9 најнеобични музеи во Русија

„Царски пат во несвесното„ во музејот на соништата на Сигмунд Фројд. Извор: ИТАР-ТАСС

„Царски пат во несвесното„ во музејот на соништата на Сигмунд Фројд. Извор: ИТАР-ТАСС

За Ермитаж во Санкт Петербург и московската Третјаковска галерија слушнале многумина. Но, доколку од музејот сакате нешто необично, оригинално или психоделично, обрнете внимание на нашиот список.

Да видите изба на современ руски селанец од провинција, да си поиграте со најдобрите советски електронски играчки од 70-тите, да го допрете светот на старата руска магија, да се фатите за срцето  за време на шоу на изроди и да го пуштите дедо Фројд во сопствените соништа – во руските музеи е можно сè. „Руска реч на македонски“ ги одбраа 9 најнеобични поставки во Русија. 

Музејот на соништата на Сигмунд Фројд  

Санкт Петербург


Извор: ИТАР-ТАСС

Сигмунд Фројд докажа дека сонувањето не е неповрзан делириум на мозокот кога одмора, туку „царски пат во несвесното“,  кој му открива на човекот непроценливо богатство на информации за светот и за себе. Во стара петербуршка зграда од XIX век се наоѓа Институтот за психоанализа и еден од трите музеи во светот, посветени на креаторот на револуционерната теорија. Просторот на музејот е инсталацијата. Сите негови површини се движат по различни рамнини. Овде има голем број на огледала и сенки кои создаваат кај посетителите ефект на сонување на јаве.

Музејот на гревот

Тамбов 


Извор: ИТАР-ТАСС

Во текот на 30 години патологот Јуриј Шчукин собирал страшни експонати: 700 тегли со човечки екстремитети, органи и ембриони зачувани во алкохол. Музејот е сличен на Кунсткамера (првиот музеј во Русија) или на хорор филм: дете со убаво лице и два мозока, бебе со пет очи, момченце со уши место очи. Специфичната колекција предизвикува, пред сè, одвратност. Затоа откако ќе ја видите поставката воопшто нема ни да ви се пие, ни да ви се пуши, нема ни да посакате да го изневерите саканото лице.

Домашниот музеј на баба Лида

Архангелска област


Извор: ИТАР-ТАСС

Баба Лида од селото Строевское собрала во својата изба колекција од традиционални битови предмети, орудија за работа и селски носии. Самата таа го води екскурзиите, а одржува и мастеркласови: подучува како да се мели житото во зрна на мал мелничен камен или како се вари двопек-каша. Гостите се перчат во старинска облека, пеат заедно мрсни песни во придружба на балалајка и пијат чај од самовар со домашни пити.

Музејот на змиите

Тверска област 


Извор: Lori / Legion Media

Денеска селцето, во кое се наоѓа музејот, го носи мелодичното име Приволжскиј. Но во старо време се викало Гадово (од рус. гад-змија) овде секогаш имало многу змии. Според легендата порано тука се наоѓало Змиското море – татковината на познатиот херој од руските сказни Змејот Горинич. Во музејот се претставени змии – од железо, од камен, од партали, од дрво. Особено ефективно е прикажан видот „зелена змија“ - алкохолот. Чудна коинциденција: токму во селото Гад порано работела дестилерија.

Музејот на советските апарати за видеоигри

Москва, Санкт Петербург, Казањ


Извор: ИТАР-ТАСС

Музејот наликува на временска машина: ви дозволува да се почувствувате како пионер во црвена марама. Овде се изложени над 60 апарати за видеоигри кои биле направени во СССР, - најомилените електронски играчки на генерацијата од седумдесеттите години од минатиот век. Може да се игра речиси на сите. Најпознати и најпопуларни се сметаат апаратите „Магистрала“, „Авторели“, „Поморска битка“ и Городки».

Музејот на погребалната култура

Новосибирск 


Извор: ИТАР-ТАСС

Меѓу експонатите на музејот посветен на погребалната култура во светот има  погребални коли, меморијална бижутерија од коси на покојници, снимки во специфичен „пост мортем“ фото-жанр, колекции со дизајнерска траурна облека од викторијанско доба, посмртни маски, статуи и споменици. Исто така, таму може да се види и импресивна колекција на ковчези. Еден од нив, во вид на риба, бил изработен од страна на гробарот Ерик Аџетеј кој специјално дошол од Африка во Новосибирск и кој се специјализирал за изработка на необични ковчези. 

Музејот „Тулските самовари“

Тула


Извор: Lori / Legion Media

Самоварот е симбол на рускиот идентитет. Тоа е прекрасен уред со испакната форма,  кој денес е заменет со чајникот. Најдобрите самовари секогаш ги правеле во Тула. Познатиот руски писател Антон Чехов зборувал дека патувањето со сопругата во Париз е исто како да патуваш во Тула со свој самовар. Музејот „Тулските самовари“, сместен во историската зграда која го носи името на императорот Александар II, е визит-картичката на градот.  Овде има огромен број самовари: од огромен 70-литарски, до ситен за три капки вода. 

Музејот на митовите и суеверијата на рускиот народ

Углич


Извор: Lori / Legion Media

Во музејот можете да направите екскурзија во светот на руските народни обичаи и празници, да дознаете многу интересни нешта за старите богови, верувања, шамани и волшебници, да се запознаете со словенската езотерична практика, да слушнете интерпретација на сказните и билините, да откриете за себе многу нови нешта за амајлиите и талисманите, за предзнаците и методите на лекување, да се запознаете со многу популарни, а и ретки гатања. Восочните фигури и куклите на „злото" се направени според легенди, книги, ракописи и преданија донесени од етнографски експедиции.

Музејот на сатира и хумор „Остап Бендер“

Козмодемјанск


Извор: Lori / Legion-Media

Дејството во една од главите на најсмешниот авантуристички советски роман „12 столови“ (на авторите Иљф и Петров) се случува во Васјуки. Овде беше одиграна симултанка со „големиот велемајстор“ (всушност – талентиран измамник) Остап Бендер на 160 табли и се правеа планови за одржување меѓупланетарен турнир во шах. Прототип за Васјуки стана градот Козмодемјанск, каде денес во стара трговска куќа е сместен музејот. Во две сали се чуваат предмети од битовиот живот кои го илустрираат познатиот шаховски турнир, ручекот во трпезаријата во Васјуки и новите фризури на Остап и Киса по престојот во берберницата „Стрижам и бричам овци“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.