Погодно време за „Мајсторот и Маргарита“ во Македонија

Атмосфера од читачките проби во Македонскиот народен театар. Извор: Руска реч на македонски

Атмосфера од читачките проби во Македонскиот народен театар. Извор: Руска реч на македонски

Од крајот на јуни во Македонскиот народен театар започнаа пробите за претставата „Мајсторот и Маргарита“ под режисерската палка на Иван Поповски, Македонец кој долги години својата успешна кариера ја гради вo Русија. „Руска реч на македонски“ доби ексклузивна можност да види одблизу што се случува во најголемата македонска театарска институција.

По големите успеси што ги имаше со претставата „Идиот“ во Загреб и со „Мртви души“ во Марибор, Иван Поповски започна со работа над еден голем и мошне амбициозен проект во Македонскиот народен театар. Станува збор за претставата „Мајсторот и Маргарита“ според истоимениот роман на Михаил Булгаков. По долги години пауза, Поповски се враќа во Македонија како гостувачки режисер, со цел на македонската публика да ѝ понуди нешто ново и да ѝ прикаже еден поинаков пристап од оној кој досега сме го виделе во театрите низ земјава.  

Македонски народен театар во моментов  го прави  она што секој голем, сериозен и амбициозен театар просто мора да го направи: го театрализира романот 'Мајстор и Маргарита', еден од неколкуте најкомплицирани, но и најпредизвикувачки текстови на дваесеттиот век.

д-р Јелена Лужина

професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје

Мошне интересен е изборот на претставата. Малкумина режисери се нафаќаат да постават едно вакво дело на сцената, а уште повеќе и самите да бидат драматурзи на текстот. „Некако ми тргна по 'Идиот' од Достоевски во Загреб, по 'Мртви души' од Гогољ во Марибор, по две такви огромни и важни дела за светската литература, некако логично беше следното да биде „Мајсторот и Маргарита“ од Булгаков. Уште како средношколец, додека бев во аматерски театар, овој роман беше многу популарен, култен. За сите оние кои се постари од 45 години, ова е една од позначајните книги и книга која им оставила некаква трага, некаков впечаток на една генерација. Размислував што би било тоа што јас би го правел во Македонија по толку години неработење, нешто што би било интересно, зашто мене не ме интересира зошто е тоа важно денес, не ме интересираат прашањата за тоа што е актуелно, мене ми е важно тој материјал мене да ми е драг, мене да ме провоцира и како режисер и како човек, мене интуицијата да ми кажува дека тоа е тоа. Мислам дека е погодно време за 'Мајсторот и Маргарита' во Македонија“, ги споделува Поповски своите побуди за поставувањето на претставата во МНТ. 

Македонската ѕвезда заблеска на руското филмско небо
Минатата и оваа година македонската актерка Ирена Ристиќ може да ги окарактеризира како мошне плодотворни. По премиерите на двата филма, „Собата 409“ и „Влакна“, минатата година, и огромниот успех во возобновнета „Монолозите на трите вагини“ и во последните остварувања на Љубиша Георгиевски – „Случајот Елсинор“ и „Евангелие на глупоста“, Ристиќ оствари успешна ролја и во рускиот серијал „Кум“. Во ексклузивно интервју за „Руска реч“ таа зборува за својата улога, за соработката, за руската култура, како и за нејзиното доживување на еден ваков проект.

Еден од најпознатите македонски театролози и професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје д-р Јелена Лужина, исто така е фасцинирана од идејата за поставување на ова дело на театарската сцена. „Македонски народен театар во моментов  го прави  она што секој голем, сериозен и амбициозен театар просто мора да го направи: го театрализира романот 'Мајстор и Маргарита', еден од неколкуте најкомплицирани, но и најпредизвикувачки текстови на дваесеттиот век. Иницијатор и 'двоен' автор на овој проект, режисер и драматизатор на романот на Булгаков, е Иван Поповски (Скопје, 1969), ученик на легендарниот руски театарски гуру Пјотр Фоменко. Македонецот Поповски е, денес, исклучително ценет режисер со московска адреса и европска кариера“, вели професорката Лужина. 

Но, не само Лужина ја дели својата фасцинираност. Поставувањето на „Мајсторот и Маргарита“, згора на тоа и во режија на Иван Поповски, предизвика големо внимание и кај самите актери. Речиси целиот актерски колектив на Македонскиот народен театар, па дури и неколкумина пензионирани актери, секојдневно присуствуваат на читачките проби. „Не сум сигурна дека можам да кажам што значи поставувањето на 'Мајсторот и Маргарита' на нашата сцена, без тоа мислење да биде под големо пристрасно влијание од мојата огромна симпатија кон романот. На некој начин ова дело на Булгаков го доживувам како некое сопствено 'свето писмо' кое, кога уште одамна додека го читав, влијаеше на оформување на многу мои гледишта на животот. Покрај тоа ми е многу драго што го работиме со Иван Поповски, за чии успеси досега само сум слушала, а сега имаме можност и за соработка. Во секој случај мислам дека самиот процес и претставата ќе бидат возбудливо и убаво искуство за нашиот ансамбл и за нашиот театар“, вели младата актерка Драгана Костадиновска.  

МНТ има навистина голем број добри актери, па со ваква екипа можеш да се впуштиш во едно вакво патешествие, во една борба, во нешто непознато, зашто не знаеме што ќе се случи, како ќе завршиме, не знаеме како ќе оди до крај целава работа, со оглед на тоа дека ова е преголем залак, преголема провокација и премногу слоевит текст за да може однапред да се знае.

Иван Поповски

За Поповски, пак, освен што е предизвик да се работи едно вакво значајно литературно дело, големо значење има и актерската екипа со која тој работи на проектот. „Уште еден предуслов за да се постави 'Мајсторот и Маргарита', со оглед на тоа дека има навистина многу улоги, некои се помали, некои поголеми, но сите се запаметуваат, сите се едни мали дијамантчиња, е да имаш голем ансамбл. МНТ има навистина голем број добри актери, па со ваква екипа можеш да се впуштиш во едно вакво патешествие, во една борба, во нешто непознато, зашто не знаеме што ќе се случи, како ќе завршиме, не знаеме како ќе оди до крај целава работа, со оглед на тоа дека ова е преголем залак, преголема провокација и премногу слоевит текст за да може однапред да се знае. За некои текстови се знае, познато ти е како отприлика ќе започне, како ќе заврши. Ова е навистина едно впуштање во нешто непознато“, изјави ексклузивно за „Руска реч на македонски“ Иван Поповски. 

Во поглед на актерската екипа и на условите за работа, позитивни гледишта има и професорката Лужина, која предвидува голем успех. „Пробите за скопската постановка на 'Мајсторот и Маргарита' штотуку започнаа. Големиот, компактен и мошне мотивиран актерски ансамбл, високите технички можности на новата сцена на Македонски народен театар и добрите продукциски услови ги даваат сите претпоставки претставата  да стане вистински настан, не само театарски. Големата популарност на романот на Булгаков, кој на македонски бил преведен пред речиси четириесет години, а до денес има забележано дури шест изданија, дополнително го поттикнува интересот за претставата, чија премиера се очекува кон крајот на септември“, вели Лужина. 

Во меѓувреме, во просториите на Македонскиот народен театар активно продолжуваат пробите за претставата. Се осмислува сценографијата, се скицираат костимите, се воведува нова техника и се бараат алтернативни можности, кои ќе овозможат магијата од романот на Булгаков во целост да биде претставена на сцената. Нашата редакција ќе продолжи да го следи процесот на креирање на оваа претстава и постојано ќе ве информира за новините.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија