Тантелата се изработува рачно, на специјални перничиња, а се плете со помош на специјални дрвени стапчиња на кои се прицврстува конецот. Извор: Антон Денисов / РИА Новости.
Жените од рускиот север уште во 17 век започнале да изработуваат прекрасни рачни работи од златни и од сребрени нишки. Вологодската тантела денес е светски познат бренд, која го фасцинирала светот пред повеќе од еден век. Ракотворбите од Вологда биле високо оценети на Меѓународните изложби во Филаделфија во далечната 1876 и во Чикаго во 1893 година. Наградени се со златен медал на изложбите во Париз во 1925 и во Брисел во 1958 година, како и со гран при на париската изложба во 1937 година.
Мајсторството и фантазијата на вологодските плетачки се достојни за восхит. Тие и денес тантелите ги изработуваат рачно, на специјални перничиња поставени на издигната основа. Тантелата се плете со помош на специјални дрвени стапчиња на кои се прицврстува конецот. Цртежот за тантелата се нанесува на посебна шема (рус. cколок), а секој автор сам си ја разработува.
Во
Русија тантелата отсекогаш била моден детаљ. Извор: ИТАР-ТАСС.
Какви мотиви има на цртежите? Геометриски фигури, цветови, риби, птици, елени, лавови. Тука се и измислените нешта (сирени и еднорози) или природните појави, како што е поларната светлина. На тантелите се претставени и човечки фигури: дами, кавалери, коњаници, селанки со кокошници (традиционален руски женски украс за глава) и со сарафани. Често се прикажуваат и архитектонски објекти, цркви, мостови, дворци. На вологодските тантели од триесеттите години од минатиот век можело да се видат дури и трактори и авиони, кои биле симбол на општото тежнеење кон прогресивната иднина. „Плетачките измислувале и изработувале нови орнаментални композиции со советска симболика (срп и чекан, петокрака, грбови на советските републики). Со време стануваат модерни мотивите на падобрани, возови и бродови. Творците на овие уникатни ракотворби успевале техничките новини од своето време да ги приспособат и да ги претстават декоративно, да ги вклопат во традиционална флорална орнаментика и така да го сочуваат оригиналниот изглед на вологодската тантела“, објаснуваат стручњаците што ја следат историјата на вологодската тантела.
Скицирање на иден дизајн. Извор: Антон Денисов / РИА Новости
На почетокот на 20 век со изработка на тантела на северот од Русија се занимавале околу 40 илјади жени. Постоела школа за изработка на вологодска тантела и посебен систем на обука, каде што девојчињата учеле да прават тантела од детството (на возраст од 5 до 7 години). Занаетчиите не ја продавале сами својата стока. Најдобрата тантела од нив ја откупувале трговците што ја продавале во големите градови и што ја извезувале во странство. Во прво време вологодската тантела била продавана како европска, за да се заработат повеќе пари. Тантелата од Вологда уште тогаш според квалитетот и дизајнот можела да се мери со најфината тантела на светот. На почетокот од 20 век вологодската тантела станува самостоен бренд и сè повеќе била откупувана од странските трговци.
На
тантелите се претставени низи
геометриски фигури, жени со цвеќе во кокошници (традиционален руски
женски украс за глава), па дури и
дворци. Извор:
ИТАР-ТАСС.
Пред Револуцијата вологодската тантела главно се користела за украсување на женската облека и како моден додаток. Од неа се правеле манжетни, јаки и чадори или жакети со заднина од тантела. Вологодската тантела била показател на богатството и на престижот, па сопругите на успешните трговци од тоа време сакале да имаат што повеќе предмети од тантела. Се перчеле со пелерини и шалови од вологодска тантела. Оваа уникатна руска тантела со задоволство ја носеле и членовите на царското семејство. Плетачката Веселова во чие семејство вологодската тантела се изработува со генерации, памети едно семејно предание според кое нејзината баба по специјална порачка правела чорапи и чадори од тантела за царскиот двор.
Во советско време вологодската тантела се сметала за непотребен луксуз, па затоа се користела многу малку. Иако се смета дека тантелата е сè уште во мода, денес во Русија традиционалната тантела изработена од природни материјали полека исчезнува од гардеробата на поголемиот број Русинки, отстапувајќи им го местото на посовремените ткаенини.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче