„Аврора, врати се!“

Извор: РИА Новости

Извор: РИА Новости

Туристите кои доаѓаа во Петербург првото нешто што ќе го направеа беше да отидат да го видат крстосувачот „Аврора“. Денес тие доаѓаат на кејот и ги шират рацете: а каде е бродот!? Каде исчезна главниот симбол на револуцијата, открива новинарот на „Руска реч на македонски“.

Крокодили наместо свештеник 

Крстосувачот „Аврора“ бил изграден пред речиси 120 години. По традиција, имињата на големите бродови во Русија им ги давал царот. Од списокот што му бил предложен, каде стоеле Варјаг, Богатир, Болјар, Полкан, Нептун, Николај II одбрал женско име. Аврора – така се викала богињата на зората во римската митологија. 

Првиот удар на крстосувачот му го нанела… руската војска! Тоа се случило во текот на руско-јапонската војна. Кога „Аврора“ пловела на Исток, за да ги напаѓа бродовите на јапонската флота, руската ескадра ја сметала силуетата на „Аврора“ за непријателски брод. Била донесена одлука да се отвори оган врз бродот. Како резултат на артилерискиот оган настрадале двајца, од кои едниот – свештеникот на бродот – починал. 

Набрзо екипажот бил пополнет со двајца нови патници. По патот до Јапонија во едно од африканските пристаништа морнарите зеле на бродот два крокодила. Бродскиот чекар на „Аврора“ во своите мемоари пишува колку му било страв да ноќева на крстосувачот: морал да живее со крокодили, питони, лемури, желки и камелеони. 

Еден од крокодилите, очигледно, не сакајќи да учествува во претстојната војна, повеќе сакал да скокне од палубата и да загине. Вториот избрал херојска смрт: починал во текот на битката кај Цушима. Впрочем, „Аврора“ бил еден од трите брода кои не потонале во таа поразителна за Русија битка. 

Лажен симбол на револуцијата? 

„Аврора“ го сметаат за најважниот симбол на револуцијата во 1917 година. Се смета дека токму тој со својот плотун им дал сигнал на револуционерите за јуриш на Зимскиот дворец, каде заседавале тогаш непријателите на болшевиците – Привремената влада. 

Претседателот на Петербуршкиот клуб на подморничари Игор Курдин, советник на губернаторот по прашањето за конзервација на „Аврора“, подготвува книга за најновата историја на крстосувачот. Следниве настани ги смета за вистински. Спроти револуцијата крстосувачот бил на ремонт. Болшевиците му дале задача на крстосувачот: да го сруши Николаевскиот мост на Нева на кој на двата краја стражареле питомците лојални на владата. „Аврора“ ја исполнил задачата и се закотвил недалеку од мостот. Во 21:45 навистина одекнал истрел од „Аврора“. 


Извор: Јури Белински / ТАСС

Јуришот на Зимскиот дворец почнал во 12 часот ноќта. „Не е можно сигналот да биде даден, а војниците да почнат да ја извршуваат наредбата по 2 часа“, ги шири рацете Курдин. Вториот аргумент е статијата во весникот „Правда“ од 29 октомври 1917 година, во која морнарите од „Аврора“ изразуваат протест по повод непроверените обвинувања: „Печатот пишува дека „Аврора“ отворил оган врз Зимскиот дворец, но знаат ли господата репортери дека огнот што би го отвориле од топовите не би оставил камен на камен не само од Зимскиот дворец, но и од соседните улици? Беше испукан само еден маневарски истрел од 150-калибарско орудие што претставуваше сигнал за сите пловила кои стоеја на Нева и кој ги повикуваше на зголемена будност и готовност.“ 

Како „Аврора“ стана актер 

10 години подоцна се случи настан кој дефинитивно го претвори „Аврора“ во симбол на револуцијата. Во 1927 година режисерите Сергеј Ејзенштејн и Григориј Александров по нарачка на партиското раководство го снимаат филмот „Октомври“. На режисерите им била потребна силна филмска приказна. Било решено во снимањето да ја вклучат и „Аврора“. Тој повторно, како и пред 10 години, застанал на Нева и испукала во правец на Зимскиот дворец маневарски истрел. Филмот бил монтиран така што неискусниот гледач, кој ги сметал сите кадри за документарни снимки, видел како наеднаш по истрелот маса луѓе тргнала на јуриш на Зимскиот дворец. Така, не само за советската земја, но и за целиот свет, (филмот активно бил прикажуван во странство) се родила легендата за истрелот кој божем послужил како почеток на новата ера во историјата на човештвото.  

Знамето како повик за непредавање 

Во текот на Втората светска војна „Аврора“ се наоѓал во градот Ораниенбаум (предградие на Петербург). Во 1941 година крстосувачот почнал да станува цел на напади на германски авиони. „Аврора“ се здобил со сериозни оштетувања и заринкал. Понатаму, сè до моментот на целосен престан на блокадата на Ленинград, „Аврора“ останал на своето место и продолжил да биде цел на артилериски напади, здобивајќи се со нови оштетувања. Дури и кога бродот останал без екипажот и вооружувањето,  „Аврора“ не го спуштил своето знаме, што предизвикувало гнев кај нацистите а ги охрабрувало бранителите на Ленинград: „Аврора“ стои - значи и градот е жив. 

Како бродот се здоби со постојана адреса 

По престанокот на блокадата во Ленинград почнала изградбата на училиштето „Нахимов“ кое било планирано како установа за образување на деца и млади, на деца на загинати морнари во војната. Меѓутоа за сместување на децата било потребен дополнителен простор. Било решено да се постави „Аврора“ на вечна стража на кејот, паралелно со зградата на училиштето „Нахимов“. Токму тука и доаѓаат туристите да ја видат легендата на руската флота. Кога „Нахимовците“ конечно биле префрлени на брегот, на крстосувачот направиле музеј и оттогаш секој заинтересиран може да стапне на палубата на бродот, да ѕирне во долната палуба, да го види топот од кој бил испукан маневарскиот истрел. 


Извор: РИА Новости

Кога ќе се врати „Аврора“? 

Во моментов „Аврора“ се наоѓа во Кронштат (предградие на Петербург), каде се врши плански ремонт на бродот. Според информациите од Министерството за одбрана,  враќањето на „Аврора“ на  претходното место се очекува летото 2015 година. Надворешниот облик на бродот во текот на ремонтот ќе биде сочуван, а поставката на бродскиот музеј ќе се смени. Вработените во музејот информираат дека таа повеќе ќе биде посветена на еволуцијата на бродоградбата и флотата, отколку на револуционерните настани. 

Го испраќаше целиот град 

Денес во статутот на Петербург постојат три официјални историски симболи на градот: тоа се Бакарниот коњаник, бротчето на шилестиот врв на зградата на Адмиралитетот и ангелот на шилестиот врв на Петропавловскиот соборен храм. Пред две години петербуршките пратеници дадоа предлог да се стави на тој список и четврта знаменитост – крстосувачот „Аврора“. Меѓутоа јавноста беше скептична на тоа: „Крстосувачот „Аврора“ и без вашите хартии беше и ќе остане симбол на Петербург“, ја коментира ситуацијата Курдин. 

Како доказ за љубовта на градот спрема „Аврора“ служат неодамнешното испраќање на ремонт. Додека го теглеа крстосувачот до фабриката, граѓаните кои дојдоа уште од рано утро на кејот му мавтаа. Некои дури и проронија по некоја солза, а некој извика: „Аврора, врати се побрзо!“

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња