Македонската ѕвезда заблеска на руското филмско небо

Извор: Ана Јакимска

Извор: Ана Јакимска

Минатата и оваа година македонската актерка Ирена Ристиќ може да ги окарактеризира како мошне плодотворни. По премиерите на двата филма, „Собата 409“ и „Влакна“, минатата година, и огромниот успех во возобновнета „Монолозите на трите вагини“ и во последните остварувања на Љубиша Георгиевски – „Случајот Елсинор“ и „Евангелие на глупоста“, Ристиќ оствари успешна ролја и во рускиот серијал „Кум“. Во ексклузивно интервју за „Руска реч“ таа зборува за својата улога, за соработката, за руската култура, како и за нејзиното доживување на еден ваков проект.

Најпрво, раскажете ни за тоа како се најдовте во екипата на серискиот филм „Кум“?

Како и за многу други филмски и телевизиски проекти, беше организирана аудиција, кастинг. Отидов на него, иако сметам дека според моите критериуми не бев доволно подготвена. Кастинг-екипата ме имаше предвидено за две улоги, првата беше сестра Даниела, која подоцна ѝ беше доделена на мојата драга колешка Звездана Ангеловска, а втората беше лекарката Милена. На кастингот понудив своја верзија, свое видување на ликот, а, на инсистирање на режисерот, одиграв и една негова покротка верзија. Тие бараа малку помек, покроток карактер, но јас како Балканка им презентирав (ликот е Србинка) една поексплозивна димензија на ролјата, со оглед на тоа дека станува збор за сцена на конфликт сместена во воени услови. Отако ги видоа двете варијанти, се согласија дека она што јас им го предложив е она што ним им е потребно. Кастингот бидна и помина, а јас заборавив на него. И додека на 8 септември на плажите на нам пријателската Грција се релаксирав под раното есенско сонце, ми јавија дека сум ја добила улогата на лекарката Милена. Особено интересно и возбудливо беше што улогата требаше да ја играм на српски, кој е мој мајчин јазик и кој активно го говорам, а ретко го користам во мојата професија. Треба да напоменеме дека сите снимени материјали од кастингот беа испраќани во Москва, каде што продуцентите го даваа својот конечен збор.

Руските корени на Холивуд
Некои клучни пионери на холивудската филмска индустрија биле со потекло од Русија. Најпознати меѓу нив се браќата Николај и Јосиф Шејнкер, во САД познати како браќата Шенк. Ник Шенк беше на чело на легендарното филмско студио „Метро-Голдвин-Маер“, а Џозеф Шенк е основач на Американската филмска академија, установа која ја доделува наградата „Оскар“. Во нивно време во Холивуд се снимени некои од најпознатите филмски класици како што се „Волшебникот од Оз“ и „Однесено со виорот“.

Накусо, откријте ни ја темата на серискиот филм?

Главниот херој на серијата „Кум“ е поранешниот воен лекар Аљохин, кој работи како гинеколог во рамките на меѓународна мисија на Косово. Тој не само што ги спасува жените туку им станува и кум на нивните деца. Во екот на конфликтот на Косово лекарката Милена се наоѓа пред избор да ги следи другите и да го напушти тој хорор и да се спаси себеси или да остане и да му помогне на својот колега. Кај неа преовладува човечноста, моралот и етиката, па таа решава да продолжи со својата хумана дејност на Косово.

Што е она што ве привлече во вашиот лик и во филмот воопшто?

Во серијата преовладуваат хамлетовски дилеми, за кои времето не дозволува да одлежат и да оттрпат потемелна анализа, зашто се работи за воени услови, зашто во секој еден момент се работи за живот или за смрт, оти се случуваат во време кога над главите на оние што ги имаат прелетуваат и експлодираат гранати. Она што е особено привлечно кај мојот лик е фактот што преку него имам можност да им покажам на луѓето дека во изборот меѓу омразата и љубовта, секогаш е покорисно, подоблесно и најпродуктивно да се избере љубовта, човечноста, дури и во ситуации во кои животот ти виси на конец, а душата е парчосана.

Колку беше тешко или едноставно да се справите со предизвиците на вашиот лик?

Не беше тешко со оглед на багажот што го имам зад себе, а и талентот што, фала му на Бога, го имам на располагање. Од друга страна, не беше едноставно зашто истата емоција и енергија понекогаш мораше да се повторува и по десет или петнаесет пати. Она што беше тешко е влегувањето на Ирена како Ирена во Милена, во дадена ситуација во која претходно никогаш не сум била, но тоа го поедноставуваше мојата емпатија кон сите оние што биле вистински во такви ситуации. Од практична страна тешко беше снимањето на -10 во Штавица, но сето тоа се компензираше со задоволството од успешно снимената сцена. Тешка беше работата во сцените со статисти, но едноставно искрени беа нашите насмевки кога работата ќе беше завршена добро.

Имавте ли проблем со рускиот јазик?

Кадар од серијата „Кум„. Извор: Тимур Алпатов

Во првичната верзија за мојот лик Милена требаше да зборува на српски. Два дена пред официјалниот почеток на снимањето ми беше соопштено дека целиот текст ќе треба да го зборувам на руски и откако ја видоа мојата нескриена паника дека во рок од два дена нема да бидам во можност да совладам толкаво количество текст на јазик што не го користам и што не е експониран, како што е случај со англискиот, се обидоа да ме успокојат со податокот дека не треба да биде чист руски јазик, туку дека станува збор за „броукн“ руски. Најпрво го побарав сценариото на руски за визуелно да го меморирам, потоа следуваше соработка со преведувачката, која ми го сними целиот текст на убав мелодичен руски јазик, а се заврши со деноноќна работа врз изговорот. Но, од друга страна, рускиот јазик не ми е толку далечен, со оглед на тоа дека мојата мајка го предавала, во детството имав можност дома да прелистувам руски книги и речници, а мајка ми ми ги објаснуваше неговите основи. Згора на тоа во моето детство на телевизија имаше програма на руски јазик, а и падежите не ми претставуваа проблем. За време на снимањето се случуваше на самото место да ми допишуваат дополнителни реплики, кои јас по првичната бурна панична реакција за кусо време ги совладував.

Тројка на советски начин
Филмовите за полиаморија (љубов помеѓу повеќе луѓе) и денес можат да предизвикаат доста контроверзии во јавноста. Сепак, малкумина знаат дека во Русија ваков филм е снимен уште во 1927 година. Немиот филм „Третата Мешчанска улица“ претставува скапоцено сведоштво за необичните советски дваесетти години од минатиот век, доба на слободни толкувања на уметноста и на општествените идеи, а содржи и интригантни алузии на животот на легендарниот поет Владимир Мајаковски.

Какво е искуството од работата со руската екипа?

Во случајов пред сè би ја истакнала мојата соработка со режисерот Тимур Алпатов и со главниот актер Сергеј Пускепалис, која беше како да се познаваме цел живот и како цел живот да сме работеле заедно. Индикациите што ми ги даваше Тимур во однос на сцените што требаше да се снимаат, како и довербата што ја покажа кон мене, во голем дел ми ја олеснуваа работата, дури и во оние ситуации кога се снимаат сцени што ги нема во сценариото, што често се случува при снимање филмски проекти. Истото се однесува и на мојот колега Сергеј. Професионалноста беше на многу високо ниво со оглед на тоа што ние, актерите, не бевме обременети и засегнати од проблемите што не се однесуваат на нас. Кога станува збор за организацискиот дел, можам да кажам дека се почувствувавме како актери во вистинска смисла на зборот. Заднинската постава на екипата, и од македонска и од руска страна, даде сè од себе за ние, актерите, да си бидеме свои на своето. Драго ми е што толку многу мои колеги беа ангажирани во еден ваков проект и што, можеби, со некои од нив ова ни е и прва и последна соработка од ваков тип. 

Постојат ли некои интересни моменти од снимањето, а кои би сакале да им ги откриете на нашите читатели?

Интересно е тоа што рускиот дел на екипата, која во нас гледаше словенски браќа, спонтано ни се обраќаше на руски јазик, очекувајќи да ги разбереме. Главните анегдоти се случуваа во деловите кога не можевме да се разбереме и кога секој дејствува според она што го разбрал, без разлика дали се работи за уметнички или за технички дел. Сето тоа беше многу шармантно и симпатично. Лично за мене беше интересно што имав можност да работам и со аниматроник. Станува збор за кукла-бебе со вграден компјутер, која дише, мрда и плаче како вистинско бебе, а јас на овој мој „колега“ постојано му помагав да дојде на убавиов, чуден и тегобен свет. Му благодарам за соработката (се смее).

Какви се Вашите идни планови? Постои ли можност за проширување на вашата кариера на рускојазичното подрачје?

Рака на срце, морам да признаам дека руската култура ми е блиска. На седумгодишна возраст сакав да бидам балерина, гледајќи ги сите балети што во тоа време се прикажуваа на југословенската телевизија, а кои потекнуваа токму од Русија. Сликите од Невскиот проспект, од Црвениот плоштад, Ермитаж, улицата Тверскаја, делата на великаните на светската белетристика, како што се Чехов, Достоевски, Гогољ, Толстој, Шолохов, Мајаковски, Ахматова, Цветаева, Кољада, кои ги носам со себе и на кои често им се навраќам во моменти на духовна кревкост и на душевна слабост, ми помагаат да се чувствувам како нетуѓинка. Тука е и мојата фасцинација од личностите каков што е Мамонов, и разнесеноста што ми ја предизвика филмот „12“ на Михалков. Чудни се патиштата Божји, засега не би сакала да зборувам за тоа.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња