Словените верувале дека преку кравај жената може да им пренесе на децата дел од својата семејна среќа. Извор: Lori / Legion Media
Свадба
Обичајот на печење свадбен кравај се чува до денешен ден. Во древните времиња кравај смеела да пече само мажена жена која има среќен брак и добро воспитани деца. Словените верувале дека преку овој обреден леб жената може да им пренесе на децата дел од својата семејна среќа. Кравајот во печка секогаш го ставал оженет маж.
Се верувало дека колку е кравајот поголем, толку „новопеченото“ семејство ќе биде посреќно. Понекогаш меселе толку голем кравај што на крајот морале да ја кршат печката за да го извадат од неа. Обредниот леб не смееле да го гризат или да го кршат. Во свадбените обреди обично го бакнувале трипати. Кравајот го сечеле исклучиво деца на самата свадбена веселба.
![]() |
Бел квас – вкус на старата Русија Квасот е традиционален руски пијалак кој Русите го консумираат и лете и зиме. Ви претставуваме мошне интересна сторија за настанокот на овој освежителен пијалак. |
Вселување во куќа
За вселување во куќа се печеле големи обредни лебови зашто во новата куќа се собирала целата фамилија, доаѓале роднини и пријатели. Според традицијата, тестото го месел домаќинот, главата на семејството, а лебот го печела домаќинката. На празничната трпеза кравајот го заземал централното место. Морало да има доволно за сите што се присутни. Неколку парчиња од кравајот ставале во различни агли на куќата, со цел новиот дом да биде заштитен од несреќа и од зли сили.
Погреб
Кравајот го испраќал човека и на неговиот последен пат. Обредниот леб се печел пред погребот, а за време на обредот го ставале на поклопецот од ковчегот. Кравајот својата обредна функција ја задржувал и по погребот: се делел на сите што дошле да се простат од покојникот. Интересно е да се спомене дека погребниот кравај по ништо не се разликувал од свадбениот. Доколку покојникот бил млад неженет маж, кравајот се сметал за свадбен атрибут кој го поврзувал починатото момче со мајката-земја.
![]() |
Тајната на бородинскиот леб Потеклото на бородинскиот леб е вистинска загатка. Дури и името на оној што прв го испекол овој леб е обвиено со тајна. За тоа постојат три легенди... |
За добредојде
Кравајот со кој биле пречекувани гостите задолжително се изнесувал на везен пешкир. На младенците кравајот им се послужувал на црвените краеви од везениот пешкир, а белиот среден дел од пешкирот висел. Обредниот леб најчесто го изнесувала мајката, а таткото ја држел иконата со која родителите ги благословувале младенците. Извезените шари на пешкирот имале сакрален карактер и укажувале на врската со предците.
Последна шанса да се засоли
На почетокот кравајот ретко го украсувале. Единствена декорација биле едноставните шари во облик на плетенка. Со текот на времето на кравајот се појавиле мошне интересни шари и фигури од тесто. Обредниот леб често бил украсуван со гранчиња удика, на која Словените-пагани ѝ припишувале мистични својства. Плодовите и гранките на оваа билка симболизирале љубов и среќа. А, присуството на соларник на кравајот не било задолжително. На свадбениот кравај него најчесто го немало, но затоа бил задолжителен атрибут на кравајот „леб и сол“. Симболичкото значење на солта било следното: гостинот кому му бил послужен кравајот имал уште една шанса да им „засоли“ на домаќините. Доколку станувало збор за свршеници тоа било последна шанса да си „засолат“ еден на друг, а по свадбата од нив се очекувале да живеат во љубов и слога.
Рускиот текст на сајтот russian7.ru.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче