Борис Соколов. Фотографија: Павел Инжелевски
Веднаш ли заминавте на фронт?
Во 1941 имав 21 година. Поради војната факултетот (Серускиот државен институт за кинематографија „С.А. Герасимов“ – заб. ред.) го завршувавме пред време, а јас веќе бев на дипломска практика. Тогаш и започна формирањето на фронтовските кинематографски групи. Јас сакав да заминам, но ми одговараа „не“. Секако, јас разбирав дека најпрво ги праќаа искусните камермани. Снимање во услови на војна никој никогаш не нè учел. Во германската армија имаше курсеви за камермани, а ние немавме.
И, каде ве испратија? Во армија ве повикаа?
На почетокот ме испратија на одбранбените градби во близина на Москва, а потоа се вратив во студиото, кое беше евакуирано во Алма Ата (во тој момент во Казахстанската Советска Република). Со мене беше мојот другар, камерманот Миша Посељски. Тој по неколку месеци успеа да замине на фронт во кинематографска група, а јас останав во евакуација. Постојано барав да одам на фронт.
Зошто ви беше важно тоа?
Цела земја беше во војна! „Сè за фронтот, сè за победа“ – ова беше паролата. А, јас сакав да станам учесник во овие настани. За жал, на фронт заминав дури во 1944 година. Тоа беше последната група. Фронтот беше кај Варшава. Тој се задржа таму 3 месеци, а ние ја снимавме секидневноста на армијата.
Ви беше ли страв кога започна офанзивата?
Беше страшно, но додека работевме заборававме на стравот, иако имавме големи загуби. Во текот на целата војна на фронтот работеа 258 луѓе кои имаа снимено повеќе од 3.5 милиони метри 35-милиметарска филмска лента. Секој петти загина. Имаше ранети, повредени. нè прашуваат кој нè чувал на снимањата. Никој не нè чуваше, бевме оставени самите на себе.
Тешка ли ви беше камерата?
Кога беше комплетирана со сите објективи беше тешка. Тогаш немаше зумови, за различни големини требаше да се менуваат објективи. А, самата камера тежеше околу 3.5 килограми. Згора на тоа носевме касети. На камерата собираше 15 метри од 30-милиметарските филмски ленти, што е половина минута на екранот.
Ви беше ли забрането да снимате нешто? На пример повлекувањата?
Можевме да снимаме сè. Но, дали тоа ќе биде прикажано на екраните зависеше од цензурата. Јас не бев на фронтот кога претрпувавме порази, но според она што ми го кажуваа другарите, многу малку се снимало повлекувањето. Знам за случаи кога камерманите се обидувале да ги снимат моментите на повлекување, но војниците или бегалците ги молеле да не снимаат, и тоа често со закани.
Кои снимки ви се останати во сеќавањето?
Секако тоа е потпишувањето на капитулацијата од страна на Германија. Мене и на Посељски ни беше наредено да ја снимаме германската делегација. Мене особено ме восхити однесувањето на генерал-фелдмаршалот Кејтел (началник на Врховната главна команда на Вермахтот – заб. ред.).
Советски
сниматели пред воено-инженерската школа во берлинското предградие Карлсхорст,
каде беше потпишан Актот за безусловна капитулација на Германија. Фотографија од лична архива.
Како се однесуваше тој?
Како да не е победен, туку како да е победник. При излегувањето од авионот ги поздрави оние што го пречекаа со својот маршалски жезол, а на аеродромот го чекаше само обезбедувањето. Ниту едно официјално лице не дојде. Во салата за потпишување тој исто така поздрави со жезолот, но никој не му одговори. Кога Кејтел го потпиша актот, сметав дека е готово, дека војната заврши во тој момент. Се почувствува олеснување. За жал, се прелажав. Но, во тој момент имав токму такво чувство.
Колку што знам вие не го снимавте поставувањето на знамето на Победата на Рајхстагот. Се налутивте ли?
Тогаш немаше лутење. Во моментот кога се снимаше не размислувавме за значењето на знамето. Тоа беше епизода од војната. Ја зазедоа зградата и толку. Рајхстагот стана симбол на победата потоа, а не во моментот кога снимавме. Тој можеше и да не стане таков симбол. Дури не се ни сеќавам каде снимав тогаш.
Сега веќе е познато дека снимките се инсценирани...
За време на борбите беа раздадени повеќе од 10 знамиња кои постепено се појавуваа на различни катови од Рајхстагот, кои беа поставувани на прозорците. Ноќта од 30 кон 1 мај се појави знаме на куполата. Но, ноќе не можевме да снимаме, немаше доволно светлина, без оглед на пожарите. Многумина сметаат дека снимките се инсценирани, а всушност станува збор за обновување на фактите.
Фотографија од лична архива.
Во текот на војната не можевте да ги гледате своите материјали. Сте ги виделе ли вашите дела по завршувањето на војната?
Тоа се беше сосема случајно кога тие материјали почнаа да се користат за уметнички филмови. Во филмот „Големата татковинска војна“, која во странство се нарекуваше „Непозната војна“, можевме да видиме некои свои кадри. Инаку, така лично ништо немам видено.
И во филмот „Ивановото детство“ на Андреј Тарковски можат да се видат ваши кадри со познатата гилотина...
Тоа е во затвор во градот Познањ, Полска. Во една од просториите на тој затвор ја снимивме таа гилотина. А, понатаму не ни знаевме дека Тарковски ја има искористено. Ми кажаа подоцна. Тогаш ми текна дека ние ја снимавме.
Што мислите за филмовите за војната во боја? Вие тогаш практично немавте можност да снимате во боја.
Меѓу другото, филмовите од военото време кои сега ги направија од црно-бели во колор, ми оставаат многу помал впечаток. Во тоа време јас визуелно си ги претставував материјалите црно-бели, ние мислевме црно-бело. Немам желба да преминам на колор.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче