Реклама на советски начин

Во СССР немаше потреба от комерцијална реклама. Извор: ИТАР-ТАСС

Во СССР немаше потреба от комерцијална реклама. Извор: ИТАР-ТАСС

Во западните земји преовладуваше рекламата за комерцијална роба, а во СССР – социјалната и политичката. А најважно е што таа скоро секогаш беше државна.

Во Руската империја до 1917 година, како и во западните земји, процвета трговската реклама: висечки фирми, рекламни огласи во весници и списанија, плакати... Сè се смени по Октомвриската револуција, која ја ликвидира приватната сопственост и воспостави нови правила на игра. Советската економија беше планска и во целост исклучуваше конкуренција.  Комерцијална реклама за таквата економија не беше потребна, таа едноставно не се вклопуваше во системот. Затоа процветаа социјалната реклама и пропаганда: на идеологијата и сè  што беше поврзано со неа, во Советскиот сојуз  посветуваа претерано големо внимание.

Револуционерната реклама 

„Кога болшевиците дојдоа на власт - раскажува експертот за историја на рекламата, професорот на Високата школа за економија Светлана Шомова, - паралелно со познатите декрети, како Декретот за земјата и Декретот за мир, тие издадоа документ кој можеше да се нарече „декрет за рекламата“. Уште во ноември 1917 Ленин потпиша Декрет за воведување на државен монопол врз огласувањето. Печатењето огласи за пари во периодичниот печат од тој момент па натаму беше прогласено за исклучиво право на државата и беше можно само во изданијата на владата или на Советите на народните пратеници.  Тоа веднаш го запре слободниот проток на информации, и рекламата се најде под контрола на државата“. 

Младата советска република имаше непријатели, како надворешни, така и внатрешни. Таа ситуација постави пред рекламата нови задачи, во прв ред политички. Се појавија плакати кои подоцна станаа  класични примери за советската пропаганда од времето на Граѓанската војна – „Ти се пријави ли за доброволец?“ и „Со црвен клин се избива бел!“. Беше потребно да се борат со масовната неписменост. На земјата ѝ беа неопходни заеми и требаше да се убедуваат луѓето да купуваат обврзници. Сите тие задачи требаше да ги решат составувачите на реклами и агитаторите. Без оглед на гладот и пропаднатото стопанство, болшевиците не жалеа пари за агитација. Се појавија агитациски возови и параброди кои кружеа по земјата и агитираа за новата власт. Во агитацијата беа вклучени најдобрите: големиот поет Владимир Мајаковски учествуваше во  „Прозорци на сатирата на РОСТА” – серија агитациски плакати со зајадливи римувани слогани. 

Новата економска политика 

На почетокот на дваесеттите години од минатиот век започна  краткиот период на НЕП (Нова економска политика) – болшевиците времено дозволија приватно производство и трговија. Тоа беше епоха на ресторани, крзно, шампањ, во некој степен ренесанса на раскошниот буржоаски живот кој го имаше до револуцијата. 

Благодарение на слободната трговија, истиот момент процвета рекламното творештво. Се појави здружението „Реклам-конструктор“ на двајцата авангардисти: футуристот Мајаковски и сликарот Александар Родченко. „Рекламата на Родченко и Мајаковски е направена во стилот на конструктивизмот. Таа фрапантно се разликуваше од претходно доминантниот во цел свет модернистички дизајн со внимателно смислените хармонични бои и женствените заоблени букви, изјави за „Руска реч на македонски“ Татјана Козлова, член на Сојузот на дизајнери на Русија. – Правите строги линии и упадливите остри бои – тоа било уметничко достигнување, плакатите им давале на луѓето сигнал дека ние сега живееме поинаку. Во светот таква естетика сè уште не постоела. До денешен ден за плакатите на руските конструктивисти има интерес во целиот свет“. Советските рекламни плакати до денес имаат висок рејтинг на аукциите ширум светот. 

Војната и повоеното време 


„Го изгубив прстенчето... (а, прстенчето имаше 22 дивизии)“. (1943). Извор: РИА Новости.

Најмаркантни составувачи на реклами за време на Втората светска војна беа Кукриникси (Михаил Купријанов, Порфириј Крилов и Николај Соколов) и Борис Ефимов (доживеа 109 години, почина во 2008 година). Тие креираа антифашистички плакати, цртаа антивоени карикатури за списанијата. На еден од плакатите нацистите маршираат, постепено претворајќи се  во надгробни крстови. 

Какво време - таква реклама. „Рекламата се развива на просторот што ѝ го оставаат, вели Светлана Шомова.  – По револуцијата процвета политичката реклама, во 1920-30 – социјалната реклама (да речеме, поврзана со борбата против неписменоста). По завршувањето на Втората светска војна главен стана производствениот плакат со темата „Да  го обновиме народното стопанство!“. А  во 1950-60,  кога индустријата се почувствува сигурно, започна развојот на излозите, изложбите, трговските марки,  комерцијалните плакати…“

Развојот на телевизијата 

Во шеесеттите и во седумдесеттите години од минатиот век советската реклама активно је освојува телевизијата. Впрочем, во СССР немаше комерцијална телевизија, сите канали во целост ги финансираше државата.  Телевизиските емисии никогаш не беа прекинувани со рекламни инсерти. Рекламата можеше да биде само меѓу емисиите, - како по правило  во форма на мали информативни филмови, а не како традиционалните рекламни филмови од половина минута, како што е обичајот сега. 

Така, во рекламниот филм за автомобилот „Запорожец“ водителот раскажуваше за неговите квалитети, потоа имаа интервју со директорот на автосалонот, кој се жалеше дека нови автомобили произведуваат малку и затоа тие се принудени да го продаваат претходниот модел...  „Промовирањето стоки и услуги не беше главната задача на рекламните соопштенија. Животот беше далеку од раскош и изобилие, во прв ред, рекламната дејност имаше информативна функција, воспитна (конструирање модели на однесување), функција на формирање културни практики“, објаснува Светлана Шомова. Плакатите и транспарентите на јавни места го формираа секојдневниот живот. На многумина им се познати плакатите од детството „Житото е народно добро – чувајте го житото“ и „Кога излевате, гасете светло“, кои подучуваа на определени правила за поведение, градеа систем на вредности. 

Постоеше и комерцијална реклама, но не за одделна роба, туку повеќе како за мрежа – за државно осигурување, системот Интурист, народната банка, компанијата Аерофлот. Рекламната кампања под заедничкиот слоган „Летајте со авионите на Аерофлот“ беше насочена меѓу другото и кон странците, кои ги користеа услугите на овој авиопревозник, единствен во СССР. 

Перестројката и отвореноста 

Во 1985 година на власт во земјата дојде Михаил Горбачов и почна политика на постепена либерализација. Во медиумите почна да се враќа критиката на општествените недостатоци, почна да има телевизиски мостови со САД, храбри младински емисии, каде млади водители зборуваа не со јазикот на бирократите, туку разговараа во неформална атмосфера на актуелни теми. Државата ја дозволи приватната претприемачката дејност, рекламата почна да има сè поголем комерцијален карактер, сè повеќе наликуваше на западната. Првите примероци на трејлери беа наивни поради немањето искуство, но постепено советскиот, а потоа рускиот медиумски простор се спои со светскиот и културните разлики почнаа да исчезнуваат. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња