„Ежето во магла“ го освојува светот на порцеланот

Ликовите под познатиот цртан филм на Јуриј Норштејн „Еже во магла“ станаа јунаци на порцеланот на санктпетербуршката Царска фабрика за порцелан.

Извор: Татјана Шрамченко

Јуриј Норштејн се шета меѓу витрините со отмени тацни, чајници и садови за шеќер. Носи темно сини траперки, кошула од џинс и сако, на рамениците му виси платнена торба. 

„Ова е авторот на ежето?“, ја прашува еден посетител својата придружничка, покажувајќи на Норштејн. Славата на ликовите веќе одамна ја мина славата на авторот. 

Познатиот режисер, творецот на култниот анимиран филм „Еже во магла“, Јуриј Норштејн се нашол тука, во московската Галерија на современа уметност на порцелан за да ја претстави новата колекција на санктпетербуршката Царска фабрика за порцелан. Јунаците на оваа колекција се токми ликовите на „најдобриот анимиран филм на сите времиња и на сите народи“, како што во 2003 година му ласкаше на „Ежето во магла“ меѓународната заедница на филмски критичари на фестивалот во Токио.

„Со мене секогаш е комплицирано“ 

Идејата за отелотворување на ликовите од анимираните филмови на Норштејн на порцелан се родила во 2012 година, кога и започнала нејзината реализација. Режисерот, кој е познат по својот идеализам и перфекционизам, ги предвидел компликациите и не верувал во успех на претпријатието. „Со мене е  секогаш комплицирано“, ги предупредил тој претставниците на фабриката. Сепак, по посетата на работилниците и откако ги видел работите на уметниците, Норштејн бил длабоко погоден од „волшебната уметност на порцеланот“ и почнал да соработува во работата на колекцијата. 

Најтешко било, според признанието на режисерот, да се пронајде потребниот тон и да се пренесе „магливиот“ стил од филмот на порцелан. „Но, сепак излеговме од таа магла“, се шегува Јуриј Норштејн. „Дури и си замислив дека „Ежето во магла“ ќе почне да патува по шолјите и по тацните“.

Втор живот на Ежето 

Колекцијата се состои од шолја за чај и за кафе и од неколку големи чинии и прекрасни осумаголни кутии. На секој од предметите е прикажан еден кадар од филмот, секој предмет раскажува една мала приказна: да кажеме, замисленото еже го гледа небото, а од гранките неочекувано се појавува бувот, главата на белиот коњ одвај се наѕира низ маглата, во тревата е заборавен врзопот на ежето. За секоја тацна и шолја е направено посебно пакување кое потсетува на книга. 

Претставниците на Царската фабрика за порцелан се уверени дека колекцијата нема да биде популарна само во Русија, туку и во други држави каде се прикажувал филот и каде ги сакаат неговите ликови. Директорот на Галеријата за современа уметност на порцелан Михаил Тернихин е уверен дека во ваков контекст ликот на ежето во магла „може да придонесе во подобрувањето на имиџот на Русија во светот“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња