Руски пензионери на пат околу светот

Фотографија од лична архива

Фотографија од лична архива

Русите Александар и Татјана Чемодурови по заминувањето во пензија успеаја да си ги исполнат своите соништа и да го обиколат светот. За оваа авантура тие ја потрошиле целата заштеда, па дури и морале да ги дадат под наем станот, гаражата и викендичката. Вакво уникатно патешествие не можат да си дозволат голем дел од руските пензионери.

Белешки од патувањето на пензионери од Русија 

Сонот во пензија 

Александар и Татјана ја имаат достигнато возраста за пензионирање и сакаат да се шегуваат  дека обајцата имаат 115 години. Александар порано работел во секторот за информации на Министерството за култура на Московската област, Татјана има мал бизнис. Брачниот пар Чемодурови се патници со стаж. Претходно имаат посетено над 80 земји. Но, пат околу светот бил нивниот сон. 

„Јас заминав во пензија минатата година и сфатив дека времето е дојдено. За реализација на таа цел ние имавме заштедено еден милион рубли (околу 20.500 евра). Сè на сè патувањето чинеше еден милион и 800 илјади рубли (околу 37.000 евра). Остатокот од парите го најдовме откако ги дадовме под наем станот, викендичката, гаражата“, раскажува Александар Чемодуров на прес-конференцијата во московското седиште на Руското географско здружение. 

Патниците тргнале на пат од Москва во октомври минатата година. Без особени тешкотии ја минале тогаш сè уште мирната Украина. На границата им ги одзеле електрошок-направите. Најпрво пензионерите се вознемириле, потоа неколку пати им се заблагодариле на царинарниците за покажаната ревност во работата. „Работата е во тоа што во некои африкански земји електрошок-направите ги изедначуваат со бојно оружје. Доколку би ги нашле кај нас, не знам дали би успеале да го избегнеме проблемот“, објаснува Александар. 

Со првите компликации патниците се судриле во Египет. Како што се покажало, на територијата на земјата можно e движење само со локални регистарски таблички. Додека Александар се занимавал со автомобилско-документациската бирократија, неговата сопруга, која ја оставил во пристаниште близу Александрија, ја нападнал рој муви. Кога се вратил, видел дека Татјана правела неописливи пируети за да се заштити од тие инсекти. Локалните жители стоеле отстрана и гледале. Потоа морале да објаснуваат дека Татјана вежбала руски национални танци. 


Фотографија од лична архива

Од Египет се упатиле во Судан, земја крајно затворена за странци. 

„Во Москва дури не ни успеавме да добиеме визи – успеавме да го направиме тоа дури во Каиро. Во Судан не работи ниту еден од трите навигатори. Таму нема хотели за туристи, а на жените им е забрането да се качуваат на сплав. Една ноќ моравме да ноќеваме во еден ан за дервиши – муслимански монаси што патуваат. Газдата љубезно ни ја отстапи својата соба“, раскажува патникот. За време на патувањето мошне често ги канеле на гости. 

Африканските патишта 

Движењето по патиштата на африканскиот континент е тема, за која треба одделно да се напише. Доволно е да се раскаже дека на влезот во секое село има импровизирана царина. „Патот едноставно го блокираат со јаже, покрај патот дежура човек со автоматска пушка. Прашањето е секогаш исто: дали носиме прехранбени производи? Моравме да ги вадиме резервите. Обично, тоа беа банани, набавени во соседното населено место – друга храна по патот нема да купиш. 'Царинарниците' ги конфискуваа тие банани откако ќе објаснеа дека кај нив 'увоз' од соседните села е забранет. Ако сакаме – можеме да купиме банани од нив“, раскажува Александар. 

Во текот на сите тие 10 месеци, патниците добиле само пет казни, од кои три во Танзанија. „Во локалната руска заедница нè предупредија дека кај нив на патиштата сообраќајците се сурови и дека треба да се биде повнимателен. Така и се случи – првиот пат нè запреа кога возевме со брзина од 45 километри на час. Но, радарот на инспекторите покажуваше 62. Беше бесполезно да се докажува што и да е, инспекторите наведуваа цврст аргумент: Ние петтемина видовме дека ја надминавте брзината. Вториот пат запревме кога брзинометарот на нашата кола покажуваше само 30 километри на час, - вознемирено раскажува Александар. - И повторно истите 62 на радарот. Третиот пат дојде до апсурд: ја намаливме брзината до 15 километри на час. Но, сепак бевме казнети“. 

Патем, според уверувањето на патниците, рускиот пасош бил најдобрата гаранција за нивната безбедност. „Откако ќе слушнеа дека сме од Русија, во Африка сите одеднаш почнуваа да се ракуваат со нас. Велеа: Знаеме: Путин, Калашников, чоколада – и нè пропуштаа, дури ни документи не ни бараа“, додава мажот. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња