Најпознатиот кондуктер од Санкт Петербург

Тимур Ханов / kp.ru
Најпознатиот и најколоритниот кондуктер во тролејбус од Санкт Петербург Виктор Лукјанов, кој планираше да си даде оставка поради изживувањата од страна на колегите, реши да остане на своето работно место. Каква е приказната за овој познат градски херој?

Кондуктерот на тролејбусот со број 8 Виктор Лукјанов е една од „градските легенди“ на Санкт Петербург. Во текот на две и пол години колку што работи на тролејбусот тој успеа да се прослави во целата земја, благодарение на својата интересна надворешност (истакнати гусарски мустаќи, бела како снег кошула со кравата) и на необичното однесување, кој не е карактеристично за еден кондуктер. Тој патниците ги честел со бонбони, им плаќал билет на „заслужените жители на градот“ (така Лукјанов ги нарекува пензионерите, инвалидите и бремените жени), пред Нова година се облекувал како Дедо Мраз, а за време на Олимпијадата го украсил тролејбусот со балони и им ги кажувал на патниците најновите подвизи на руската репрезентација.

Уште на времето, во 2014 година, однесувањето на кондуктерот не им се допаднало на сите. „Олимпискиот тролејбус“ само четири пати ја извозел својата маршрута, по што се вмешало раководството кое побарало да се отстранат сите украси.

Без оглед на тоа, кондуктерот продолжил да го украсува своето работно место за секој празник – Нова година, Денот на победата, Денот на градот, па дури и за Денот на вљубените.

Отказ на свое барање

Но, пред неколку дена Виктор Лукјанов поднел оставка. Тој вели дека причината за неговото заминување е конфликтот со колегите од диспечерската служба.

Како алтернативи Виктор Петрович ги разгледува професиите како што се актер, чувар на Ермитаж или кондуктер во автобус.

Кога приказната со заминувањето на кондуктерот почна да зема замав, на сајтот Change.Org се појави петиција со барање да не се дозволи заминување на Лукјанов од неговото омилено работно место. Исто така во заштита на „најдобриот кондуктер во Санкт Петербург“ застана пратеникот од Единствена Русија Александар Сидјакин.

Во тролејбуската компанија ветија дека нема да го отпуштат познатиот човек и дека со Виктор ќе ги разгледаат новите услови за работа, зашто тој има свое гледиште за развојот на системот за опслужување на патниците и измена во работата на градскиот транспорт, што ќе дозволи тој да биде повеќе ориентиран кон клиентите. Оние вработени што го навредиле кондуктерот се преместени во други работни единици, со цел слични конфликти да не се повторат во иднина.

Од офицер до кондуктер

За првпат Виктор Лукјанов се обидел да работи како кондуктер во 2009 година и тоа на трамвајската линија. За девет месеци тој станал најдобар кондуктер во градот, а по две години заминал да работи во тролејбус. Кога се вработил, Лукјанов си ветил дека колку што може почесто ќе вели „благодарам“, „повелете“ и „дозволете“ (зборот „благодарам“ го има научено на 79 јазици).

Необичното однесување на кондуктерот жителите на Санкт Петербург го прифатиле мошне топло: тетратката за впечатоци и предлози на Лукјанов е испишана со зборови на благодарност, со комплименти за чистотата, за убавите мустаќи на кондуктерот, а има дури и телефонски броеви. На сите оние што ги оставиле своите телефонски броеви, Лукјанов им се јавил и им ја честитал Новата година.

Сепак, пред да го пронајде својот повик, Виктор минал низ развод; живеел во влезот, но никогаш не се откажувал. Работел како градинар и како учител по ОТО во училиште, Лукјанов собрал пари за стан, а на крајот сепак се смирил со жена си. Претходно, уште во младоста, Лукјанов завршил воена школа, потоа во текот на 28 години служел на Далечниот Исток и заминал во пензија со звање мајор.

Рускиот текст на сајтот gazeta.ru.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња