Валенки – волнениот симбол на Русија

Декоративни валенки. Извор: Вадим Кантор, „Московские новости„

Декоративни валенки. Извор: Вадим Кантор, „Московские новости„

Во Русија пристигна ладното време, па дури и зимата, и тоа не само календарски. Време е да се присетиме на валенките, најтоплите и најудобните руски обувки.

Валенките се споменуваат уште во најстарото дело на руската книжевност „Слово за походот Игорев“ (12 век), па затоа можат да се сметаат за автохтони руски обувки. Валенките ја спасувале руската војска во татковинските војни и во голема мера помагале при освојувањето на бескрајните пространства на рускиот Север. 

Валенките се топли чизми од валана овчка волна. Освен зимските капи „ушанки“ и матрјошките, валенките претставуваат еден од симболите на Русија кои сведочат за надареноста на рускиот народ и за богатата и оригинална култура на земјата. 

Руски симболи: Оренбуршка марама
Оренбуршката марама од нежни козји влакна е руски симбол исто како и тулското медено колаче, хохломата, традиционалните руски керамички производи или како вологодската тантела.

Според археолошките податоци, најстарите ракотворби од волна се пронајдени на Алтај, планински масив во југоисточен Сибир. Нивната старост се проценува на околу 2.500 години. Се смета дека од валана волна најпрво се изработувале теписи, а самото валање како начин за обработка на волната било распространето кај степските номадски народи. Жителите на Азија од валана волна изработувале перници, влошки за обувки и топла постава, па со неа дури и ги „тапацирале“ ѕидовите на своите куќи. 

Автохтони обувки

Сепак, првото споменување на „сукнените чизми“ го наоѓаме во најстарото дело на руската книжевност „Слово за полкот Игорев“. Валенките се автохтони руски обувки. За првпат се појавиле во Сибир, но тогаш биле плитки, а гамашите биле валани одделно, односно со шев. Се смета дека татковината на денешните валенки е градот Мишкин во Јарославската губернија. Мајсторите од овој град во 18 век први почнале да изработуваат валенки како едно парче заедно со гамашите. Од Јарославската област овие обувки со брзина на ветрот се прошириле низ цела Русија. Набргу во секое село се појавиле работилници за изработка на валенки, а во градовите се изградиле големи фабрики за нивно производство. 


Дизајнерски валенки. 
Извор: Вадим Кантор, „Московские новости„

Предноста на руските валенки е во тоа што постојано предизвикувале чудење кај странците, кое се однесува на едноделниот облик, односно на непостоењето шевови. Можеби оттаму се појавила и изреката „едноставен како валенки“. Но, овој израз никако не се однесува на самата изработка на валенките која подразбира мошне сложен процес и голема умешност. 

Мајсторите најпрво ја чистеле овчката волна, потоа ја кубеле и ја чешлале сè дури не стане мека, а потоа ја валале рачно на специјални направи, по што ја држеле во зовриена вода и раствор од сол, ја навлекувале на триаголна рамка, ја рамнеле, па дури потоа ја растегнувале на калап. 

Скапо задоволство

Валенките отсекогаш биле скапо задоволство. Било добро доколку куќата поседува барем еден пар валенки, а нив ги носел најстариот член на домаќинството. Куќите во кои сите носеле обувки од валана волна се сметале за имашни. Валенките биле исклучителен подарок и секогаш се носеле со посебно внимание за да можат да се сочуваат за помладите генерации. 


Дизајнерски валенки. 
Извор: Вадим Кантор, „Московские новости„

Без валенки нашите предци не можеле да ги замислат веселбите на поклади, коледарските обичаи и панаѓури, кога надвор стега мразот и кога настапува вистинската руска зима. Тогаш, најверојатно, и настанала познатата руска народна песна „Валенки“. Обувките од валана волна носеле и претставниците на власта. Петар Велики, на пример, го лекувал мамурлакот така што облекувал валенки на боси нозе и јадел чинија супа од кисела зелка. Руските царици Екатерина Велика и Ана Ивановна носеле валенки направени специјално за нив и тоа со раскошни балски фустани. Валенките ја спасувале и руската војска во татковинските војни. Во голема мера помагале и во освојувањето на северните територии. 

Медицински карактеристики

Медицински извори го потврдуваат благотворното влијание на валенките врз организмот. Овчката волна ја апсорбира и ја ослободува влагата, акумулира топлина и со тоа помага при настинка, при ревматски болки, при радикулит и при други заболувања на мускулите и на зглобовите. Валенките често им се препорачуваат на луѓе кои имаат проблеми со крвотокот, како и при алергии и при болести на органите за дишење. Мошне се корисни и кај болестите на мускулно-коскениот систем, зашто стапалото во овие обувки не се деформира, а освен тоа обувките од валана волна пропуштаат воздух, со што се спречува развој на габични заболувања. Валенките ги намалуваат нервната напнатост, чувството на замор и на тежина во нозете, како и болките во грбот, а кога се носат на боси нозе придонесуваат за подобрување на циркулацијата. 


Валенки на лизгалки. 
Извор: Вадим Кантор, „Московские новости„

Валенките во последно време сè почесто се среќаваат во продавниците. Тие во ништо не заостануваат зад модерните обувки. Денешните валенки се мајсторски украсени со стаклени мониста, со врвки, со крзно, со вез и ги има во најразлични бои, а зајакнати се со гумен ѓон со извишена пета. Можат да се најдат дури и посебни домашни валенки.

Рускиот текст на сајтот Shkolazhizni.ru.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња