Дубл дв@ им поверува на солзите

Извор: РИА Новости

Извор: РИА Новости

На отворањето на филмскиот онлајн-фестивал на „Росијскаја газета“ – Дубл дв@ на 6 април, почесната награда „За придонес во филмската уметност“ ќе ја добие една од најпознатите филмски двојки на руското кино – Владимир Мењшов и Вера Алентова. „Руска реч“ се сеќава на нивниот познат филм „Москва не им верува на солзите“, кој во 2015 ја слави 35-годишнината.

Премиерата на „Москва не им верува на солзите“ се одржа во Москва кон крајот на 1979 година. Но, врвот на прикажувањето, кога филмот го изгледаа 90 милиони гледачи, беше во 1980 година. На 11 февруари 1980 тој за првпат беше прикажан на телевизија, а Оскарот во номинација за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје го доби една година подоцна, во 1981. 

Всушност, Владимир Мењшов за основа на филмот ја зеде популарната холивудска структура на „женски филм“. Во 1959 година во Америка се појави успешната мелодрама „Најдоброто од сè“ за проблемите на современите тогашни „нови“ слободни жени, кои доаѓаат во Њујорк со желба да направат кариера во издавачкиот бизнис и добро да се омажат. Имено, во фактот дека нивните судбини се развиле различно се наоѓа и тајната за успехот на филмот, со што се покажува дека не постојат универзални правила за достигнување на целите во работата и во љубовта. „Москва не им верува на солзите“ се смета за приказна за една Пепелашка, но, притоа, многумина забораваат дека на почетокот беа три другарки – упорната Катерина (Вера Алентова), лекомислената Људмила (Ирина Муравјова) и скромната Антонина (Раиса Рјазанова), и траекторијата на судбината на двете последни правилно го исцртуваат основното сиже. Оваа шема подоцна се пресели во Америка и доведе до појава на „Сексот и градот“ и на „Девојки“. 

Дубл дв@ за целиот свет
На сајтот на „Росијскаја газета“(d2.rg.ru) во периодот од 6 до 20 април ќе се одржи онлајн-филмскиот фестивал Дубл дв@.

Советската филмска индустрија се покажа добра за опстанокот на долгорочните двојки. „Москва не им верува на солзите“ од Мењшов и од Алентова направи легенди на осумдесеттите, какви што беа Григориј Александров и Љубов Орлова во триесеттите и во четириесеттите години од минатиот век. И меѓу овие двојки има многу заеднички работи. Може да се каже дека „Москва не им верува на солзите“ стана за двајцата „Светол пат“, приказна за советска Пепелашка, која на почетокот многу работи, има направено успешна кариера, па дури потоа го добива својот принц, иако доцна, иако намачен, но, сепак, сигурен. Исто како и Орлова, која одигра млад передовик на производството на 38 години, и Алентова ја одигра улогата на девојка што е дојдена да ја покори Москва, студентката Катерина Тихомирова, на иста возраст. Сепак, тоа не се одрази на филмот, зашто вториот дел се случува по многу години, така што хероината што станува мудра ја наоѓа својата среќна судбина. 

Но, приказната за Пепелашка претрпе цинична трансформација. Во триесеттите и во четириесеттите години од минатиот век не беше можно да се мине преку депресијата по разочарувањето, а да не зборуваме за постоењето на сексуален живот. Катерина минува преку пеколот на самохрана мајка, која забременила од неодговорен мамин син и откако ќе го слушне прекорот од страна на тогашните државни органи за нејзиното место во советската хиерархија, таа тргнува кон врвот по единствениот пат – преку тешка работа и ноќно учење. 

„Маша и Мечокот“ победија!
За првпат во историјата едена руска анимирана серија победи на престижниот фестивал Kidscreen Awards во Мајами.

Токму фактот дека таа е самохрана мајка е и причината поради што филмот беше критикуван. Интернационалниот успех на филмот може да се објасни и со тоа што Мењшов речиси и не задоцни со светските трендови – Кодексот за производство на филмови во Холивуд беше изумрен кон крајот на шеесеттите години од минатиот век, а, според него, беше категорично забрането да се прикажува секс пред бракот. „Лекомислената“ Катерина, која му се предава на снимателот Рудољф од Останкино, предизвика лавина критики од страна на чиновниците, кои не сакаа да видат вакви хероини на екраните. И, само приходите и Оскарот го омекнаа односот кон „оваа плачлива мелодрама, недостојна за советската жена“. 

Сторијата за тоа како Мењшов добива Оскар е типичен пример за тоа време. Режисерот не го пуштија да замине на врачувањето на филмската награда, а тој, откако ја дознава веста од телевизија на 1 април, помислува дека е тоа шега. На таков начин филмот ја продолжи традицијата на добивање Оскар за руските филмови во речиси секоја декада – „Војна и мир“ ја доби наградата во 1968, „Дерсу Узала“ во 1975, „Изморени од сонцето“ во 1994 година. Потоа статуетките се чуваа во Државната кинотека, а Мењшов практично мораше да ја узурпира. Тоа се случи во 1989 година кога нему му беше доделена наградата Ника, па Оскарот му беше даден за да го „подржи“. Мењшов не ја врати статуетката, и за тоа сосема имаше право. Исто како што неговите хероини доаѓаа до среќата по тешки патишта, и тој, на крајот, физички стана сопственик на најценетата награда во светската филмска индустрија. И времето потврди дека успехот е заслужен. 

Филмовите од онлајн-фестивалот Дубл дв@ можете да ги гледате со англиски титли на: http://d2.rg.ru/. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња