Извор: РИА Новости
Во 1722 година Петар Велики ја вовел „Табелата на рангови“ (хиерархија на чиновите во државната и во воената служба) и со тоа го систематизирал бирократскиот апарат во европски манир. На секој чин му одговарала посебна униформа, мундир со кој прецизно се дефинирал чинот и општествената положба на чиновникот.
Униформата го краси мажот, таа за младите луѓе претставува еден од главните аргументи во корист на службата, меѓу другото и на цивилната. Дури и уличните продавачи на весници имале службена облека: продолжен двореден мундир со качкет и карактеристична торба преку рамото.
![]() |
Униформа на Петар Велики. Извор: РИА Новости |
Мундирот во исто време влијаел и врз имиџот на државата. Во времето на Петар Велики Русија успеала да проговори на јазикот на Европа. Кога руските чиновници ја ставиле облеката блиска на западниот човек, светот престанал да ги гледа како полудиви Словени.
Самиот Петар Велики носел исклучиво униформа од домашно производство. Токму униформата довела до формирање на текстилната индустрија во Русија, дала потстрек во развојот на производството на облека. Огромните државни порачки на готови униформи го стимулирале преминот од занаетчиско во мануфактурно производство на ткаенини и на готови производи.
Руската Империја била земја на мундири – сите мажи што биле на служба или што се школувале, од гимназијалци до државни функционери, носеле униформа што ја пропишал императорот. Табели со детален опис на кројот, бојата, украсите, материјалите, па дури и на величините, биле објавувани во текстовите на законите. Секој император лично ги одобрувал и ги коригирал кроевите на униформите.
Ова прашање се однесувало и на женската популација. На жените што биле вработени во образованието и во медицинските установи дискретно им било препорачувано да се придржуваат кон умерените бои и скромните кроеви, кои, фактички, биле лишени од декоративност – главно носеле темни фустани со високи јаки.
Нашивки, шапки, црни чевли
Секоја образовна установа и ресор имале сопствена униформа во неколку варијанти: свечена, секојдневна, за излегување, зимска и летна. На пример, офицерите на гардиската тешка коњица имале по пет-шест униформи. Обичните војници во истите тие полкови имале по три униформи. Освен тоа, во секој ресор униформата се разликувала во зависност од класата и чинот на оној што ја носи, се разликувале според шарата и распоредот на везот на свечениот мундир на чиновниците од пониските категории, од колешкиот регистратор (14 класи) до дворскиот советник (6 класи). Освен самиот мундир, се разликувале и капите и тоа според обликот и според бојата на опшивката.
Студентки на женската гимназија „Вењов„. Фотографија од слободни извори
Дури и во рамките на истиот ресор постоеле разлики меѓу униформата на чиновник на „централниот апарат“ и „претставникот на периферијата“ на идентична должност – припадниците на централниот ресор на копчињата имале двоглав орел, а нивните колеги во регионите го имале грбот на губернијата обвиен во лаворов венец.
![]() |
Кнез Владимир Андреевич Друцкој-Соколински, вице-губернатор на Могиљовска Губернија, во дворска чиновничка униформa. Фотографија од слободни извори |
Распонот на боите бил ограничен. Според описот на историчарот Ј. Ривош, „полукафтанот, реденготот, фракот и панталоните што одат обично со нив биле темно зелени. Само за чиновниците од Министерството за просвета и од Академијата на уметностите била пропишана темносина боја. Налето се носеле реденготи, елечиња, а понекогаш и панталони од панама, белено или небелено, или од жерсе. Од истиот материјал биле шиени и навлаките за шапките“.
Чевлите биле црни, на шнирање. Високи чизми носеле само со дворедни куси капути, блузи или реденгот за време на службен пат. Ривош пишува: „Знаците според кои се препознавале чиновите биле исти за сите министерства и ресори. Тие биле закачувани на нашивките или на еполетите. Нашивките ги имало на сите типови униформи, освен на полукафтаните и на свечените мундири. На нашивките се наоѓал амблем на министерството или на ресорот, а, исто така, и на капите, но помал. Свечената униформа на чиновникот била составена од полукафтан (еднореден мундир на закопчување со девет копчиња) и панталони со лента (почнувајќи од четврта класа). Со свечената униформа се носеле сите одликувања, меч и бели ракавици, како и бел елек, но тој не се гледал“.
Во целосен сјај
![]() |
Дел од колекцијата на Романцова. Извор: Press Photo |
Кога станува збор за руската свечена униформа, дизајнерката Анастасија Романцова направи претколекција есен-зима 2014-2015, во која има употребено ленти и одликувања, крути јаки и други ефектни елементи на мундирот.
Вредноста на свечениот мундир на сенаторот извезен со злато била еднаква на месечната плата на еден министер. Престижот на мундирот бил толку голем што будел завист дури и кај трговците и кај индустријалците надвор од државната служба. Тие давале големи прилози (стотици илјади, па дури и милиони) на „Фондот на императорката Марија“, кој се грижел за сиромашните, за старските домови, за болниците и за другите добротворни организации. Награда за великодушноста било правото на носење мошне впечатлив мундир на овој фонд. Раскошот на униформата директно зависел од висината на прилогот.
Општата практика на носење униформа е прекината по падот на царската власт. Во Русија денес мундири носат само припадници на некои органи на редот и на правосудството. Сепак, државните службеници сѐ почесто стануваат свесни за моќните способности на мундирот за дисциплинирање и за обединување. „Полицајците носат исти униформи и сите ги препознаваат. Чиновничкиот апарат што е во служба на државата, исто така, треба да биде препознатлив. Тие би требало да носат костуми одбрани со вкус“, изјави во едно интервју пратеникот на Троицкото регионално собрание Дмитриј Малов, кој предложи сите чиновници во Чељабинската област да бидат облечени во исти, но модерни костуми. Триумфалното враќање на Шинелот не е далеку.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче