Сара Брајтман: На МКС нема да ме интересира ништо земско

Извор: Михаил Синицин / Росијскаја газета

Извор: Михаил Синицин / Росијскаја газета

Сара Брајтман допатува во Русија во рамките на светската турнеја, но освен на музиката, пејачката овие денови мислеше и за претстојниот лет на вселенскиот брод „Сојуз“ кон МКС во својство на „вселенски патник“, така што во разговорот со новинарот на „Росијскаја газета“ постојано се префрлуваше од музичката на космичката тема.

Познатата англиска пејачка доаѓа во Русија по втор пат годинава. Во февруари таа го промовираше својот нов албум Dreamchaser. Сега, во рамките на светската турнеја, Сара Брајтман се врати во Русија со спектакуларно и драматуршко шоу, во кое песните во магичните ритами на Вселената се надополнуваат со светските хитови (меѓу нив се Venus And Mars на Пол Маккартни и „Песната на Индија“ на Рисмкси-Корсаков) и со фантастично лајт-шоу на фонот на картата на ѕвезденото небо. 

Албумот Dreamchaser е нетипичен за вас. Во него речиси и да нема убави оперски партии, а симфонискиот оркестар е заменет со синтисајзер. Се чини дека овој диск за вас претставува обид да проникнете во тајната на Вселената. Или, пак, вие решивте да одлетате во вселената за подобро да се запознаете себеси, а, можеби, и потоа да го измените својот живот и творештво? 

С.Б.: Отсекогаш сум сакала да снимам албум во кој ќе има многу пространство, воздух и магична, привлечна атмосфера на Вселената. При тоа сакав да користам и иновациски електронски тембр и творештво на композитори кои се специјализирани за космичка музика... Долго се стремев кон тоа, го проучував животот на Вселената и еве, сега, на крајот успеав да го издадам дискот Dreamchaser, во кој има многу космички звуци. 

Би сакала да слетам на Марс
Валентина Терешкова, првата жена-космонаут во светот, зборува за својата подготовка, за далечните летови и за тоа што разговараат космонаутите кога се среќаваат на Земјата.

Што очекувам од претстојниот лет?! Во секој од нас постои тежнеење кон истражување. Јас, на пример, обожавам да патувам по непознати земји и да дознавам нови работи. И уверена сум дека во Вселената се случува нешто што нам ни е непознато, а со нејзиното проучување, можеме да ја дознаеме иднината на нашата еволуција... Не знам дали на овој лет ќе успеам да допрам до некои досега непознати тајни на космосот?! Секако дека би сакала. Но, на крајот на краиштата, овој лет за мене ќе биде полесен како за уметник: се надевам дека тој ќе ми подари инспирација за идното творештво и за новите албуми... 

Во Русија доаѓате по втор пат годинава што не е типично за ѕвездите. Имате ли намера подобро да се запознаете со земјава од каде треба да полетате во космосот? 

С.Б.: Отсекогаш ми се допаѓало кога настапувам во Русија. Сега, пак, особено ми е важно да пеам тука, имајќи ја предвид мојата замисла. Имам ли земено на турнејата некакви книги или научни учебници за космосот? Секако, јас сум човек кој планира сè и кој за сè се подготвува однапред. Затоа во слободно време читам многу полезни книги и гледам филмови. 

Во јануари започнува вашата подготовка за лет на МКС. Од кои пороци требаше да се откажете поради тоа? 

С.Б.: Па, некакви особени пороци немам. Иако, можеби, ќе дознам дека ги имам кога ќе пристигнам во Ѕвездениот град и кога ќе почнам да се подготвувам за вселенското патување (се насмевнува). Всушност, веќе се запознав со командирот на мојот иден екипаж. Тој е многу помлад од мене (се смее) и има големо искуство, тој е еден од најдобрите! Згора на тоа, веќе има летано на МКС пред извесно време. 

Каква музика би сакале да понесете со себе на патот во вселената? 

С.Б.: Мислам дека не е многу паметно да се зема некаква музика, зашто секогаш треба да бидам фокусирана, внимателна и да бидам во контакт со останатите космонаути. Ме очекува мошне интересно и забавно патешествие, така што нема да ме интересира ништо земско.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња