Убавина и тага: руските писатели за есента

Исак Левитан: Златна есен (1895)

Исак Левитан: Златна есен (1895)

Есента е најубавото годишно време во Русија, кога небото и воздухот се прозрачни и кога ветрот со дрвјата носи мноштво разнобојни лисје. Но, кај великаните на руската книжевност есента знаела да предизвика измешани чувства. Читањето на нивните есенски мисли, често скриени меѓу останатите делови на големите романи, претставува уште еден начин да се проникне во длабочината на руската душа.

Есента е најубавото годишно време во Русија, кога небото и воздухот се прозрачни и кога ветрот со дрвјата носи мноштво разнобојни лисје. Но, кај великаните на руската книжевност есента знаела да предизвика измешани чувства. Читањето на нивните есенски мисли, често скриени меѓу останатите делови на големите романи, претставува уште еден начин да се проникне во длабочината на руската душа.

Обележје на руската есен се жолтата и златна боја на лисјето, токму како во ремек-делото „Златна есен“ на Исак Левитан. Уметниците биле особено инспирирани од бојата на ова годишно време, но покрај прекрасниот колорит, есента се карактеризира и со берби, непредвидливи временски услови и традиционалното собирање печурки и боровинки. Сето ова кај најголемите писатели на Русија предизвикувало измешани чувства.

„[...] Беше она невообичаено есенско време, на кое луѓето секогаш му се восхитуваат, она време кога ниското сонце грее посилно одошто напролет, кога сѐ блеска во реткиот, чист воздух, така што ги засенува очите, [...] кога во тие темни, топли ноќи од небото паѓаат златни ѕвезди, кои непрестајно го плашат и го радуваат човека“.

Лав Толстој, „Војна и мир“

 

За некои од нив есента била темна доба, често симбол на минливоста на животот. Ова годишно време кај Фјодор Михајлович Достоевски предизвикувало носталгија и сеќавање на детството, но и одредена доза на тешкотија, која произлегува од фактот за минливоста. Во поголемиот дел од своите дела писателот ова чувство го искажува преку зборовите на своите книжевни ликови.

Во „Бедни луѓе“, првиот роман на Достоевски, напишан во форма на преписка, Варвара Доброселова пишува: „Боже, колку ја сакав есента на село! Бев уште дете, но и тогаш многу чувствував. Есенската вечер многу повеќе ја сакав од утрото. Се сеќавам, веднаш до нашата куќа, под ридот, имаше езеро. Тоа езеро – како сега да го гледам – тоа езеро е толку широко, светло, чисто, чисто како кристал“. Во писмото до Макар Девушкин таа продолжува живо да го опишува ова годишно време на село и „златната доба“ на своето детство.

„Ќе избледи твојот фантастичен свет и ќе исчезне, ќе овенат твоите сништа и ќе се расфрлат како жолти лисје од дрвјата“.

Фјодор Достоевски, „Бели ноќи“

Доброселова продолжува: „Еве, се расплакав како дете занесена од своите спомени. Толку живо, толку живо се сетив на сѐ, толку јасно ми излезе пред очи сето минато – а, сегашноста е толку матна, толку мрачна!... Како ќе се заврши сето ова, како?... Знаете ли дека некако сум убедена, некако сум уверена дека ќе умрам есенва. Јас сум многу, многу болна“. Во своите следни дела Достоевски и понатаму ја користи метафората на есента: „Ќе избледи твојот фантастичен свет и ќе исчезне, ќе овенат твоите сништа и ќе се расфрлат како жолти лисје од дрвјата“, пишува тој во „Бели ноќи“.

„Како што на сликарот му е неопходна светлина за на сликата да ги повлече последните потези со четкичката, така и мене ми е потребна внатрешна светлина, а чувствувам дека ја нема доволно во есенските дни“ – ова е цитат од Лав Толстој и многумина со него го објаснувале недостатокот од инспирација кај писателот во ова годишно време. Сепак, големиот романописец го достигнал врвот на поетското творештво со својот опис на есента во „Војна и мир“. Неговиот приказ на временските услови меѓу Бородинската битка и влезот на Французите во Москва во целост ги маѓепсува читателите: „...За време на целата таа возбудлива и незаборавна недела, беше она невообичаено есенско време на кое луѓето секогаш му се восхитуваат, она време кога ниското сонце грее посилно одошто напролет, кога сѐ блеска во реткиот, чист воздух, така што ги засенува очите, кога градите стануваат снажни и закрепнуваат, вдишувајќи го есенскиот миризлив воздух, кога ноќите се дури и топли и кога во тие темни, топли ноќи од небото паѓаат златни ѕвезди, кои непрестајно го плашат и го радуваат човека“.

Во своите „Сеќавања“ Максим Горки расказите на Чехов ги споредува со доцна есен. „Што се однесува на расказите на Антон Павлович, читателот се чувствува како да е во некој меланхоличен ден од крајот на есента, кога воздухот е прозрачен и во него јасно се оцртуваат контурите на голите дрвја, на тесните куќи и на сивкавите луѓе“, пишува Горки. Нема сомнеж дека Горки, кој го критикува Чехов, не ја сакал есента. „Сето тоа е така чудно – самотно, неподвижно, немоќно. Хоризонтот е син и напуштен, се претопува во бледникавото небо, и неговиот здив е застрашувачки ладен над земјата прекриена со замрзната кал. Умот на писателот, како есенско сонце, јасно ги осветлува монотоните патишта, кривите улици, малите валкани куќи, кои ситните и несреќни луѓе, притиснати од здодевност и мрзеливост, ги исполнуваат со бесмислено, поспано раздвижување“.

Ако некој од великаните на руската книжевност страсно ја сакал есента, тоа бил Александар Сергеевич Пушкин, чии стихови се блиски на срцето на авторот на овие редови:

„Не ги сакаат дните на доцната есен

Но таа мене ми е мила, читателу мој,

Со убавина тивка, блесок лесен

Како дете за кое не се грижи никој

Ме привлекува таа. Да кажам јасно,

Од годишните времиња есента е љубовта моја,

Во неа има многу добрина; сосема страсно

Јас најдов нешто во неа со мечтата своја“.

Есента особено силно ги инспирирала овие великани на руската книжевност. Читањето на наведените литературни бисери, често скриени меѓу останатите делови на големите романи, претставува еден начин да се проникне во длабочината на руската душа. Без оглед на тоа какви чувства ова годишно време будело во умовите на прочуените писатели, боите, мирисите, сликите и звуците на есента, всушност, ги побудиле најкреативните и најдескриптивните способности во нив.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња