Повеќе фотографии ќе најдете тука.
Вселенскиот брод „Планет Експрес“ со кој патуваат Фрај, Лила и Бендер, јунаците на популарната анимирана серија Футурама, се појавува одненадеж како да станува збор за акциска сцена од некој скап Ес-Еф блокбастер.
Прекрасен предел на град од иднината гледаме низ објективот на виртуелната камера која е сместена на леталото.
Радоста е кратка, зашто видеото трае само 30 секунди.
Постои уште едно дело кое прикажува 3Д модел и неколку скици на бродот „Планет Експрес“. Алексеј Захаров, 3Д-моделар од Москва, одлично го има оживеано пределот од својата омилена анимирана серија поради љубовта кон ретрофутуризам, вели тој за „Руска реч на македонски“.
„Овој некомерцијален производ го направив во слободното време“, објаснува Захаров. Станува збор за спонтана идеја, не планирав ништо големо. На почетокот направив само една зграда, каде што се наоѓа седиштето на „Планет Експрес“, а пота неколку населби околу неа, па потоа и половина град“.
Сакал да види како познатиот анимиран филм, кој сите се навикнати да го гледаат во 2Д, изгледа во 3Д облик, односно во форма која мошне потсетува на реалниот свет.
Захаров веќе долго работи на проектот „3Д Футурама“. Проектот го има работено во слободното време. Сепак, вели дека досега во проектот има вложено четири месеци континуирана работа.
Во работата на овој проект ги користел програмските алатки 3DS MAX, Adobe Photoshop и The Foundry Nuke.
Алексеј Захаров е роден во московската област, но веќе подолго време живее во Москва. Работи како стручњак за архитектонска визуелизација во фирмата „Villagio Estate“.
Како што сега стојат работите, не планира да направи долгометражна епизода на Футурама во 3Д. За таков зафат би морал да вложи многу во смисла на технологија, време и на уметничко изразување.
„Во моментов, најмногу што можам да направам е да изработам еквивалент на оригиналната најавна шпица. Но, не сакам ништо да ветувам однапред“, заклучува тој.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.