Ермитаж е најдобар музеј во Европа

TripAdvisor анализираше што сакаат да видат и да посетат луѓето што патуваат.

Според рејтингот на најголемиот меѓународен портал за туристи и љубители на патувањата TripAdvisor, Државниот музеј Ермитаж е прогласен за најдобар европски музеј во 2014 година, а на списокот по него е Академијата за ликовни уметности во Фиренца и парискиот музеј Орсе. На светскиот список музеи Ермитаж се најде на третото место. 

„Сите убавини на светот собрани на едно место, му дозволува на вашето сознание да тргне на пат во која било земја и епоха“, вака го карактеризира Ермитаж еден од корисниците на ресурсот. Во моментов во 350 сали на музејот се поставени околу 3 милиони дела од ликовната уметност – од камениот век до денешен ден. 

Во светски рамки во рејтингот на туристичкиот сервис TripAdvisor пред знаменитоста на Санкт Петербург се најдоа Чикашкиот институт за уметност и Националниот антрополошки музеј во Мексико, кои го зазедоа првото, односно второто место. Според изјавата на директорот за односи со јавноста на Чикашкиот институт за уметност Ребека Болдвин, веста за лидерството во светскиот рејтинг за нив била неочекувана. Минатата година на врвот на овој список се најде Ермитаж. 

Во објавениот список на најдобри руски музеи по Државниот музеј Ермитаж, на второ место се најде Третјаковската галерија, а на третото Оржејната палата.

При составувањето на рејтингот се спроведува анализа на оставените впечатоци од страна на туристите за музеите во разни земји од светот што биле објавени на сајтот на TripAdvisor во текот на годината. Самиот Интернет-ресурс, пак, претставува заедница на туристи, која има повеќе од 60 милиони посетители месечно и содржи 150 милиони впечатоци и мислења. Оддели на TripAdvisor постојат во 30 земји.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија