Каде да се најде современа руска уметност во Венеција

Во Венеција е отворено 56 Биенале на современата уметност, едно од најзначајните светски уметнички манифестации. „Руска реч на македонски“ ја проучи програмата на годинашново Биенале и на своите читатели им ги претставува изложбите на кои можат да се видат дела на современи руски уметници.

Ирина Нахова 

Павилјон на Русија во паркот Џардини, од 9 мај до 22 ноември

 

Познатата московска уметница од кругот на „московскиот концептуализам“ оваа година има чест да биде првата жена што ја претставува својата земја во националниот павилјон во паркот Џардини. Инсталацијата под назив „Зелен павилјон“ е составена од пет дела и го прикажува односот на уметницата кон бојата. Дел од инсталацијата посетителите ќе можат да ја видат и на фасадата на рускиот павилјон која повеќе не е со боја на песок: со помош на декоративни панели Нахова ова архитектонско ремек-дело на Алексеј Шлусев повторни го обои во зелено, како што тоа го стори самиот архитект пред повеќе од сто години. 

Претставен рускиот павилјон за ЕКСПО 2015
Сергеј Чобан, еден од најпознатите руски архитекти во светот, првиот човек на SPEECH и сосопственик на берлинското биро nps tchoban voss, во Москва го претстави националниот павилјон на Русија за Светската изложба ЕКСПО-2015, која ќе се одржи во Милано од 1 мај до 31 октомври 2015 година.

«GLASSTRESS» 

Palazzo Franchetti, од 9 мај до 22. Ноември 

Овој редовен проект на Биеналето во Венеција е посветен на применетата уметност. Современите уметници претставија предмети од стакло произведено на островот Мурано во близина на Венеција. Годинашниов партнер на проектот е Ермитаж, а куратор на изложбата е Дмитриј Озерков, директор на одделението за современа уметност на Ермитаж. Благодарение на ова, третина од 50 учесници се руски уметници. На годинашнава изложба посветена на готиката од депото на Ермитаж се донесени раритетни предмети: од војнички трофеи и ракописи од 14 век до стаклени вази на Емил Гале во стилот арт нуво. Меѓу руските автори на скулптури од стакло тука се Иљја и Емилија Кабаков, Иван Пљушч и арт-групата Recycle.  

Арт-група AES+F. „001. Inverso Mundus“ 

Magazzini del Sale, од 9 мај до 22. Ноември

 

Руската арт-група чии дела, меѓу другото, се изложени во парискиот центар Помпиду, во Венеција се претставува со нова повеќеканална видеоинсталација чиј назив во превод од латински значи „Превртен свет“. Инспирација за оваа инсталација уметниците нашле во средновековните гравури на кои се прикажани апсурдни ситуации, кои своевремено го инспирирале и Хиеронимус Бос. Уметниците користеле интересни и трагични мотиви (прасиња што го делат месарот, стопани им подготвуваат ручек на слугите). Инсталацијата е проследена со класична музика, а средновековните мотиви се прикажани надреалистички. 

Наталија Першина-Јакиманска (Глукл) и Ољга Чернишова

Arsenale Novissimo, од 9 мај до 22. Ноември 

Уметничкиот директор и куратор на Биеналето Оквуи Енвезор повика две уметници од Русија за да се претстават со своите дела на изложбата во рамките на главниот проект под назив „Сите иднини на светот“ (All the World's Futures). Новите дела на руските уметници се изложени во централниот дел на експозицијата посветен на уметничкото гледиште на сегашноста и на иднината на светот. Ољга Чернишова која се занимава со фотографија и со видеоинсталации, изложи серија графички дела за провинциска Русија. Наталија Глукл, позната по своите перформанси и по учеството во арт-групата „Што да се прави?“, се претстави со концептуална инсталација на облека со која се искажува протест „против нерегуларниот избор“.

Марк Дион и Арсениј Жиљаев „Наследство од иднината“ 

Casa dei Tre Oci, од 9 мај до 23 август

Оваа изложба претставува заеднички американско-руски проект. Двајцата уметници се постконцептуалисти. На два ката од венециската палата уметниците формираа свој мал музеј сличен на познатата руска кунсткамера. Колекциите со наслов „Минато“ и „Сегашност“ ги има поставено Дион. Со „Иднина“ се занимава Жиљаев низ поставката „Колепка на човештвото“, посветена на замислената интерпланетарна корпорација која Земјата ја претвора во музеј на настанокот на цивилизацијата. 

Фотографиите се од слободни извори. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња