Извор: Денис Русинов / ТАСС
Претседателската и Руската национална библиотека подготвуваат проект кој претендира на успехот на руската Википедија. Според зборовите на шефот на службата за односи со јавност на Претседателската библиотека Валентин Сидорин, вработените во библиотеките нема да го пишуваат енциклопедискиот материјал од нула. Тие имаат намера само да го систематизираат, дигитализираат и направат со отворен пристап материјалот што веќе го имаат на располагање и кој е посветен на сите аспекти од историскиот развој на Русија.
„На тој начин започнато е создавањето на алтернатива на Википедија. Анализата на наведениот ресурс покажа дека тој не е способен подробно и веродостојно да информира за руските региони, животот во земјата“, резимира Сидорин во интервјуто за „Руска реч на македонски“.
Новата електронска енциклопедија ќе биде организирана по принципот на електронска библиотека. Секој нема да може да внесува корекции – како што секој нема да може да ја коригира содржината на една книга. „Но ќе може да ги дополнува со други изданија и предлози. Ние работиме со читатели, работиме со луѓе, активно комуницираме со оние кои ни предлагаат нови ресурси“, заклучи Сидорин.
Алтернатива на Википедија или едноставно енциклопедија?
Без оглед на тоа што принципот на работата на идниот извор на информации за Русија во корен се разликува од работата на Википедија, во руските медиуми него не го нарекуваат поинаку освен „алтернатива на Википедија“. Ова е поврзано, пред сè, со изјавите на директорот на Руската национална библиотека, Антон Лихоманов, еден од авторите на идејата.
Википедија ја создаваат над еден милион Руси според слободна лиценца. Да, серверите се наоѓаат во САД, како и во Европа и во југоисточна Азија. Во Русија нема сервери. Но Википедија воопшто не се контролира од американската влада. Во текот на целото постоење на ресурсот властите на САД ниту еднаш не се обидоа да го ограничат пристапот до енциклопедијата.
Станислав Козловски
извршeн директор на фондот Викимедија
Во април 2014 года, објавувајќи го создавањето на ресурсот на заседанието на Општествено-педагошкиот форум „Просветата во Русија“, Лихоманов изјави дека „во рускојазичниот сегмент на Википедија има околу милион пребарувања на час, сепак овој ресурс содржи многу грешки, а внесувањето исправки е практично невозможно“.
„Википедија се контролира од Соединетите Американски Држави и ние во секој момент можеме да се судриме со истата ситуација која штотуку помина со електронските системи за плаќање „Виза“ и „Мастеркард“, додаде Лихоманов, алудирајќи на тоа дека санкциите од Западот можат да го ограничат пристапот за Русите до најголемата електронска енциклопедија.
Иако Лихоманов многупати истакнуваше дека новиот ресурс треба да ја замени Википедија, Валентин Сидорин во интервју за „Руска реч на македонски“ тврди дека проектот сепак нема да се бори и да ѝ конкурира на Википедија. „Ние не се обидуваме да ја замениме Википедија. Ние сакаме да создадеме енциклопедија заснована на веродостојни извори.“
Сомнителна иднина на проектот
Извршниот директор на фондот Викимедија (непрофитна организација која се занимава со поддршка за Википедија во Русија) Станислав Козловски смета дека загриженоста за западни санкции во однос на руската Википедија е апсурдна. „Википедија ја создаваат над еден милион Руси според слободна лиценца. Да, серверите се наоѓаат во САД, како и во Европа и во југоисточна Азија. Во Русија нема сервери. Но Википедија воопшто не се контролира од американската влада. Во текот на целото постоење на ресурсот властите на САД ниту еднаш не се обидоа да го ограничат пристапот до енциклопедијата.“
Според зборовите на Козловски, во светот има само неколку држави кои се обидуваат да влијаат на Википедија, меѓу нив и Русија. „Седум апсолутно невини статии на Википедија се заведени во рускиот регистар на забранети сајтови. Ако некој може да го забрани пристапот на граѓаните до електронската енциклопедија, тоа е Роскомнадзор, а не Стејт Департментот.“
Козловски додаде дека во Википедија несомнено има грешки. Сепак 45 милиони луѓе ширум светот секојдневно внесуваат корекции во Википедија, исправајќи ги тие неточности.
Со оваа позиција се солидаризира и извршниот директор на асоцијацијата на Интернет-издавачи на Русија Владимир Харитонов. „Степенот на грешки во Википедија ќе го споредиме со степенот на енциклопедијата „Британика“. Креаторите на електронската енциклопедија за Русија не требаше да измислуваат топла вода. Подобро ќе беше ако ги насочија своите ресурси на подобрување на рускојазичната Википедија.“
Уште покатегоричен во своите оценки за енциклопедијата што се подготвува е Иван Засурски, раководител на Катедрата за нови медиуми на Факултетот за новинарство при МГУ. Тој воопшто не верува дека овој проект некогаш ќе се реализира.
„Секој обид за создавање „алтернативна Википедија“ по правило е поврзан со контрола на знаењето и неговото ширење. Впрочем, проблемот дури и не е во тоа дали новата енциклопедија ќе биде објективна или не. Работата е во тоа што неа просто нема да ја има. Сигурен сум дека тоа е пропаднат проект.“
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче