Одговор на санкциите преку соработката на кината и библиотеките

Извор: ИТАР-ТАСС

Извор: ИТАР-ТАСС

Прекратена е соработката помеѓу Русија и САД во областа на кинематографијата и на библиотечната работа.

Русија ја запира соработката помеѓу Претседателската библиотека „Борис Елцин“ и американската Библиотека на конгресот, така што нема да им предава на САД електронски копии на ретки филмски материјали од збирката на Државниот филмски фонд. Двете решенија се засновуваат врз санкциите во однос на руските официјални лица, бизнисмените и парламентарците по присоединувањето на Крим кон Руската Федерација. 

„Санкциите значат загуби за двете страни. Во дадениов случај пред сè на американската“, ја коментира одлуката Владимир Кожин, кој ја предводи групата за соработка помеѓу Претседателската библиотека и Библиотеката на конгресот. 

Руските корени на Холивуд
Некои клучни пионери на холивудската филмска индустрија биле со потекло од Русија. Најпознати меѓу нив се браќата Николај и Јосиф Шејнкер, во САД познати како браќата Шенк. Ник Шенк беше на чело на легендарното филмско студио „Метро-Голдвин-Маер“, а Џозеф Шенк е основач на Американската филмска академија, установа која ја доделува наградата „Оскар“. Во нивно време во Холивуд се снимени некои од најпознатите филмски класици како што се „Волшебникот од Оз“ и „Однесено со виорот“.

Тој исто така потсети дека во 2010 година Русија бесплатно ѝ даде на американската страна електронски копии од десетици филмови снимени во САД кои биле изгубени. Меѓу нив и ретки работи на режисери од немиот и од раниот звучен филм како што се Џејмс Круз, Рекс Ингрем, Џорџ Фицморис и Виктор Флеминг. Овие ленти биле прикажувани во Советскиот Сојуз во дваесеттите години од минатиот век и оттогаш се чуваат во Државниот филмски фонд. Директорот на Државниот филмски фонд Николај Бородачев раскажува: 

- Ние немаме само руски филмови, туку ги имаме сите оние кои биле прикажувани на територијата на земјава. Нашата збирка е влезена во Гинисовата книга на рекорди како најголемо место во кое се чуваат филмови. Американците, Германците, Јапонците доаѓаат тука за да ги најдат филмовите кои се изгубени во нивните земји. 

За време на церемонијата на предавањето во 2010 година диекторот на Библиотеката на конгресот Џејмс Билингтон рече дека во руската архива може да се чуваат околу двесте филмови кои се изгубени во САД. Библиотеката на конгресот, од своја страна, истата година ѝ предаде на Претседателската библиотека избор од електронски копии на работите на познатиот фотограф Сергеј Прокудин-Горски. 

Основа за замената беше меморандумот на двете библиотеки за развој на проектот Светска електронска библиотека. 

„Тргнувајќи од објавените санкции, може да се каже дека засега соработката во оваа важна за САД област е завршена“, заклучува Кожин. Нешто пред донесувањето на оваа одлука тој бил вклучен во вториот црн список официјални лица против кои Соединетите Американски Држави воведоа економски санкции. 

Меѓу другото, културната размена помеѓу САД и Русија речиси три години практично не се развиваше. Тоа беше поврзано со одлуката на американскиот суд за хасидската библиотека на Шнеерсон, која на времето беше предадена во Руската државна библиотека, а делумно се чува во рускиот воен архив како трофеј од Големата татковинска војна. 

Судот определи казна за Русија од 50 илјади американски долари за секој ден од одложувањето на предавањето на колекцијата на хасидската организација. Стравувањето дека судот може да задржи каков било имот за обезбедување на враќањето беше причина речиси сосема да се запре организацијата на изложби на руските музеи во САД, а американските музеи се откажаа од претставување на своите експонати на изложби во Русија. 

Во моментов библиотеката на Шнеерсон е прикажана во Еврејскиот музеј во Москва, каде е организирана филијала на Руската државна библиотека.

Според материјалите на Известија и Газета.ру.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња