Извор: Alamy / Legion Media
Стаљински Версај
Фонтани, скулптури, 136 хектари парк, 250 изложбени павилјони, од кои секој е или ремек-дело на архитектурата или, пак, оригинална одделна градба. ВДНХ сега се наоѓа речиси во самиот центар на Москва, зашто во меѓувреме градот се има многу проширено. А, кон крајот на триесеттите години од минатиот век тоа било периферија и на оваа ледина живеела циганска черга. Теренот бил подготвуван за градба пет години. Градителите метар по метар ги истиснувале Циганите надвор од територијата – ја сечеле шумата, а голите површини ги заливале со бетон. Постои дури и легенда која вели дека кон идниот изложбен комплекс била ископана посебна линија од московското метро за носење на експонатите.
Фотогалерија: Изложба на достигнувањата на народното стопанство, некогаш и сега.
За време на првите два и пол месеци од работењето ВДНХ го посетиле неверојатни 3 милиони луѓе. Следната година повторно бележи милиони посетители. Тука се менувале човечките судбини – луѓето доаѓале на ВДНХ како обични работници, а заминувале како победници на натпревари и како носители на ордени, па кариерата во нивните региони им цутела. Режисерот Иван Пирев за ова место во 1941 година ја снимил една од најпопуларните комедии на сите времиња „Свињарката и овчарот“, филм за една руска селанка и за еден дагестански овчар кои се запознаваат на ВДНХ и кои се засакуваат.
Кога во 1941 година започнала Големата татковинска војна, ВДНХ бил затворен, а многу експонати биле евакуирани од Москва. Но, интересно е дека за време на германското бомбардирање ниту една бомба не паднала на територијата на изложбениот комплекс и дека ниту една градба не била урната.
Првенство на трудот
Државата не жалела пари за ВДНХ – а, требало да се плати и изградбата, и патот, и сместувањето и храната за делегациите од целата огромна држава. Тука биле и медалите и дипломите. Владата не штедела на награди – се доделувале илјадници дипломи и награди. Овој систем функционирал подобро од која било агитација, зашто кога стотина илјади, милиони луѓе по враќањето во своите градови и села зборуваат за богатството и за раскошот на Москва, за топлиот прием на кои наишле, сите сфаќаат дека имаат кон што да се стремат и дека е потребно само добро да работат. Целата земја учествувала во своевидно првенство во поставување рекорди во сферата на индустријата и на земјоделството.
Фонтаната „Дружба на народите„ навечер: 15
женски фигури во злато облечени во народните носии на 15 советски републики:
секоја во раката носи по еден производ карактеристичен за својата република.
Фотографија од 1954 година. Од слободни извори.
Градски легенди
Постојат многу легенди за ВДНХ. За некои од нив неочекувано излегува дека се вистински. Извесно време постојано кружеа гласови дека во рамките на ВДНХ постои бункер со резерви од вода и храна во случај на војна, во кои триста лица би можеле комотно да живеат два дена. Излегло дека ова е вистина. До бункерот води таен премин кој се наоѓа под статуата на Ленин.
Во педесеттите години од минатиот век кај павилјонот „Космос“ стоела огромна статуа на Сталин висока 25 метри. Но, ретко кој знаел дека во големиот споменик на Сталин се наоѓа уште еден мал Сталинов споменик. Како во матрјошка. Работата е во тоа што најпрво била направена макета на споменикот, која потоа била поставена на местото, па комисијата дошла и дала одобрение. Но, кога започнало подигањето на големиот Сталин, се поставило прашањето што да се прави со малиот. Никој не се дрзнувал да нареди негово уривање – и затоа е најдено соломонско решение: донесена е одлука врз макетата да се постави големиот споменик.
Еднаш Сталин дошол во ВДНХ за да види како се гради павилјонот „Грузија“ (Сталин бил Грузиец) и во таа пригода запалил луле. Чуварот му пришол и со растреперен глас му рекол: „Другар Сталин, тука пушењето е забрането“. Сталин го изгаснал лулето. Чуварот се подготвил за апсење... Сепак, неколку дена подоцна од Кремљ дошол курир кој на чуварот му врачил диплома и парична награда „за покажаното внимание“.
Централниот павилјон на ВДНХ. До него се доаѓа
преку зелената алеја врамена со светилки во облик на класје пченица
Епоха на преродба
По распаѓањето на Советскиот Сојуз ВДНХ паднал во летаргичен сон. Овој споменик на трудот повеќе не ѝ бил потребен на новата идеологија. И името беше променето во Серуски изложбен центар (ВВЦ). Павилјоните почнаа да се изнајмуваат и да служат како продавници и како пазари. Што сè не се продаваше тука – мед, крзно, интегрални кола, индиски миризливи стапчиња, белоруска трикотажа... Алеите беа обраснати со коров, објектите станаа неупотребливи.
Во последниве години беше објавена целосна реконструкција на московските паркови, но со комплексот ВДНХ и понатаму никој не се занимава. Ова е последица на фактот дека изложбениот комплекс е во федерална надлежност, додека за сите останати паркови е надлежен градот.
Но, неодамна изложбениот комплекс им беше предаден на градските власти, а градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин неодамна донесе одлука на комплексот да му се врати историското име и да му се врати сјајот и намената. Ова буди надеж дека наскоро павилјоните ќе бидат реставрирани, дека новоградбите ќе бидат урнати, земјата ќе биде култивирана, рибниците исчистени, а трговците ќе бидат избркани од овој храм, од ова ремек-дело на пејзажната архитектура.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче