака иде низ маглата – слушни ја, –
За слободата на чувствата да се врати мора,
Дон Жуан, фрлената ракавица прими ја.
И спокојно го прифаќам тој предизвик
Дека ми е сеедно сега гледам –
Виулицата или на мајскиот цвет лик,
Љубовта и чувствата не ги следам.
Така се случи, ете тоа ми стана,
Секој ден во нечиј друг скут,
Среќата не ја залечи таа рана,
Од прељубата отровот лут.
13 декември 1925
***
Човек како мене вака се забавува:
Прстите в уста и си свиркам сал.
За мене почна да се зборува,
Оти сум хулиган и цар за скандал.
Ах, колку смешна загуба, воопшто не е строга!
Од такви нешта во животот не се бега.
Срам ми е што бев верувал во Бога.
Горко ми е, што не верувам во него сега.
Златни далечини мали!
За тоа да платам морам.
И бев хулиган и правев скандали
Со цел посилно да горам.
Дарот на поетот е да ласка и да шкраба,
Има тој печат судбоносен и клет.
Белата роза со црната жаба
Сакав да ги венчам јас на овој свет.
И нека не се остварија, безбели,
За розови дни замислите.
Но, ако ѓаволот во душава ми се всели
Значи во неа живееле ангелите.
Со моите весели и дрски крикови
Одејќи во другиот свет, со време,
Сакам во последните мигови
Да ги замолам тие што ќе бидат крај мене, –
За сите мои гревови тешки,
За благодетот во кој не верувам
Да ме стават во руска кошула, ќешки
Под иконите да умирам.
1923
***
Слушај иде снежната кочија, снежната кочија иде.
Убаво е во непознато поле со саканата да се биде.
Срамежливиот ветар во воздухот се рони,
По голата рамнина прапорецот ѕвони,
Ех ти, снежна кочијо! Коњу жолтогрив мој!
На полето ене јавор – танцува пијан тој.
Да одиме кај него и да го прашаме што го мачи,
Па да заиграме тројцата дур хармониката јачи.
1925
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче