Надежда Александровна Лохвицка (Тефи). Извор: AFP / East News.
Секој љубител на литературниот збор ќе каже дека најпознати руски прозни писатели на 20 век се Булгаков, Пастернак, Горки, Чехов. Речиси никој нема да ја спомене Тефи. Но, пред Октомвриската револуција Тефи била многу позната, првата литературна ѕвезда која обожавателите ја запирале на улиците на Москва. Нејзини големи почитувачи биле и Николај Втори и Ленин. Се состанувала со личности од високото друштво како што е Распутин, и за нив пишувала остроумно и бескомпромисно.
Храбро им се противела на тогашните трендови
Тефи е родена 1872 година во Санкт Петербург во богато семејство како Надежда Александровна Лохвицка. Се омажила во 1890 година и се преселила во внатрешноста. Сепак, Тефи не била личност која би сакала да ја сакаат другите и да им се потчинува на постоечките конвенции, така што по десет години се вратила во градот, со цел да отпочне писателска кариера.
Тефи го претставувала Распутин како ексцентрик кој треба да се сожалува, интригантна личност чија вртоглава популарност не предвидува ништо добро.
Намерно го избрала андрогиниот псевдоним – Тефи, кој претставува малку изменето име од една луда (Стефи), зашто се верувало дека лудите секогаш имаат среќа. Започнала како писател на сатирични статии и вињети за современиот живот. Влас Дорошевич, уредник на списанието „Руское слово“, во неа видел талент и ја поттикнал да пишува куси раскази. „Нека пишува што сака“, велел тој. „Чистокрвните арапски коњи не се користат за носење вода“.
Во збирката „Суптилно кажано“ може да се проследи развојниот пат на Тефи како писател – почнувајќи од живописните скици, сè до многу посериозни раскази. Остроумна, искрена и саркастична, таа подеднакво ги критикува и социјалистите и снобовите, а нејзините раскази се преполни со интересни и ненадејни пресврти. „Еден од нас“ е приказна за жена која на опера се сретнува со еден непознат човек, Тој ја фасцинира со своето знаење, но на крајот излегува дека порано работел таму како редар. Во збирката постои и краток расказ „Еден ден во иднината“ – остра сатира, мошне смела за 1918 година кога е објавен, зашто во неа Тефи пишува за опасностите од болшевичката власт: „Дури имаа намера да му испратат телеграма на министерот за просвета, но излезе дека сите тие се неписмени. Тогаш им текна дека и министерот е неписмен, па решија да се откажат“.
Хумор со сериозна заднина
Тефи во Македонија
За жал, македонските читатели немаат можност да се запознаат со литературата на Тефи на македонски јазик. Единствено нешто што може да се најде во македонските книжарници е нејзината збирка раскази „Распутин и други раскази“ на српски јазик.
Тефи, како Џејн Остин, умеела да ја забележи претенциозноста на другите, а нејзиниот стил се одликува со префинет сарказам кој потсетува на Оскар Вајлд. Мајсторски ја прикажува театралноста на децата и вешто се исмејува на привилегираните членови на општеството. „Кочијашот пукнува со уздите и момчето остана зад нив“, пишува таа. „Варењка се чувствуваше како богата и важна личност, па скромно ги напупчи усните за минувачот кого го испрска со кал да не ѝ завидува премногу“.
Покрај расказите, во книгата има и мемоарски записи. Тефи пишува за две вечери со Распутин со кого се гледала во 1916 година. Рамнодушна на претераното воодушевување кое го следело Распутин – но и на неговото постојано додворување – безмилосно го урива митот за овој прочуен мистик, претставувајќи го како ексцентрик кој треба да се сожалува, интригантна личност чија вртоглава популарност не предвидува ништо добро. На тој начин, како никој друг, таа го разобличува Распутин, кој е една од најпреценетите личности во историјата.
Она што ги прави овие раскази привлечни е скриено токму зад сарказмот и критичкиот став. Без оглед на тоа што нејзините ликови предизвикуваат потсмев, таа кон секој од нив има определена доза симпатија и нежност. Како да сака да порача дека можеби сите ние, со своите осуетени надежи и со ситничавата логика, повеќе потсетуваме на луди, одошто сме свесни за тоа.
Творештво во емиграција
По гаснењето на списанието „Руское слово“ во 1919 година Тефи заминала во Украина за промоција на своите книги и никогаш повеќе не се вратила во Русија. Се отселила во Париз, и таму наоѓа инспирација за нови дела во судбините на емигрантите. Оваа фаза од нејзиното расположение ја карактеризира мрачното расположение. „Маркита“ зборува за една Русинка која е принудена да се претставува како шпанска пејачка за да заработи за живот, и по своја вина ја прекинува љубовната врска откако ќе добие совет од еден свој пријател дека треба да се постави како „фатална жена“. „Волја Твоја“ е застрашувачки и тажен портрет на жена која менталното растројство ја доведува до самоубиство. Во сцените од селските имоти кои потсетуваат на оние од Чехов, избива извесна носталгија, а во расказот за столарот кој по 30 години се враќа во своето село, а луѓето се убедени дека е тој покојник што оживеал, Тефи користи мотиви од народните приказни.
Последниот расказ од оваа збирка го носи насловот „И немаше повеќе време“. Тој на читателите им остава најсилен впечаток. Во него Тефи го претставува своето детство со литературна постапка на тек на свеста. Во разговорот со таинствениот Ловец кој се одвива на снег, Тефи се кае и размислува за смртта. „Сакам само да зборувам без логика или ред“, пишува таа, „онака како што ми доаѓаат мислите’. Импресивната лична исповед покажува дека Тефи, иако веќе во поодминати години, примила некои елементи од европскиот модернизам. Тоа не е за чудење, зашто поголем дел од својот живот го има поминато во епицентарот на ова уметничко движење.
Литературна рехабилитација
Тефи починала во 1952 година. Списанијата во кои своевремено работела одамна престанале да излегуваат, а западните критичари сосема ја заборавиле. Советскиот Сојуз постоел веќе неколку децении и од сеќавањата на луѓето била истисната старата Русија, а самата писателка била доживувана како автор на хумористични раскази, чие време е поминато. Секако, ваквата оценка на литературната вредност на нејзиното дело не е воопшто точна.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче