Извор: РИА Новости
Последниот руски император Николај Втори и неговото семејство биле погубени од страна на болшевиците во Екатеринбург ноќта помеѓу 16 и 17 јули 1918 година. Освен царот, биле убиени и неговата жена, четирите ќерки и 13-годишниот наследник Алексеј, како и неколку луѓе кои му биле блиски на царското семејство. Телата биле закопани тајно, местото на нивното вечно почивалиште не беше познато дури до 2007 година. Но, речиси веднаш по погубувањето почнале да се појавуваат разни сведоштва: луѓето ги гледаа членовите на царското семејство, па дури и самиот цар, живи. Се слушаа гласови дека некои од децата успеале да избегаат, постоеше дури и верзија дека погубувањето е измислено, дека жртвите се заменети, а дека вистинските Романови тајно биле испратени во Европа. Со децении по целиот свет се појавуваа самозванци, кои велеа дека се царски деца што успеале да преживеат. Нивниот број изнесува околу 230, што претставува рекорд во историјата.
Единствена успешна авантура
Марџа Ботс. Фотографија од слободни извори |
Холанѓанката (или Полјачка, за ова историчарите спорат) Марџа Ботс, кон крајот на четириесеттите години од минатиот век во Италија се прогласи себеси за спасената ќерка Ољга, која била и најстара. Ова бил втор обид: неколку години претходно таа се обидела истото да го стори во Франција, но била осудена за измама. Овој пат работата поминала успешно. Ботс раскажала дека нејзиното бегање било претходно испланирано од самиот цар, а наместо неа била стрелана селска девојка, со која таа ја заменила облеката. Без оглед на тоа дека во тоа време во Европа биле разобличени голем број псевдо-Романови, Ботс успеала да ги убеди членовите на европските кралски дворови дека нејзината приказна е вистинита, па на тој начин таа од нив добила парична поддршка. Прускиот принц Сигизмунд, братучедот на вистинската Ољга Романова, бил уверен дека пред него навистина се наоѓа неговата братучетка и како резултат на тоа изјавил во интервју: „Зборувавме за нешта кои не им се познати на други луѓе, сведоци на тие настани бевме само јас и таа“. Ботс се вселила во вила во Италија, и одбивала каков и да е контакт со новинари. Таа умрела во 1976 година. Ботс е најверојатно единствениот пример на успешен самозванец. Други, пак, завршувале со куршум во срцето, како што е псевдо-Татјана Романова Мишел Анже, убиена во Париз во 1929 година под неразјаснети околности, и тоа можеби од болшевиците, можеби од оние што трагале по претпоставените милиони на царското семејство во западните банки, поради што оваа авантура и останала мистерија.
Романов – агент на специјалните служби?
Во 1958 година американскиот амбасадор во Женева добил писмо во кое некој, што се нарекувал себеси „Прецизен стрелец“ и што бил поврзан со специјалните служби на социјалистичкиот круг, му ги предлагал своите услуги како двоен агент. „Стрелецот“ им има предадено на Американците многу информации кои за СССР биле од интерес, а исто така им го има предадено и познатиот советски агент Конан Молоди.
Михаил Голеневски. Фотографија од слободни извори |
По неколку години „Стрелецот“ се појавил во амбасадата во Западен Берлин, побарал политички азил и за себе изјавил дека е принцот Алексеј Романов. Зад псевдонимот се криел Михаил Голеневски, соработник на полската агентура. Новопечениот Алексеј бил испратен во САД, каде соработувал со американските тајни служби, но тоа било кратко, зашто се посомневале дека тој е инфилтриран и дека ја продолжува соработката со КГБ. Вистинскиот принц Алексеј боледувал од хемофилија, која била неизлечива и со неа било многу тешко да се живее. Сите Алексеевци-самозванци не влевале доверба, зашто морале да објаснат како се излекувале од хемофилија и како преживеале со неа, поминувајќи ги војните и мноштво опасности.
Голеневски бил роден 18 години по принцот, за избраната улога изгледал млад, но тоа несоодветство тој го објаснувал имено со хемофилијата, која го забавила неговиот развој, а од која на некој чудесен начин се излекувал. Се разбира овој псевдо-Алексеј ги побарал и банкарските сметки на Романови. Голеневски посочил банки од целиот свет, во кои, демек, се чувале овие пари. Неговата кариера и како шпион и како самозванец, завршила брзо. Но, тој уште долго живеел во Њујорк и се препирал со оние што не сакале да го признаат.
Анастасија од психијатриската болница
Најпознатата од самозванците Романови е Ана Андерсон, која себеси се претставувала за најмладата ќерка на царот – Анастасија. Младата жена, која во 1920 година се фрлила од мост во Берлин, била спасена и сместена во психијатриска болница. При прегледот на нејзиното тело биле пронајдени траги од голем број рани, а на тилот имала трага од петокрака. Жената не зборувала на руски, но разбирала.
Ана Андерсон. Фотографија од слободни извори |
По неколку дена ѝ покажале фотографија од членовите на царскиот двор – во тој момент таа ги „препознала“. Во болницата Ана започнале да ја посетуваат гости кои ги познавале царските ќерки и увиделе дека таа е самозванка. Почнало да се истражува и нејзиното потекло – таа била полска селанка која работела во фабрика за производство на експлозив, а трагите ги добила при една експлозија што се случила таму. Но, тоа било оспорувано од страна на приврзаниците на „Анастасија“: таа не зборува на руски зашто преживеала психолошки стрес и се обидува да не се сеќава на својот мајчин јазик; велеле дека за селанка таа е премногу развиена и дека поседува префинети манири.
Андерсон имала ретка анатомска особеност, специфично искривување на големите прсти на нозете како кај Анастасија. Во потрага по парите на Романови, Андерсон ги искористила децата на докторот Боткин кој бил погубен заедно со царското семејство. Под нивно раководство „Анастасија“ станала, ни помалку ни повеќе, акционерско друштво, кое собирало доброволни прилози, кое ветувало дека ќе им подели на акционерите 10% од царското наследство. Во 1938 година Андерсон започнува судски процес против Романови, кој траел сè до 1977 година и завршил неславно: побарувањата на наследството на Романови не биле одобрени, но исто така не можело да се докаже дека Андерсон не е Анастасија.
Андерсон умрела во 1984 година. Кога започнало да се користи тестирањето на ДНК, се сетиле дека во една од болниците во која била извршена операција, останале примероци од нејзиното ткиво. Тестирањата покажале дека таа нема роднински врски со Романови, искривените прсти се совпаѓање, но затоа било потврдено нејзиното полско селско потекло.
Но, најинтересно е тоа што Андерсон успеала да стане Анастасија не само во својот растроен ум, туку и во масовното сознание. Кога се снимаат филмови за таинствената руска принцеза која се спасила од болшевиците (првиот од нив се појавил уште во 1928 година), па и кога Тори Ејмос ја пее својата песна за Анастасија, се подразбира приказната на Андерсон.
Крај на митовите
Денес не е жив никој од оние кои тврдеа дека се преживеани деца на царското семејство. Нивните потомци до денешен ден се обидуваат да го добијат правото на располагање на оставината од Романови. Но, кон нив повеќе никој не се однесува сериозни. Постојат резултати од генетските истражувања на останките од местото на егзекуцијата на царското семејство. Докажано е дека никој од Романови не се спасил и дека имено нивните тела се фрлени во тајната јама. Епохата на псевдо-Романови е завршена засекогаш.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче