ТОП-6 ремек-дела на советската архитектура 1920-1950 година

Шуховската кула. Извор: AFP / EastNews

Шуховската кула. Извор: AFP / EastNews

Најдобрите примероци на советската архитектура биле изградени во првите 30 години од постоењето на СССР. Токму во тоа време Москва ја украсиле футуристичката Шуховска кула, помпезниот хотел „Москва“ и седумте стројни сталински висококатници. „Руска реч на македонски“ потсетува на најважните градби од процутот на советската архитектура.

Шуховската кула (1922, Владимир Шухов)

Советската власт го сметала радиото за најдобро средство за пропаганда во полуписмената земја, затоа и главниот радиопредавател во земјата требало да изгледа импресивно. Хиперболоидните конструкции на Шухов, кои во тоа време веќе се стекнале со популарност на меѓународните изложби, изгледале потполно футуристички, токму во духот на советската пропагандна уметност. Овие дизајни биле идеални за таква „тешка“ градба како радиокула: тие овозможувале да се направи конструкцијата истовремено да биде со големи димензии и да не биде кабеста. Така се појавила Шуховската кула – инженерско чудо и симбол на советското радио (а потоа и на телевизијата).

Адреса: Москва, метро "Шаболовскаја", улица Шаболовка, бр. 37

Куќата на Мелников (1929, Константин Мелников)

Архитектот Мелников ја замислил градбата во форма на цилиндар кога учествувал на конкурсот за изградба на Домот на Културата „Зуев“. Тој не победил на конкурсот, но својата замисла не ја оставил, туку ја развил: така приватната куќа на Мелников добила форма на два пресечни еден со друг цилиндари.  


Извор: Росијскаја газета

Идеологијата на раниот СССР отфрлала сè што било приватно и барала архитектурата да се потчини на колективните интереси. Во случајот со куќата на Мелников овој стремеж добил гротескни форми. Архитектот проектирал за сите членови на семејството една спална соба во која тие се претворале во „колектив на заспани луѓе“. Иако Мелников на секој начин ја  истакнувал блискоста на својот проект до чисто функционалната советска архитектура, цилиндричната градба со шестоаголни прозорци московјаните презрително ја крстиле „населена буржоаска ќелија“.

Мелников секогаш сакал од неговата куќа во иднина да направат музеј. Неговото отворање до неодамна беше одолговлекувано поради судскиот спор помеѓу наследниците на архитектот. Но во декември 2014 година „Куќата на Мелников“ беше отворена за посетители.  

Адреса: Москва, метро «Арбатскаја», Улица Кривоарбатска, бр. 10.

Култура 1 Култура 2

Во книгата на Владимир Паперни „Култура два“ (Architecture in the Age of Stalin: Culture Two Cambridge University Press, 2002) е изложен фасцинантен концепт за развојот на културниот живот во Русија. Според него, може да се издвојат два периода на руската култура кои се менуваат еден со друг на секои 20-30 години. Културата 1 спаѓа во епохата на револуција и “привикнувањето” на новите ветрови, Култура 2 е изразена преку навраќањето на традициите и  “зацврстување” на постојните тенденции. 

Разликите меѓу овие периоди во руската култура Паперни ги открива преку примерот со архитектурата како една од најилустративните уметности. Така, архитектурата на 1920 години (Шуховската кула, Куќата на Мелников) – провокативна и иновативна – авторот ја става во периодот на Култура 1, а градбите од 1930-50 години (хотелот „Москва“, сталиновските висококатници и сл.) – построги и поимпресивни – во периодот на Култура 2. Забележувајќи ги промените во културниот живот на земјата, Паперни раскажува како паралелно со тенденциите во уметноста се менувал и самиот живот во Советскиот Сојуз.

Зградата на Центросојуз (1937, Ле Корбизје)

Ле Корбизје - класикот на светската архитектура кој го создаде канонот за изградба на канцелариски градби – бил поразен од советскиот градежен бум во 1930-те. Тој зел учество и, се разбира, победил на конкурсот за проектирање на градби за Асоцијацијата на потрошувачките здруженија.


Извор: РИА Новости

На колосалната канцелариска зграда на улица „Мјасницкаја“ архитектот ги применил сите „пет појдовни точки на современата архитектура“ според кои до ден-денешен се градат повеќето канцелариски градби во светот. Овие принципи вклучуваат употреба на армирани столбови-носачи, рамни покриви-тераси, минимум внатрешни ѕидови, огромни прозорци-„ленти“.

За советскиот обичен човек таквото решение било, очигледно, премногу прогресивно. На московјаните не им се допаѓала огромната зграда на бетонски „потпори“ со минималистичка фасада. Поетот Осип Мандељштам пишувал за неа со иронија. „Во кристални дворци на кокошкини ножиња / Јас дури ни како лесна сенка нема да влезам“.

Адреса: Москва, метро "Проспект Мира", Улица Мјасницкаја, бр. 39.

Хотел “Москва” (Освалд Стапран, Леонид Савељев, Алексеј Шчусев, 1935, реконструирана  во 2004 година)


Извор: Извор: РИА Новости

На почетокот на 1920 години до Кремљ, на местото на сегашниот хотел „Москва“ требало да се изгради палата на трудот: огромни коцки од стакло и бетон, споени со аудиториум во форма на елипса. Требало да изгледа речиси како вселенскиот брод „Ентерпрајз“. Работата на Палатата на трудот набрзо била прекината поради високите трошоци и сложеноста на проектот. Наместо неа решиле да изградат хотел – потрадиционална, но не помалку грандиозна градба. Под  раководство на архитектот Шчусев „Москва“ бил изграден во помпезен, традиционалистички стил кој набрзо станал доминантен во градежништвото во 1930-50 години. Столбовите, сводовите и декоративните огради ја истакнале врската на советската архитектура со античките традиции.

Адреса: Москва, метро „Охотни рјад“,  ул. Охотни Рјад, бр. 2.

ВДНХ (1935-1954, разни архитекти под раководство на Сергеј Чернишев)


Извор: AP

Огромниот изложбен парк на северот на Москва бил создаден со цел советскиот граѓанин или турист да може во секој момент да ги оцени достигнувањата на земјоделието и индустријата на земјата. Од 70 павилјони на паркот половина наликуваат на храмови во царски стил. Столбовите, острите врвови, статуите, фонтаните се најдобрите традиции на тоталитарната архитектура.

ВДНХ, храм на човековиот труд
ВДНХ (Изложба на достигнувањата на народното стопанство) е отворена во 1939 година. Тоа не беше само еден од најголемите изложбени комплекси на светот. Тоа беше своевиден храм на човековиот труд.

Особено импресионира павилјонот Бр. 32, изграден во 1939 година. Првин се викал „Машинство“ и изгледал како хангар со стаклен покрив. Неговата пак внатрешна декорација потсетувала на храм на цивилизациите. На Месопотамија, во која наместо статуи на боговите и хероите боделе очи статуите на Машинец и Трактористка. На крајот на 1950 години до павилјонот е доградена градба со стаклена купола чија мрежеста структура  наликува на Шуховската кула. Оттогаш павилјонот е преименуван во „Космос“, а на просторот пред него е поставена копија на ракетата „Восток“ со која полетал Гагарин во вселената.

Адреса: Москва, метро ВДНХ, проспект Мира, бр. 119

Сталиновските висококатници (1952-1957, Лев Рудњов, Дмитриј Чечулин, Вјачеслав Олтаржевски, Сергеј Чернишев и други)


Извор: Lori/Legion Media

Центарот на Москва од разни страни го врамуваат знаменитите сталиновски висококатници – зградата на МДУ, три станбени згради, два хотела и Министерството за надворешни работи.

Најпрвин висококатницата во Москва требало да биде единствена, но апсолутно шокантна. Проектот за Конгресна палата – колосалната скалеста пирамида висока 500 метри и со статуа на Ленин на врвот – пропаднал поради војната: собраните за таа цел метални носачи буквално биле претопени во противтенковски пречки.

По војната проектот бил поделен на седум одделни згради кои личеле една на друга со стилот. Во тие градби архитектурата од сталиновската епоха конечно го нашла својот стил.  Тој ги комбинира светските трендови на полето на монументалноста (контурите на висококатниците се слични, на пример, со Емпаер Стејт Билдинг) и навраќањето кон древните култури. Со помош на орнаментите, столбовите, па и самата форма на висококатниците авторите-архитекти го истакнувале континуитетот на архитектурата на СССР во однос на културите од Древниот Исток, Индија и Кина.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.