Забранети филмови

„Ивановото детство„ на Андреј Тарковски (1962). Извор: Kinopoisk.ru

„Ивановото детство„ на Андреј Тарковски (1962). Извор: Kinopoisk.ru

По неодамна донесената забрана во Русија за нецензурирани изрази во филм, некои филмови не можат да добијат дозвола за прикажување. Критичарите и режисерите се потсетуваат како се бореле со советската цензура, за да не ја повторат истата грешка двапати.

Можел ли советскиот режисер да ги искаже своите мисли или едноставно го одразувал системот на советските вредности? За да се разбере какви биле односите на големите уметници со цензурата, треба да се проследи нивниот пат.

Табу за Бог 

За годините работа во Советскиот сојуз Андреј Тарковски успеал да сними само 5 филма. Ако во просек за работа на секој голем филм  трошел околу една година, тогаш 16 години Тарковски, според негово признание, бил невработен. Неговиот прв филм „Ивановото детство“, кој освоил „Златен лав“ на фестивалот во Венеција, во СССР буквално како на шега бил прикажуван само во кино-утро и бил рекламиран како филм за деца и млади. Официјалните лица ги збунувало тоа  што зад железната завеса филмот бил приман како пацифистички,  а во екот на Студената војна и на прагот на Кубанската криза тоа ѝ противречело на надворешната политика на Советскиот сојуз. 


„Ивановото детство„ на Андреј Тарковски (1962). Извор: Kinopoisk.ru

Секој филм на Тарковски станувал ремек-дело на светската кинематографија и секој бил подложен на жестока цензура. Во „Андреј Рубљов“ на цензорите не им одговарало изобилството на религиозни симболи. Како резултат на тоа, филмот бил скратен за 25 минути. 6 години по неговото снимање, на Тарковски не му дозволувале да режира. Поради сложениот филмски јазик прикажувањето на „Сталкер“ и „Огледало“ било ограничено, а печатот се одѕивал или негативно, или премолчувал. Само „Соларис“ имал помалку или повеќе среќна судбина. Иако официјалните лица ги иритирала филозофската линија и дискусиите за Бог и знаењето и побарале да внесе повеќе од четириесет корекции, овој филм бил доволно широко познат во СССР. 

Цензура во неколку етапи 

Андреј Смирнов, автор на култниот советски филм за воените ветерани „Железничката станица Белорусија“ се потсетува: „Јасно формулирани правила немаше. Сè зависеше од конкретен чиновник кој кажуваше да" или „не“. Притоа Госкино (каде што се носеа готовите филмови) беше само последната инстанција, цензурата започнуваше од првиот ден на продукцијата. Во студиото „Мосфиљм“ сценариото го читаа локалните уредници, потоа го разгледуваше уметнички совет, тим од кинематографи, сценаристи и режисери. Не поминуваше и без учество на партискиот комитет – локалниот орган на Комунистичката партија. И, се разбира, филмовите беа внимателно надгледувани во текот на снимањата”. 


„Железничката станица Белорусија" на Андреј Смирнов (1970). Извор: Kinopoisk.ru

Друга позиција застапува филмскиот критичар Виктор Матизен: „Без оглед на отсуството на инструкции за цензура, во секој конкретен случај можеше лесно да се определат причините за незадоволството на цензорите. Да речеме, жената-хероина во филмот треба да ги претставува сите советски жени. И ако таа, на пример, го изневерува мажот, кај цензорот веднаш  се појавува прашањето: „Што сакаш да кажеш со тоа? Зар сите советски жени изневеруваат!?“ Кога филмот „Жеравите летаат“ ја доби наградата на Канскиот филмски фестивал, во Сојузот никој не брзаше да го слави режисерот Михаил Калатозов: во мал коментар без фотографии во весникот „Известија“ по тој повод не беше наведено дури ни неговото име. А  сето тоа поради што? Велат, тогашниот советски лидер Хрушчов крајно негативно ја примил сижетната линија на филмот: оној дел, каде хероината го изневерува својот сакан кој заминал на фронт.“ 

Класна борба 

Во редот на најважните било барањето за „класен приод“. Обидот да се сведе сета сложеност на животот на идеолошко клише бил направен во однос на филмот на добитникот на Гран-при на Канскиот фестивал, „Сибиријида“ на Андреј Кончаловски. Во една од сцените геолозите кои вршат дупчење во близина на селските гробишта, најпосле наоѓаат нафта. Но поради испуштање на гас, настанува пожар кој постепено преминува на гробиштата. Селските жители се упатуваат кон гробовите на своите најблиски, но не ги пуштаат, поради страв од повторна експлозија. На екранот се појавуваат одвај забележливи појави – прошталните прегратки на мртвите и живите. На тие впечатливи кадри официјалните лица реагирале вака: „Симболичното братимење на живите и мртвите не треба да добива карактер на класно помирување.“ 

„Сибиријида“ на Андреј Кончаловски (1978). Извор: Kinopoisk.ru

Најмногу од сè Госкино се плашело од шифрирана критика на советскиот режим: цензурата достигала и до алегориската, фантастична нарација. Со забелешката „да се прецизира класниот систем“, „да се разјасни општествено-класниот аспект“ биле адресирани не само историско-револуционерните филмови, дури и оние со приказни за деца и со научна фантастика. Така било со сценариото на писателите на научна фантастика браќата Стругацки „Борбениот мачор се враќа на оној свет“: во вмешувањето на Земјаните во внатрешните работи на вонземјаните цензорите виделе лажен концепт на „извоз на револуција“. Без оглед на тоа што Стругацки се обидувале да земат предвид одредени забелешки, сценариото не било препорачано за режирање. 

Депонија на филмови 

„Може да се каже дека советскиот филм бил под скалпелот на цензурата. Да, имало скалпел, но имало и секира“, вели филмскиот критичар Валериј Фомин. - Цензурата остави огромна депонија на филмови и нереализирани проекти. Малку било да се забрани или да се скрати, требало да се казни. Тоа добивало чудовишна форма на јавно погубување.“ Кога режисерот Сергеј Ејзенштајн во 1935 година почнал да го снима „Бежинова ливада“ за пионерот Павлик Морозов кој си го кодоши таткото-непријател на советската власт, од него очекувале формално извршување на државната нарачка. Меѓутоа Ејзенштајн тргнал по друг пат: тој не давал политички оценки и воопшто советската реторика му била туѓа. Затоа филмот го забраниле, лентата со текот на времето била загубена, а друштвото на кинематографи организирало хајка против режисерот, што за малку ќе довело до негово самоубиство.

Новото лице на цензурата 

„Цензурата никаде не отишла, таа се враќа. Едноставно никој не ја нарекува цензура. Сега тоа се нарекува „неиздавање дозвола за прикажување“, вели Виктор Матизен. Од 1 јули  политиката за издавање ваков документ стана построга: новиот закон им дава право на службените лица селективно да дозволуваат дистрибуција на филмови за широка публика.  Државата ќе казнува за производство на аудиовизуелна продукција која содржи нецензурирана лексика. Во ноември во руска дистрибуција излегува филмот на Андреј Звјагинцев „Левиатан“, но тој значително ќе се разликува од авторската верзија: ќе биде надсинхронизиран и фактички подложен на цензура, согласно новиот закон.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија