Руски стипендии за македонските студенти

Извор: Рамиљ Ситдиков / РИА Новости

Извор: Рамиљ Ситдиков / РИА Новости

Секоја година Владата на Руската Федерација за македонските државјани доделува стипендии за добивање и за продолжување на високото образование на универзитетите во Русија. Изборот на специјалности што се нудат е многу голем – од класични науки до култура и уметност, а кандидатите имаат шанса да студираат и на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“.

Секоја година амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија заедно со македонското Министерство за образование и наука распишува конкурс за добивање стипендии за школување во Русија. На конкурсот можат да се пријават сите оние што имаат диплома за завршено средно образование (или, доколку го завршуваат училиштето во тековната година, свидетелства од претходните години) или диплома за завршено високо образование, доколку сакаат да заминат на магистратура. 

Првиот конкурс беше распишан уште во 1996 година откако беше потпишана билатералната спогодба за меѓувладина соработка во областа на културата, образованието и науката. На почетокот, во текот на неколку години се доделуваше по една стипендија, но со текот на времето нивниот број се зголемуваше. Оваа година квотата за Македонија изнесува дури 25 места, од кои 24 за редовни додипломски студии (вклучително и магистерски студии) и една стипендија за постдипломски студии (ординатура по медицина). Кандидатите имаат можност не само да ја изберат својата идна специјалност, ами и местото каде што тие ќе студираат. Во пријавата што треба да ја пополнат сите подносители, може да се изберат до шест високообразовни институции (но, не повеќе од две во еден федерален округ). Во повеќе руски како и во македонските високообразовни институции е воведена двостепена подготовка на високообразовните кадри според системот баклавар – магистер. Студиите за баклавар траат 4 години. Баклаварите имаат право да конкурираат за упис на магистерски студии каде што се студира 2 години. 

Што вклучува стипендијата? 

Како прво, добивањето ваква стипендија значи дека на македонскиот државјанин му се дава шанса да се стекне (или да продолжи со) високо образование во Русија бесплатно,  со оглед на тоа дека школувањето на странски студенти се плаќа. На пример, додипломските студии на правниот факултет на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ чини 5.500 евра годишно, а магистратурата на факултетот за политички науки при Санктпетербуршкиот државен универзитет чини 3.500 евра годишно. Освен тоа, за време на студирањето студентите добиваат државна академска стипендија без оглед на успехот и им се обезбедува место во студентски дом според истите услови кои важат и за руските државјани 

Треба ли да се знае руски? 

Краен рок за поднесување на документите е 18.3.2015 година, а истите треба да се предадат во секторот за наука и технолошко-технички развој при Министерството за образование и наука. Интервјуто со пријавените кандидати ќе се одржи на 20.3.2015 година во 10 часот во Министерството за образование и наука.

Познавањето на рускиот јазик не е задолжително за да се добие стипендија. Но, неговото познавање е потребно во процесот на студирање, со оглед на фактот дека наставата се одвива на руски. Токму поради тоа оние кандидати што не знаат руски во оној обем што е потребен, го учат јазикот на подготвителната година. Оваа обука исто така се одвива за сметка на федералниот буџет на РФ, а на студентите им се доделува стипендија. 

Зошто токму во Русија? 

Како што е познато, Русија е земја со долга и богата традиција во образованието, а овој квалитет високо се цени во целиот свет. „Стипендиите за студирање во Руската Федерација се од особено значење и интерес за нашите граѓани, имајќи предвид дека рускиот високообразовен систем е исклучително квалитетен и со навистина долга традиција“ – вели заменик-министерот за образование и наука на РМ Спиро Ристовски. – „За нас, како Министерство и Влада, важен е фактот што стипендиите се наменети за струки кои што се дефицитарни во нашата земја, како што се енергетика, односно нафтата и гасот, технолошките науки, рударството, медицината, класичната уметност, природните науки, односно математиката и физиката“. За можноста за добивање стипендии за ретки, но за Македонија потребни специјалности зборува и првиот секретар на амбасадата на Руската Федерација во Македонија Александар Алексеев: „Во моментов во Македонија се води активна дискусија за гасификација на земјата. За реализација на една ваква важна задача потребни се добро подготвени кадри, кои ги поседуваат најсовремените професионални знаења и умешност во дадената област. Русија нуди прекрасна можност за една таква обука“. 

Стекнувањето образование во Русија може да биде извесен гарант за понатамошно вработување. Веќе втора година по ред компанијата САСА (рудник САСА, Македонска Каменица) ги поддржува македонските студенти кои студираат рударство и геодезија во Екатеринбург, градот на Урал каде оваа индустрија е мошне развиена. За време на нивното студирање во Русија, компанијата на студентите им доделува финансиска помош во износ од 300 евра за секој студент. Откако тие ќе се вратат во Македонија, ќе им биде понудена работа во САСА. 

Подетални информации за конкурсот и за условите можат да се најдат на сајтовите на амбасадата на РФ во РМ и на сајтот на Министерството за образование и наука на РМ.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња