Водич низ музеите и галериите на современата уметност

Изложбата „Традициите на наивата и на фолклорот во современата уметност“ во Државниот центар за современа уметност (ГЦСИ). Извор: Росијскаја газета.

Изложбата „Традициите на наивата и на фолклорот во современата уметност“ во Државниот центар за современа уметност (ГЦСИ). Извор: Росијскаја газета.

По блескавиот развој на современата уметност во последните денови на Руската Империја и во раната доба на СССР (во десеттите, дваесеттите и во почетокот на триесеттите години од минатиот век), следуваше долг период на превласт на социјалистичкиот реализам како „официјален“ уметнички правец. Затоа во постсоветска Русија современата уметност доживеа побурен развој одошто во западните земји. „Руска реч на македонски“ ве информира каде во Москва можете да ги видите најдобрите дела на современата уметност.

Современата уметност во Москва е застапена во околу стотина државни и приватни изложбени простори – музеи, галери и саеми. Ви ги претставуваме дел од најинтересните. 

Државен центар за современа уметност (ГЦСИ) 

Мошне скоро е планирано основање на музеј на современата уметност на државно ниво, кој за основа ќе го има Државниот центар за современа уметност (ГЦСИ). 

Овој научно-истражувачки центар располага со сопствена збирка од над 1.500 експонати од 230 автори. ГЦСИ е иницијатор на годишниот конкурс во областа на современата визуелна уметност „Иновација“, како и на Московското меѓународно биенале на младинската уметност, кое по четврти пат се одржува од 26 јуни до 10 август. До крајот на месецов во ГЦСИ се одржува и годишниот фестивал на медијална уметност „ВидеоFocus“, на кој се застапени најновите трендови во визуелната уметност на современите и на странските продукции: видеоуметност, дигитална уметност, филм, сајенс-арт. ГЦСИ има филијали и во други градови на Русија: Екатеринбург, Калининград, Нижни Новгород, Санкт Петербург, Владикавказ и во Томск, каде што овој центар претставува најважен простор за изложување на современото творештво. 

Адреса: Зоолошка улица 13, зграда 2

Сајт: http://www.ncca.ru

Работно време:

изложбен простор: 12:00-20:00

неработен ден: понеделник

четврток 12:00-21:00

Влезници:

Полна цена: 150 рубли

Со попуст: 75 рубли

Во четврток влезот во изложбениот простор е слободен

Влезот на изложбите во Малата сала и во Домот на Пољенов е слободен 


 Московски музеј на современата уметност

Изложбата на Ања Жјолуд „...Продолжение на набљудувањето...“. Извор: Росијскаја газета.

Конкуренција на Државниот центар за современа уметност во Москва претставува Московскиот музеј на современа уметност. Основан е во 1999 година, врз основа на колекцијата на претседателот на Руската академија на уметностите Зураб Церетели (над 2 илјади дела). Денес музејот располага со четири изложбени простори, а неговата збирка ги претставува главните етапи во развојот на авангардата. Голем дел од колекцијата се дела на руски автори, пред сè на класиците на руската авангарда, како што се Малевич, Шагал, Гончаров, Ларионов и други. Тука се и дела од странски уметници: Пабло Пикасо, Фернан Леже, Хуан Миро, Џорџо де Кирико, Салвадор Дали. Постариот научен соработник на Одделот за збирки на ММСИ Дарја Полонска-Буслаева за „Руска реч на македонски“ вели: Ние соработуваме со современите уметници од Русија и учествуваме во меѓународни проекти за популаризација на современата уметност. Истовремено во ММСИ се одржуваат неколку изложби, а секоја година задолжително претставуваме и големи странски проекти“. Така, до септември во ММСИ се одржува голема изложба посветена на развојот на германската современа уметност. 

Адреса: Улица Петровка 25

Сајт: http://www.mmoma.ru

Работно време:

Понеделник-недела: 12:00-20:00

Четврток: 13:00-21:00

Третиот понеделник од месецот е неработен

Третата недела од секој месец влезот е слободен

Влезници:

Редовна цена: 250 рубли

За студенти: 120 рубли

Со попуст: 40 рубли 


„Гаража“


Посетители ја разгледуваат скулптурата „Облак“ во Центарот за современа култура „Гаража“. Извор: РИА Новости.

Алтернативата на овие два најголеми државни изложбени простори се појави во Москва во 2008 година. Рускиот милијардер Роман Абрамович и неговата пријателка Дарја Жукова го отворија Центарот за современа култура „Гаража“ во зградата на некогашната автобуска гаража од дваесеттите години од минатиот век. Денес главната зграда се наоѓа во Централниот парк на културата и одморот Горки. Јапонскиот архитект Шигеру Бан проектираше привремен павилјон кој се наоѓа на ова место, а планирано е во паркот да биде подигната и постојана зграда за „Гаража“. Во развојот на концептот за новата зграда учествува архитектонското ателје „Office for Metropolitan Architecture“ (OMA) на холандскиот архитект рем Колхас. Неодамна центарот го промени името во Музеј на современата уметност. Во моментов во „Гаража“ се одржува изложбата „Do it“, која веќе помина низ многу земји, а на која посетителите сами создаваат уметнички дела, користејќи ги инструкциите што ги имаат дадено уметниците. Еден од кустосите на оваа изложба и раководител на Образовниот оддел Анастасија Митјушина го опишува „Гаража“ со следниве зборови: „Гаража е одличен музеј, институција-истражувач и институција-експериментатор. Ние реализираме и развиваме проекти кои се иновативни во руската средина, необични како за руската публика, така и за уметниците“. 

Адреса: Кримски вал 9, зграда 45

(павилјон на територијата на Централниот парка на културата и одморот Горки)

Сајт: http://garageccc.com

Работно време:

Понеделник-четврток: 11:00-21:00

Петок-недела: 11:00-22:00

Влезница: 300 рубли 


„Винзавод“ („Вински завод“)


Премиерот на РФ Дмитриј Медведев на изложбата „Best of Russia 2012“ во „Винзавод“. Извор: ИТАР-ТАСС.

Освен во музеите, современата уметност во руската престолнина се изложува, а и се продава, во десетици галерии. На територијата на некогашната пиварница од 19 век, а во советско време вински комбинат, денес се наоѓа голем уметнички кластер. Во „Винзавод“ се отворени 10 галерии на современата уметност, меѓу кои се Галерија XL, „Риџина“, „Ајдан“, галеријата Марат Гељман и многу други. 

Адреса: Четврта сиромјатническа улица 1, зграда 6

Сајт: http://www.winzavod.ru

Работно време: 12:00-20:00

Влезници:

Во различни галерии цената на влезниците се разликува

Во некои галерии влезот е слободен. 


Центар за фотографија „Браќа Лимиер“ и Мултимедијален арт-музеј


Центар за фотографија „Браќа Лимиер“ Извор: Press Photo.

Уште еден простор кој обединува неколку галерии е територијата на поранешната кондиторска фабрика „Црвен октомври“. Таму, меѓу другото, се наоѓа и Центарот за фотографија „Браќа Лимиер“. Засега во Москва постојат само неколку приватни галерии кои се занимаваат со современа фотографија. А, главниот простор за современата фотографија се наоѓа на улицата Остоженка. Тоа е Мултимедијалниот арт-музеј кој се развил од Московскиот дом на фотографијата. Денес музејот не организира само изложби на фотографии, туку се занимава и со проекти од други области на уметноста. Мултимедијалниот арт-музеј исто така организира и фотобиенале, конкурс за фотографии и школа за фотографија. 

Адреса: Болотни кеј 3, зграда 1

Сајт: http://www.lumiere.ru

Работно време: 11:00-19:00 (понеделник е неработен ден)

Влезници: цената зависи од изложбата 


Арт-Москва


Експонат на саемот „Арт-Москва 2012“. Извор: Press Photo.

Освен во постојаните изложбени простори, современата уметност во Москва секоја година може да се погледне на саемот „Арт-Москва“, кој се одржува во Централниот дом на уметниците (следниот саем ќе се одржи од 17 до 21 септември 2014 година). Саемот претставува десетици руски и странски галерии. На тој начин посетителите имаат можност да го видат практично целокупниот спектар на уметноста што го нудат московските галерии. 

А, секоја втора година се одржува најголемиот настан кој на едно место ги собира поголемиот дел државни и приватни изложбени простори. Московското биенале на современа уметност засега според големината заостанува зад сличните манифестации во странство, но, за време на тој месец додека се одржува биеналето во руската престолнина може да се види голем број исклучително интересни изложби, додека централниот проект секогаш го приредува кустос со светско реноме. Следното Биенале ќе се одржи во 2015 година. 

Адреса: Кримски вал 10, Централен дом на уметниците

Сајт: http://www.art-moscow.ru. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња