Десет руски збора што ги знае целиот свет

Се смета дека големиот руски научник Дмитриј Менделеев го пронашол идеалниот сооднос на водата и алкохолот од 40%. Извор: РИА Новости

Се смета дека големиот руски научник Дмитриј Менделеев го пронашол идеалниот сооднос на водата и алкохолот од 40%. Извор: РИА Новости

Руската лексика активно се пополнува за сметка на позајмените зборови од другите јазици, пред сè од англискиот. Но, постојат и обратни примери кога руските зборови без да се преведат на мајчиниот јазик влегуваат во јазиците од целиот свет.

Вотка 

Традиционалниот руски алкохолен пијалак се појавил во 15 век, кога Словените почнале да варат таканаречено лебно вино, а научно поткрепената технологија за производство на вотка била разработена кон крајот на деветнаесеттиот век со учество на големиот руски научник Дмитриј Менделеев, кој, како што се смета, го пронашол идеалниот сооднос на водата и алкохолот од 40%. Во 1982 година на СССР му бил обезбедан приоритетот во производството на вотка и земјата се стекнала со исклучително право на нејзиното рекламирање на светскиот пазар  под паролата: „ Only vodka from Russia is genuine Russian vodka“ („Само вотка од Русија е оригинална руска вотка“). Сега на шишињата од вотка се испишани предупредувања „Прекумерната употреба на алкохол е штетна за вашето здравје“, иако народната мудрост одговара „Вотката во мали дози е полезна во кои било количества“. 

Тројка 

Колата што ја влечат три коња се појавила во средината на осумнаесеттиот век, кога на коњичката пошта ѝ биле потребни лесни запреги за далечни и обично лоши патишта (постои една популарна поговорка „Во Русија постојат две несреќи – будалите и патиштата“). До почетокот на дваесеттиот век патувањето на тројка била најраспространет начин на поминување растојанија и популарен начин за забава (особено на зимски санки). Со тројката се поврзуваат просторот и слободата, на тројката ѝ се посветени многу стихови и романси, а најекспресивни се сметаат оние создадени од Николај Гогољ (во поемата „Мртви души“), а тоа е ликот на Русија како тројка: И ти ли, Русијо, си смела и недостижна како тројката? /.../ Русијо, каде иташ? Одговори ми. Не одговара. 

Вова, Владимир, Владимир Владимирович: што значат руските имиња?
Многумина мислат дека човековото име влијае на неговата судбина. Кои имиња им ги даваат руските родители на своите деца и како со помош на имињата може да се изрази односот кон некого?

Матрјошка 

Шуплива дрвена кукла, во која се наоѓаат една во друга исти такви куклички од која секоја е помала од другата. Називот дошол од нагалената форма на простонародното женско име Матрјона. Интересно е што основа за матрјошката била една јапонска играчка која во Русија била донесена кон крајот на деветнаесеттиот век. Обично во една матрјошка има од 3 до 24 кукли Во последно време особен интерес како руски сувенир има матрјошката со политичари: во Путин се наоѓа Елцин, во него Горбачов, потоа Брежњев, па Хрушчов, па Сталин и минијатурен Ленин. 

Дача 

Куќа надвор од градот во која одмораат градските жители. Називот произлегува од глаголот „дать“ /„дава“/ („дача“ – она што е дадено); порано руските и советските власти „давале“ вакви куќи на претставниците на привилегираните слоеви, на државните чиновници, на културните и на научните дејци. Почнувајќи од педесеттите и шеесеттите години од минатиот век и обичните граѓани ја добија можноста да имаат дача, за таа цел тие се обединија во дачно-градежни кооперативи. Денес повеќе никој не дава дача: може или да си ја изградите или да си ја купите, но зборот сепак си е останат. 

Погром 

Зборот е образуван од глаголот „громить“ (односно уништува, разурнува) и означува масовно насилно дејствие насочено против некоја група население и се карактеризира со физички напад и разурнување на куќите, претпријатијата и религиозните објекти. Посебна популарност добиле еврејските погроми во Русија во 19 и почетокот на 20 век; имено оттука и зборот влегол во поголемиот број европски јазици. 

Колхоз 

Зборот претставува скратена форма од „коллективное хозяйство“ („колективно стопанство“) и означува кооперативна организација на селани врз основа на општествени средства на производството и колективниот труд. Првите колхози се појавиле уште во 1918 година, а во периодот од 1929 до 1932 во СССР била спроведена принудна целосна колективизација. За мнозинството селани таа имала крајно негативни последици, колхозот како форма на стопанство покажало неефикасност. Денес со овој збор погрдно се нарекуваат организации со лошо раководство (без разлика на големото количество началници). 

Теписи на ѕид – „олдскул“ од СССР
Многумина странци кои имаат посетено некој руски дом сигурно се запрашале: да не одат Русите по ѕидови? Ако не одат, тогаш зошто имаат на ѕидовите теписи? Постојат многу одговори и сите тие се делумно точни. „Руска реч на македонски“ ви претставува еден од најнеобичните обичаи од советските времиња, чии траги и денес се присутни во многу станови ширум земјата.

Калашников 

Автоматот, кој се смета за најдобро стрелечко оружје во светот (и кој официјално се нарекува АК-47), го нарекуваат така по името на неговиот конструктор Михаил Калашников, кој го смислил уште на почетокот на Втората светска војна (кога имал нешто повеќе од 20 години). Во 1947 година се појавил првиот модел АК, додека во 1949 автоматот бил примен во вооружувањето на Советската армија, а понатаму влегол и во армиите на многу земји во светот. Михаил Калашников почина во декември 2013 година на 95 години. 

Спутник 

До средината на дваесеттиот век овој збор широко се користел во значењето на „сопатник, човек кој патува или оди некаде со некого“. Но, кога на 4 октомври 1957 година во СССР беше испратен првиот вештачки сателит на Земјата, зборот почна да се употребува пред сè во значење „небесно тело кое се движи околу планета“, и имено со вакво значење влезе во многу јазици во светот. Испраќањето сателит го означи доаѓањето на космичката епоха, а во политичките односи го натера светот на нов начин да гледа на Русија, на која дотогаш се гледаше како на технолошки неразвиена земја. 

Перестројка 

Со овој термин се означува периодот на реформа и на преобразување, кој започна во СССР по доаѓањето на власт на Михаил Горбачов во 1985 година и кој заврши со распад на СССР во 1991 година. До 1985 година зборот немаше никаква политичка конотација и означуваше преобразување, трансформација на некоја зграда или на некоја градба. Во земјата перестројката означуваше раширување на слободата, заживување на граѓанската активност, воведување пазарни елементи во економијата, а во делот од надворешната политика – откажување од конфронтациите и премин кон соработка со Западот. Перестројката ѝ стави крај на полувековната студена војна, па затоа овој збор влезе во јазиците во светот и доби позитивна конотација. 

Гласност 

Термин, кој означува политика на максимална отвореност во работата на државните установи и слобода на информациите; основна компонента на политиката на перестројка, која за основа ги има ослабувањето на цензурата и симнување на многубројните информациски бариери кои постоеја во советското општество. Зборот потекнува од древноруската форма на зборот „голос“ („глас“), кој во буквална смисла значи возможност да се зборува гласно и отворено.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња