Извор: Дарија Кезина
Во Екатеринбург по петти пат се одржа најстариот и најголемиот меѓународен фестивал на уличната уметност во Русија „Стенографија“. Во текот на еден месец десетици познати уметници од цела Русија и од други земји допатуваа со цел да остават своја трага на улиците на индустрискиот и културен центар на Урал.
Цртачите на графити го нарекуваат Екатеринбург „руска престолнина на стрит-артот“. Имено тука никна првата галерија на уличната уметност во Русија, тука живееше о работеше еден од основачите на рускиот стрит-арт Старецот Букашкин, чии дела се чуваат во одделот за ретки книги на Британската библиотека во Лондон. Имено во Екатеринбург државните службеници прилично лојално се однесувале кон графитите, секоја година давале десетици нови места за развивање на уличната уметност. Згора на тоа тие со задоволство истото тоа го направија и годинава: фестивалот беше посветен на светското првенство во фудбал 2018, на кое еден од мечовите треба да се одржи во Екатеринбург.
Овој пат почетната нота на фестивалот ја даде композицијата на екатеринбуршкиот уметник Слава PTRK „Заемна помош“, која во јуни влезе меѓу најдобрите светски графити според верзијата на порталот AdMe.ru. Огромни дланки кои се протегаат една кон друга на скалилата на градскиот кеј, станаа украс на градскиот пејзаж.
Гагарин на светот
Најзагадочен и најочекуван гостин на фестивалот беше легендарниот уметник од Мадрид Sam3. Шпанскиот автор, кој одамна ги покори Аргентина, Франција, Португалија, САД со своите монохроматски работи, за првпат ја посетува Русија. Тој работеше на силен дожд и остави за спомен 4 графити во вид на загадочни „сенки“ на фасадите на зградите во работните делови на Екатеринбург, на музејот за ликовна уметност и на територијата на областната детска клиничка болница. „Ми се допадна во Екатеринбург. Ова е град на парадокси и контрасти: ултрасовремени згради стојат едно до друго со приватни куќи од крајот на 19 век, такво нешто не сум видел. А, луѓето се многу добри и воопшто не се рамнодушни“, призна на крајот Sam3.
Постојаниот учесник на фестивалот, графитчијата од Харков Андреј Паљваљ, дојде на Урал од Украина, без разлика на сложената политичка ситуација. Тој ги восхити граѓаните, оставајќи на фасадата на една петкатна станбена зграда во центарот на Екатеринбург 15-метарска фигура на првиот космонаут Јуриј Гагарин со гулаб во рака. За основа уметникот ја зел познатата фотографија на космонаутот со бел гулаб, кој на Гагарин му го подариле бугарски пионери во 1961 година во Пловдив. Паљваљ смета дека трагичните настани што сега се случуваат во Украина имаат влеано во оваа слика нова смисла: судбината на светот се наоѓа во рацете на војниците. А, Јуриј Гагарин, како што е познато, бил воен пилот.
Фотографии: Дарија Кезина
Всушност, во Украина Андреј е познат како автор на најголемиот објект на уличната уметност. Во Харков тој има направени графит од 451.5 квадратни метри, каде тој исто така го има претставено Јуриј Гагарин. Паљвиљ ја одбележа особената топла атмосфера, која го опкружувала за време на својата неколкудневна работа во Екатеринбург: ниту еден минувач не ми кажа ниту еден груб збор, си работев спокојно и лесно.
Слободен простор
Младите уметници на познатата самарска група VGA (Визуелизација на графички асоцијации) се уверени: во руската култура графитите се појава која не е секојдневна, но повеќе не предизвикува такво отфрлање од страна на граѓаните, како што беше пред неколку години. Некои им приоѓаат на уметниците со „политички нарачки“: на пример, еден пензионер побара да се нацртаат портрети на Барак Обама и Ангела Меркел. Руските графитчии можат да се поделат на оние кои го поддржуваат влијанието на западните улични уметници (тие се мнозинство), на оние, кои користат туѓи идеи, и на самобитни автори, кои имаат свој препознатлив стил.
„Во Екатеринбург има многу стрит-арт, веројатно повеќе одошто во кој било друг руски град. Местата на кои цртаме графити во рамките на фестивалот се усогласени со локалните власти, па затоа нашите работи остануваат со години и никој не ги пребојува. А, во Самара, како и во поголемиот број други руски градови, графитите претставуваат нелегална работа, полицијата може да ни пријде и да не праша зошто цртаме на улиците, па затоа тоа го правиме по гаражи, кога никој не гледа. А, тука, во Екатеринбург постои слободен простор“, вели за „Руска реч на македонски“ учесникот на групата VGA Александар Пољаков.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче