Елизавета Леонскаја
![]() |
Леонскаја е почесен член на Виенската концертна сала (Wiener Konzerthaus), а во 2006 година беше одликувана со Почесен крст „За наука и за уметност“ од прва класа. |
Елизавета Леонскаја
14.7.2014
Света Софија, 21.00
Елизавета Иљинична Леонскаја е едно од најголемите имиња на Мариинскиот театар. Веќе десетици години таа влегува во групата на најпознатите пијанисти на денешницата. Таа е една од ретките кои сè уште се придржува до прославената советска школа за пијано, продолжувајќи ја традицијата на најголемите руски и советски пијанисти, како што се Давид Ојстрах, Свјатослав Рихтер и Емил Гилељс. Неодамна од „еаСонус“ (eaSonus) е издаден нејзиниот најнов компакт-диск „Париз“ со делата на Равел, Дебиси и Енеску, а во план е и издание на сите Шубертови сонати. На годинашново издание на „Охридско лето“ таа ќе се претстави со солистички концерт.
![]() |
Володос има издадено бројни носачи на звук, меѓу кои најпознат е компакт-дискот „Володос го свири Лист“. |
Аркадиј Володос
19.7.2014
Света Софија, 21.00
Едно од позначајните имиња на современата класична музичка сцена е секако Аркадиј Аркадјевич Володос. Овој брилијантен пијанист со својата виртуозност и со своите аранжмани многу брзо и лесно, како што тоа го прави со прстите по клавијатурата, ја покори публиката ширум целиот свет. Него го нарекуваат „новиот Хоровиц“, со оглед на блескавата виртуозност, уникатното чувство за ритам, како и поради поетичноста, која го прави да биде еден од ретките музичари-романтичари во светот денес. Има настапувано во врвните светски концертни сали, каде диригенти биле имиња како што се Мјунг-Ван Чунг, Лорин Маазел, Валериј Гергиев, Џејмс Левајн, Зубин Мета, Сејџи Озава, Семјон Бичков и Рикардо Чаили. Годинава публиката на „Охридско лето“ ќе има можност да ужива во еден негов романтичен солистички концерт, кој, се надеваме, ќе ги разнежни срцата на сите присутни.
![]() |
Кирил свири на виолината „Страдивари“, на која Адолф Бродски ја изведувал светската премиера на Концертот за виолина на Чајковски на 4 декември 1879 година. |
Кирил Трусов и Александра Трусова
6.8.2014
Света Софија, 21.00
Кирил Трусов (виолина) и Александра Трусова (пијано) освен роднинската врска, тие се брат и сестра, ги спојува и уникатниот пристап кон музиката. Кирил се здобива со светска слава по огромниот успех во парискиот Théâtre des Champs-Élysées (Театар на Елисејските полиња) во 2009 година, каде настапувал со Националниот оркестар на Франција. По концертот публиката и критичарите биле восхитени од неговиот талент.
![]() |
Александра Трусова често настапува во најпознатите светски концертни сали со реномирани диригенти како Лорин Маазел, Јозеф Сук, Мајкл Тилкин, Волтер Велер и други. |
Тој често настапува со својата сестра, која исто така се покажала како извонредна пијанистка. Тие двајцата за издавачката куќа ЕМИ имаат снимено диск со рецитали од делата на Брамс, Бетовен и на Виењавски. Токму овој компакт-диск има освоено голем број меѓународни награди, кои се потврдени како со големата продажба, така и со позитивните критики. На „Охридско лето“ Кирил ќе свири на виолина „Страдивари“ која потекнува од 1702 година, а на која свирел познатиот виолинист од 19 век Адолф Бродски. Нивниот концерт ќе биде вистинско освежување, исполнето со многу енергија и со многу страст, а се надеваме дека позитивните критики нема да изостанат. На програмата ќе бидат дела на Дворжак, Форе, Пуланк, Чајковски и Зимбалист.
![]() |
Во верзијата на Сергеј Федотов, Кочкарев станува вистински ѓавол. |
Пермски театар „У Моста“
10.8.2014
Света Софија, 21.00
„Женидба“ од генијалниот Николај Василевич Гогољ е изборот на Пермскиот театар „У Моста“ (Кај Мостот) за годинашново издание на „Охридско лето“. Овој театар денес е еден од најатрактивните концептуални театри во цела Русија. Авторскиот театар „У Моста“ е создаден во 1988 година од страна на Сергеј Федотов, а негов основен белег се нестандардните претстави. Името го има добиено со оглед на тоа дека се наоѓа до Камскиот мост, кој всушност и ја изразува уметничката концепција на театарот кој, како што велат неговите уметници, претставува „мост меѓу реалното и нереалното, битовото и мистичното, свесното и интуитивното“. Со претставата „Женидба“, според истоименото дело на великиот Гогољ, Федотов на сцената не ни прикажува комична, битова драма, туку истата ја противпоставува на она површно, надворешното, каде преовладува нелогичното и неочекуваното. Токму ваквиот пристап отвора еден нов поглед кон Гогољевиот мистицизам, кој кај публиката предизвикува восхит. Драмата ќе биде изведувана на руски јазик, но тоа воопшто не треба да им претставува пречка на македонските гледачи, со оглед на оригиналниот и иновативен начин на изведба.
![]() |
Гудачки квартет „Јанкелевич“ |
Гудачки квартет „Јанкелевич“
12.8.2014
Света Софија, 21.00
Московскиот гудачкиот квартет „Јанкелевич“ е составен од Иљjа Гаjсин (прва виолина), Александра Федотова (втора виолина), Михаил Рудој (виола), Евгениј Румjанцев (виолончело). Основан е 2006 година во рамките на Московскиот конзерваториум од класата на народниот уметник на Русија, професорот А.А. Шишлов. Овој млад колектив го носи името на основачот на познатата виолинска школа Јуриј Исаевич Јанкелевич. Најпрво настапите се одвиваат во Малата и во Рахманиновската сала на Московскиот конзерваториум, а откако квартетот се здобива со популарност кај публиката, почнува да настапува во Финска, Италија, Холандија и во многу други европски земји. Денес овој квартет е широко познат на љубителите на класичната музика ширум светот. На годинашново издание на „Охридско лето“Московскиот гудачкиот квартет „Јанкелевич“ ќе настапи со Марко Чампи од Италија, а на програмата се дела од Бетовен, Моцарт и од Шостакович.
![]() |
Петров е активен и на полето на педагошката дејност, работејќи како професор во Детското училиште за уметности „М. А. Балакирев“ во Москва. |
Сергеј Петров
14.8.2014
Света Софија, 21.00
Сергеј Петров е еден од најпознатите кларинетисти во современа Русија. По завршувањето на музичката академија, станува солист на оркестарот на „Руската филхармонија“, а во 2002 година – солист на оркестарот на Бољшој театар. Во 2005 година Сергеј Петров станува лауреат на првото издание на меѓународниот фестивал „Н.А. Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург, кој денес е еден од најреномираните фестивали во Руската Федерација. Тој соработува со најпознатите имиња од музиката во Русија, а активно настапува и во странство. На годинашново „Охридско лето“ ќе настапи заедно со кларинетистот Ристо Ѓоревски и со пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска, обајцата од Македонија, а на програмата ќе бидат дела од Менделсон, Пуланк, Оленчик, Ковач, Розенблат и Имери.
Фотографиите за оваа статија се добиени од организаторите на фестивалот „Охридско лето“, за што редакцијата на „Руска реч на македонски“ е искрено благодарна.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче