Клавирска придружба – Нина Берберова
Ова е едно навистина интересно четиво, кое изобилува со интересно сиже, едноставна нарација и многу емоции. Расказот „Клавирска придружба“ на авторката Нина Берберова е еден од најчитаните во Македонија во последнава деценија. Централното внимание на оваа повест ѝ е посветено на една млада жена на која животот постојано ѝ дава жестоки лекции. Нејзината младост е без младост, нејзиниот живот е без вистински живот, нејзините успеси секогаш остануваат незабележани, а тагата се распрснува околу неа со космички размери. Да се биде статист во сопствениот живот – самото по себе е тажно. Но, да се љуби, да се посакува, да се гледа кон иднината со желба за совршенство, да се прават грешки, да се паѓа ниско и како Феникс да се издигне повторно од пепелта е многу тешко. Но, токму овие работи ја прават хероината на Берберова посебна. Токму тоа беше и поводот францускиот режисер Клод Милер да ја екранизира оваа повест на Берберова. Филмот имаше огромен успех во Европа, но ништо не може да се спореди со она што ќе го прочитате од самата авторка.
Нина Берберова е претставник на руската литературна емиграција од триесеттите години на минатиот век. Кога имала 21 година, заедно со својот сопруг В. Ф. Ходасевич емигрира во Германија. По Втората светска војна заминува во САД, каде што почнала да предава најпрво на Јејл, а потоа на Принстон. Никогаш не ги прекинала духовните врски со својата татковина, а во 1989 година го посетува СССР, каде што имале повеќе творечки средби со руските колеги. Почина во Филаделфија на 92-годишна возраст.
Слепиот музичар – Владимир Короленко
Мошне интересна приказна за едно слепо момче од југозападот на Украина. Во семејството на земјопоседниците Попељки на свет доаѓа машко дете, кое го добива името Петрус. Но, никој не се ни сомнева дека тој не гледа. Единствено неговата мајка се сомнева дека детето ѝ е слепо по изразот на неговото лице. По извесно време лекарите ги потврдуваат мајчините сомнежи. Целото семејство е во шок и во очај. Таткото на Петрус е добар човек, но него не го интересира ништо друго освен работата. Со болеста на детето ќе почне да се бори неговиот вујко Максим. Еден пролетен ден Петрус заедно со својата мајка и со својот вујко заминува на прошетка покрај реката. Возрасните не ја забележуваат растревоженоста на детето од изобилството впечатоци. Петрус ја губи свеста. По оваа непријатна случка мајката и вујкото се обидуваат да му помогнат на детето, осмислувајќи различни звуци и чувства. И токму тоа ќе го турне слепото дете во водите на музиката, каде што го очекуваат неверојатни нешта. Во 1960 година режисерката Татјана Лукашевич прави екранизација на оваа неверојатна приказна.
Владимир Короленко е руски писател со украинско-полско потекло. Уште како многу млад тој зел активно учество во револуционерното движење, за што бил испратен во Сибир. Неговата литературна активност била неоспорна кај критиката, но никој не можел отворено да зборува за тоа. Короленко важел за мошне голем мислител и се спротивставувал на какви и да се методи на репресија и на нехуман однос. Денес тој важи за еден од најталентираните и најинтересни руски автори од 19 век.
Волшебник – Владимир Набоков
Оваа повест Владимир Набоков ја напишал на руски јазик во 1939 година во Париз. Книгата на руски јазик за првпат е објавена во 1991 година во списанието „Звезда“. Оваа повест претставува и основа за најпознатиот роман на Набоков, „Лолита“. Главниот херој е возрасен човек, кого сексуално го привлекуваат помали девојчиња. Тој се жени за една вдовица, тешко болна жена, и тоа само поради нејзината дванаесетгодишна ќерка. По свадбата ќерката заминува да учи во гимназија. По извесно време нејзината мајка умира, а главниот херој го зема девојчето од гимназијата.
Владимир Набоков е еден од најконтроверзните советски писатели-емигранти, познат низ целиот свет по својот роман „Лолита“. Во неговото литературно творештво се вбројуваат стотини поеми, десетици новели, драми, преводи од руски и англиски, литературни критики и есеи. Неговите дела се предизвик за многу филмски и театарски режисери, а, во исто време, тој е и неизбежна фигура во изучувањето на светската литература од 20 век.
Раскази од Колима – Варлам Шаламов
Ова е првата збирка раскази на Варлам Шаламов, која ја обработува темата за животот на затворениците во ГУЛАГ-от. Авторот своите раскази ги пишувал во периодот од 1954 до 1962 година, откако се вратил од Колима. Овие раскази претставуваат еден вид реални исповеди на сето она што авторот го има видено и преживеано за време на своето седумнаесетгодишно прогонство во Колима. Зборникот содржи 33 раскази во кои Шаламов, кој одбива да пишува со класична нарација, па со тоа поставува нова традиција во литературата, документира интересни приказни со кои човештвото не е запознаено.
Варлам Тихонович Шаламов е еден од советските писатели од минатиот век што се основачи на таканаречената советска логорска литература. Во текот на животот тој бил постојана мета на Сталиновите репресии, а тоа го чинело и осумгодишно прогонство во рускиот Север. По паѓањето на советскиот режим Шаламов бил целосно рехабилитиран, за што сведочат и големиот број спомен-обележја низ цела Русија.
Чапаев и празнина – Виктор Пелевин
Ова е роман на познатиот современ руски писател Виктор Пелевин, кој е напишан во 1996 година. Делото е добитник на престижната литературна награда „Страник“ за 1997 година во номинацијата „голем формат“. Самиот автор за својот роман вели дека е „прво дело во светската литература, во кое дејството се одвива во апсолутна празнина“. Сижејната линија следи два лика: Василиј Чапаев и поетот-декадент Пјотр Празнина, а опфаќа два мошне интересни периода од руската историја: 1918–1919 година и средината на деведесеттите години од минатиот век. Според романот е снимен и филмот „Малиот прст на Буда“, чија светска премиера ќе биде на 1 септември годинава.
Виктор Олегович Пелевин е еден од најпознатите современи руски писатели. Неговите дела се преведени на многу јазици во светот, а добитник е на голем број национални и меѓународни литературни награди, меѓу кои и на „Мал Букер“, „Национален бестселер“ и „Големата книга“.
Роман со кокаин – Михаил Агеев
Овој свој роман авторот го издава под псевдоним во париското неделно списание „Илустриран живот“ (15 март – 5 јули 1934 година). Во целост е објавен во 1936 година од страна на издавачкиот колегиум на Париското друштво на писатели, а во СССР за првпат се појавува во 1989 година. „Роман со кокаин“ претставува раскажување на еден млад човек што живее во Москва во периодот пред и по Револуцијата. Тој зборува за својот развој од ученик до наркоман. Кулминациски момент на оваа психолошка исповед се моментите каде што главниот херој се анализира себеси отстрана, додека се наоѓа под дејство на наркотици. Во 2011 година режисерот Генадиј Сидоров ќе го сними и истоимениот филм, кој доживеа огромен успех како во Русија така и во цела Европа.
Михаил (вистинско име Марк) Агеев е руски писател, преведувач, филолог. Како преведувач во 1924 година со советски пасош успева да замине во Германија, а оттаму се преселува во Франција. На почетокот на Втората светска војна заминува во Истанбул, а во 1942 година бил депортиран во Советскиот Сојуз. Започнал да живее во Ереван, каде што и го завршува својот живот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче