Ерофеев и Памук добитници на наградата „Табернакул“

Виктор Ерофеев и Орхан Памук при доаѓањето на прес-конференцијата. Извор: Маја Јаневска Илиева, Нова Македонија.

Виктор Ерофеев и Орхан Памук при доаѓањето на прес-конференцијата. Извор: Маја Јаневска Илиева, Нова Македонија.

Вчеравечер на сцената на новиот објект на Македонскиот народен театар беше врачена литературната награда „Табернакул“, која од минатата година почна да се доделува и ветува дека ќе стане традиционална. Годинашни лауреати се рускиот писател, есеист и критичар Виктор Владимирович Ерофеев и турскиот нобеловец Орхан Памук. „Руска реч на македонски“ го проследи овој мошне важен настан за македонската култура.

Рускиот писател, есеист и критичар Виктор Владимирович Ерофеев и турскиот нобеловец Орхан Памук вчеравечер во Македонскиот народен театар ја примија меѓународната книжевна награда „Табернакул“ за 2013 година, која минатата година ја востанови издавачот „Табернакул“. 

Одлуката ја донесе одборот за доделување на наградата, во состав академик Ферид Мухиќ, академик Горан Стефановски, професор Венко Андоновски, Цветан Враживирски и лауреатите на првата награда „Табернакул“ од минатата година чешкиот писател Милан Кундера и српскиот поет Љубивоје Ршумовиќ.

Наградата „Табернакул“ беше основана минатата година. Први нејзини лауреати беа чешкиот писател Милан Кундера и омилениот детски српски поет Љубивоје Ршумовиќ – Ршум. Организаторите ветуваат дека наградата ќе продолжи да се доделува и во следните години и ќе прерасне во традиционална.

Наградата на Ерофеев му ја врачи Ршумовиќ а на Орхан Памук главниот и одговорен уредник на „Табернакул“ Цветан Враживирски. Претходно со своја беседа за писателите настапија членовите на жири-комисијата, професорот и писател Венко Андоновски и академик Ферид Мухиќ. 

Во својата реч за Виктор Ерофеев, професорот Андоновски рече дека тој е автор во чии дела превладува стилот на Достоевски и дека две клучни теми го одликуваат неговото творештво, а имено – темата на еросот и на тоталитарното устројство на личноста. 

„Јас мислам дека писателот треба да припаѓа на две култури, на својата, односно националната, како што е за мене руската, од една страна, и на светската култура, од друга страна“, истакна Ерофеев.

Освен годинашниве добитници во салата на Македонскиот народен театар присутни беа и многу видни личности од македонското општество, писатели, литерати, професори, голем број новинари, како и премиерот на Република Македонија Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска. На доделувањето на наградите присутен беше минатогодишниот лауреат на „Табернакул“ Љубивое Ршумовиќ, кој од свои раце му ја врачи наградата на Ерофеев.


Виктор Ерофеев: Колку повеќе го слушам македонскиот јазик, толку повеќе сфаќам колку се слични нашите држави. Извор: Маја Јаневска Илиева, Нова Македонија.

Претходно, во 11 часот утрото, во фоајето на новиот објект на Македонскиот народен театар беше одржана и прес-конференција, на која новинарите имаа можност да им постават прашања на лауреатите. На прашањето за тоа каква е според него состојбата со современата руска литература, Ерофеев рече: Денес можеме да видиме десетмина писатели во Русија. Тогаш ни се чини дека ситуацијата е ужасна. Но, од друга страна, кога ќе се завртиме околу себе и кога ќе видиме двајца писатели од Франција, еден од Германија, тогаш сфаќаме дека лошото е всушност добро.

Утринава, пак, со почеток во 10 часот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Виктор Ерофеев одржа предавање на тема „Зошто книжевноста е таинствена?“. На предавањето беа присутни голем број еминентни гости, професори од Филолошкиот факултет, како и од Институтот за македонска литература, писатели, критичари, а најмногу радуваше фактот што на настанот во голем број беа присутни студенти, постдипломци и докторанди. 

Инаку, наградата вклучува објавување на последните две книжевни дела на Памук и на Ерофеев, статуетки и парична награда од по 5.000 евра.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња