Тројка на советски начин

За дваесеттите години од минатиот век „Третата Мешчанска улица“ бил истовремено шокантен и суптилен. Фотографија од слободни извори.

За дваесеттите години од минатиот век „Третата Мешчанска улица“ бил истовремено шокантен и суптилен. Фотографија од слободни извори.

Филмовите за полиаморија (љубов помеѓу повеќе луѓе) и денес можат да предизвикаат доста контроверзии во јавноста. Сепак, малкумина знаат дека во Русија ваков филм е снимен уште во 1927 година. Немиот филм „Третата Мешчанска улица“ претставува скапоцено сведоштво за необичните советски дваесетти години од минатиот век, доба на слободни толкувања на уметноста и на општествените идеи, а содржи и интригантни алузии на животот на легендарниот поет Владимир Мајаковски.

Филмот „Третата Мешчанска улица“ бил емитуван извесно време, а потоа бил повлечен од кината како „аморален“, за во седумдесеттите години од минатиот век да им се врати на советските гледачи. Сепак, во филмот воопшто немало порнографија. Едноставно, додека се одвиваат колективизацијата и индустријализацијата на општеството, граѓаните продолжуваат да живеат и да сакаат. Можеби само оваа љубов почнала да поприма необични форми... 

Владимир доаѓа во Москва и се вселува кај пријателот Коља кој живее во Третата Мешчанска улица. Коља живее во сутеренска соба со својата млада сопруга Људмила. Односите на Коља и Људа поради секојдневноста ја губат својата страст и затоа, кога сопругот ќе замине на службен пат, започнува класично сиже за прељуба. А, потоа одненадеж мажот се враќа дома.

Комунистичките идеи во дваесеттите години од минатиот век се толкувале на разни оригинални начини. Така се појавиле и теориите за „слободната љубов на советски начин“. На мажите и на жените едноставно ништо не требало да им го одвраќа вниманието од изградбата на комунизмот.

Филмот „Третата Мешчанска улица“ е интересен како ран обид за нетрадиционалните врски. Во дваесеттите години од минатиот век филмот истовремено бил шокантен и суптилен. Пикантните детали на љубов во тројка се прикажани на духовит начин. Самиот наслов на филмот „Третата Мешчанска улица“, се поигрува со францускиот израз „menage à trois“ (домаќинство во тројка, што всушност означува облик на полиаморија). Приказната за прељубата се гради на фини алузии. Владимир на Људмила ѝ носи списание со симболичен назив „Нов свет“. Исто така по волја на случајноста ја носи на аеродромот од каде таа за „првпат летала“.

Голем број комични и тажни сцени во филмот се поврзани со фактот дека сопружниците и љубовниците продолжуваат да живеат заедно во иста соба. Постои причина зошто во странство филмот е прикажуван под називот „Кревет и кауч“. Брачниот кревет е спротивставен на каучот, на кој се менуваат „напуштените“ мажи. Сè е прикажано низ симболи. Чајникот врие и Коља сфаќа дека љубовниците го оставиле да вечера сам. Бокалот кој се тресе на масичката укажува на тоа дека Владимир денес ќе треба да го заземе каучот.

Мајаковски и комсомолците 

Но, современиците најдоа паралела помеѓу овој филм и прочуената приказна за љубовта на Владимир Мајаковски и брачниот пар Брик, Лила и Осип. Освен сличната приказна за развојот на односите, еден од главните јунаци и по изгледот потсетува на Мајаковски и исто така го носи името Владимир. Мајаковски и неговото „семејство“ по прикажувањето на филмот на кино се скарале со режисерот. 

Но, сценаристот на филмот Виктор Шкловски тврдел дека сижето го позајмил од весникот „Комсомолскаја правда“. Во написот се зборувало за девојка која на излезот од породилиштето ја дочекале двајца комсомолци, двајца татковци. За да ја објаснат ситуацијата на набљудувачите, момчињата тврделе дека во социјалистичкото општество заедничката жена е нормална појава. Комсомолската љубов не знае за љубомора. 

Историја на сексуалното прашање

Комунистичките идеи во дваесеттите години од минатиот век биле толкувани на разни оригинални начини. Така се појавиле и теориите за „слободната љубов на советски начин“. На мажите и на жените едноставно ништо не требало да им го одвраќа вниманието од изградбата на комунизмот. 

Најпопуларна била теоријата за „чашата вода“. Според неа, мажот имал право да се користи со која било жена за задоволување на сексуалните потреби. Се сметало дека семејството е застарена институција, а сексот може да се израмни со жедта. Ќе си испиеш и си одиш понатаму. 

Секако, овие теории не функционирале. Едноставно и прекрасно за тоа раскажува „Третата Мешчанска улица“. Владимир и Коља, секако, се љубоморни на својата „жена“, и никако не сакаат да „одат понатаму“. Бремената Људмила не ја издржува својата двојна положба и заминува од „семејството“. За тоа сведочи следната записка: Нема да се вратам на вашата Трета Мешчанска улица.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња