Извор: Наталија Михајленко
Точно пред четириесет години, во 1974, одби да се врати во Советскиот Сојуз за време на гостувањето во Канада. Тоа беше една вистинска детективска приказна, со прикривање траги, со автомобил кој го чекал на договорено место.
Не бегаше од политички, туку од уметнички причини. Баришников во Ленинград беше познат и успешен уметник, но сакаше поинаков балет за разлика од оној во СССР. Послободен и посовремен, несоветски. Му недостасуваше слободата на творештвото.
Што ќе го чекаше Баришников во Русија доколку не отпатуваше на Запад? Неговиот најблизок пријател Јосиф Бродски одговараше на ова прашање: „Ќе се пропиеше!“. Таква судбина ги снајде многумина талентирани луѓе во седумдесеттите години од минатиот век. Писатели, пејачи, режисери почнуваа да пијат, престануваа да пишуваат, да свират, да режираат, зашто не можеа да се спротивстават на вкочанетата атмосфера на доцниот СССР.
Од друга страна, кој знае што би бил доколку се родеше во Америка. Самиот Баришников претпоставува дека во ниту еден случај не би станал балетан. Веројатно би станал правник или бизнисмен.
Откако пребега на Запад, не само што успеа да се реализира, да ги танцува своите најдобри улоги, туку стана и вистинска поп-ѕвезда, неговата слава денес ги минува границите на балетскиот свет. Да кажеме, неодамна глумеше во мегапопуларната серија „Сексот и градот“, па за него слушнаа и оние кои никогаш не биле на театар.
За неговиот феномен добро се изјасни и еден друг руски Американец, писателот Сергеј Довлатов: „Неодамна наминав на пазарење околу Квинс Булевар, во Њујорк. На ѕидот видов огромен портрет на Михаил Баришников. Само слика, без потпис. И одеднаш сфатив што е тоа слава! Тоа е кога твојата слика ќе ја стават во продавница. Не во предворието на театар. Не во уредништвото на списание за мода. Имено во продавница, со уверување дека личноста на сликата им е позната на сите“.
![]() |
Марк Шагал: Во трка со катастрофите Големиот Шагал е еврејски, француски, американски уметник. Но, и руски, со оглед на тоа дека се родил на територијата на Руската Империја. |
Но, ни списанијата за мода не го заобиколуваат. Малкумина ги интересира неговата кореографија, но за приватниот и за монденскиот живот на Баришников пишуваат со задоволство. За неговите романси со Џесика Ланг, со Лајза Минели, за неговите автомобили, за патувањата, за бизнисот.
Како и секоја ѕвезда, и Баришников има обожаватели во највисокото друштво. И како и секоја ѕвезда се однесува кон нив од височина. Еднаш за време на еден прием во Белата куќа се нашол на иста маса со принцезата од Велс, која сега е веќе покојна. Дијана го прашала:
- Вие, секако, не се сеќавате на мене?
- Молам, Ваше Височество?
- Пред да се омажам не пропуштав ниту еден ваш настап во Конвент Гарден. А еднаш заедно со други ваши обожавателки ве чекав по претставата, па дури и добив автограм од вас.
- И што ви напишав?
- Само презимето. Ми се чини дека многу брзавте.
Баришников има своја балетска компанија, успешен бизнис. Постои дури и линија на облека и на парфеми „Миша“. Долго време беше и косопственик на легендарниот ресторан „Руски самовар“ во Њујорк, каде од осумдесеттите години на минатиот век традиционално се собираат руските емигранти. Од интелектуалната елита (Бродски, Довлатов) до гангстерите од Брајтон.
Еднаш Баришников седел со пријателите во „Руски самовар“, а покрај него викало некое гангстерско друштво. Еден од пријателите почнал да се лути, но Баришников се насмевнал: „Остави ги нека викаат, подобро не ги закачај, инаку би можеле да пукаат. Кој те шиша тебе, за мене ми е жал!“.
Цинично, но вистинито. Би било жално да го изгубиме Баришников. Тој е народно богатство на неколку држави одеднаш.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче