Кандински – жртвата на два режими

Извор: Наталија Михајленко

Извор: Наталија Михајленко

Василиј Кандински (1886-1944) е еден од најпознатите руски сликари и основоположник на апстрактното сликарство. Кога се зборува за апстрактното сликарство, секогаш најпрво се спомнува неговото име и неговите композиции со петна со јарки бои и со геометриски фигури.

Со сликарството започнал да се занимава случајно и во подоцнежни години, кога имал 30. До триесеттата година Кандински бил правник, и тоа мошне успешен. Го канеле да држи предавања по право на најпрестижните универзитети. И одеднаш тој си го сменил својот живот. Постоеле две причини. Како прво, тој отишол на изложба на импресионисти и таму ја видел сликата на Моне „Стог сено“, која силно го допрела. Вториот клучен момент била операта на Вагнер „Лоенгрин“, која во тоа време се давала во Бољшој театар. Овие два настани биле доволни за Кандински да ја измени својата судбина. Тој нагло ги напуштил сите свои правни работи и заминал во Минхен за да учи сликарство. 

На бело II. Фотографија од слободни извори

Приказната на Кандински е слична на приказната на Пол Гоген, кој исто така на почетокот воопшто не се занимавал со сликарство. Тој бил мошне успешен брокер на берза. А, потоа, одеднаш престанал да оди на работа, го напуштил семејството и почнал да слика. По сè изгледа сликарството е толку привлечна уметност, што поради него можат да се жртвуваат многу работи. Кариерата, убавиот живот, семејната среќа. 

Тешко е да се говори за тоа колку Кандински умеел да слика. Дури и на пејзажите што ги има насликано е тешко да се каже што е претставено на нив. Петната во бои се слеваат, се прелеваат. На почетокот се чини дека е дрво. Потоа, излегува дека е канделабар. Понекогаш се чини дека ваква слика може да нацрта и дете. 

Секако, ова не е сосема ликовна уметност, таа ништо не отсликува. Хаосот од бои буди еден куп асоцијации и чувства. Ефектот што го предизвикуваат сликите на Кандински е како музика, Неговите слики се мошне музикални. Не за џабе тој бил виолончелист, при што многу добар. Едно време дури и одржувал концерти. 

Василиј Кандински. Автограм. Фотографија од слободни извори

Сепак Кандински воопшто не се прославил со своите слики, туку со тоа што ја открил апстрактната уметност и станал нејзин теоретичар. Сето тоа излегло случајно. Еднаш навечер, додека се враќал дома, тој видел нешто што го восхитило со својот прекрасен склад на бои. Тоа била една негова слика. Таа паднала настрана, а врз неа паѓала светлина од уличното осветлување. Силуетите исчезнале, се разлиле. Останал само општ впечаток од нешто јарко, необично. Оттогаш Кандински повеќе не сликал предметни слики. Само апстрактни. 

Неговите слики не ги купувале. Мнозинството критичари велело дека станува збор за бесмислена мачканица. Кандински немал од што да живее. И тој решил да се врати во Русија. Се обидел да соработува со болшевиците. Работел во Народниот комесаријат за просвета, предавал. Но, сето тоа не траело долго. Болшевиците мошне бргу ја прогласија апстрактната уметност за декаденција. На Кандински му била залепена етикета „следбеник на буржоазијата“. Неговите слики биле отстранети од сите советски музеи. Сево ова се чини многу чудно, зашто во нив тешко дека може да се најде нешто буржоаско или антибуржоаско. Како може да биде буржоаско петно во боја? 


Композиција X. Фотографија од слободни извори

Откако сфатил дека е непотребен во татковината, Кандински повторно заминал во Германија. Но, и таму тој морал да се судри со политиката. Школата, во која тој предавал, ја затвориле под притисок на нацистите. А, кога Хитлер дошол на власт, сликите на Кандински биле прогласени за дегенеративна уметност. Некои дури и биле уништени. 

Од Германија тој заминал во Франција, каде останал до крајот на животот. И таму тој живеел во сиромаштија, која доаѓала до тој степен што Кандински не можел да си купи платно. Затоа најголем дел од неговите дела од францускиот период се многу мали. Дури и масло снемувало понекогаш. Понекогаш тој едноставно цртал со гваш на картон. И тоа го правел не поради тоа што така си замислил, ами едноставно поради тоа што немал пари за платно и за бои. 

Всушност, јасно е зошто неговото сликарство не го сакале во тоталитарните држави. Тоа дава премногу широк простор за фантазија, дава премногу слобода. А, тоа, пак, на диктаторите не им се допаѓа – ниту на пролетерските, ниту на нацистичките.


Извор: Photoaisa/Legion Media; Fine Art/Legion Media

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.