Андерграунд шоу-бизнисот во СССР

ФОТО:  Александар Астафев / РИА Новости

ФОТО: Александар Астафев / РИА Новости

Доколку Лео Фендер не ја измислеше електричната гитара „Stratocaster“, немаше да го имаме ни феноменот на Џими Хендрикс. Ова нешто може да важи и за рускиот рок: доколку на почетокот не постоеја решителни и храбри андерграунд-менаџери, можеби немаше ни да постои рокот во СССР.

На врвот на брежњевската стагнација од почетокот на седумдесеттите години од минатиот век студентите на московскиот Институт за меѓународни односи и на Институтот за странски јазици „Морис Торез“ почнаа да одржуваат концерти според дотогаш непознати комерцијални шеми. Влезниците чинеа од 3 до 5 рубли и всушност беа на половина исечена поштенска разгледница со своерачно направен печат во облик на птица или на животно. На „влезницата“ немаше датум, адреса или цена за концертот. Сета информација беше пренесувана усно.

Денес е тешко да се каже кој ги организираше во Москва првите андерграунд рок-концерти, но оние што пишуваат мемоари најчесто го споменуваат Јуриј Ајзеншпис (1945-2005). Тој беше уапсен во 1970 година и осуден на 18 години затвор поради прекршување на правилата за девизни операции.

Во основата на андерграунд шоу-бизнисот лежеше приватното претприемништво кое беше казниво во СССР, а исто така и цела низа кршење на законодавството. Фалсификување документи, правење и продажба на илегални билети, изведба на независни песни, илегално собирање луѓе, употреба на алкохол на јавни места. Казните за овие прекршоци беа различни: од исфрлање од факултет до затвор.


Андеграунд-концерт на групата "Машина Времени", 1977 г.

За разлика од андерграунд-трговците со старинска стока, икони, девизи, производители на траперки и на други „дефицитарни“ производи, кои ги интересираше само заработката, рок-менаџерите всушност беа идеалисти. Тие искрено ја сакаа музиката и знаеја апсолутно сè за неа. Рокот за многу млади луѓе беше нешто слично на религија. Не за џабе ги прецртуваа фотографиите на Џон Ленон од омотот на грамофонските плочи на Битлс во облик на икона. Токму поради тоа на системот му беше мошне тешко да се бори со андерграунд-движењето: не стануваше збор за криминалци или за луѓе кои се антисоветски насочени,туку за моќно младинско движење кое растеше на поинакви духовни вредности и беше ориентирано кон Запад. Имаше многу рокери, имаа прекрасен талент за самоорганизација. Тие години во Русија беше создадена цела една андерграунд-индустрија за изработка на домашни електрични гитари и засилувачи на звук, се појавија студија за снимање. Снимките молскавично се ширеа низ целиот СССР преку мрежата на „преснимувачи“. Сето тоа заедно на крајот го доби називот “руски рок“.

ФОТО: Денес е тешко да се каже кој ги организираше во Москва првите андерграунд рок-концерти, но оние што пишуваат мемоари најчесто го споменуваат Јуриј Ајзеншпис (1945-2005). Тој беше уапсен во 1970 година и осуден на 18 години затвор поради прекршување на правилата за девизни операции.

До крајот на седумдесеттите години од минатиот век во Москва работеа десетици рок-менаџери кои имаа мрежа помошници за распространување влезници и реклами. Еден од најпознатите „менаџери“ беше Тоња Крилова, студентка по медицина, а потоа лекар во брза помош. Тоња имаше организирано десетици андерграунд-концерти во Москва и во предградијата. Речиси сите андерграунд-групи од втората половина на седумдесеттите години од минатиот век, како што се „Машина времени“, „Воскресење“, „Високосное лето“, „Аракс“, „Рубиниваха атака“ свиреа на концерти што таа ги имаше организирано.

Како ученик упаднав на еден таков концерт. Салата за околу 700 души беше преполна со студенти. Атмосферата беше невообичаена во однос на концертите на Советските вокални и инструментални ансамбли (ВИА). Немаше плакати, немаше милиција, ниту, пак, бабичките што продаваа влезници. На влезот стоеше Тоња и неколку момчиња од нејзината екипа. Откако ќе го минеа тој „граничен одред“, посетителите беа препуштани сами на себе. Можеа да прават што сакаат. Но, немаше никакви тепачки, нити, пак, пијани луѓе. И сето тоа тие го правеа со свои раце, без никаква помош.


Андеграунд-концерт на групата "Аквариум", 1982 г.

Таа работа беше комерцијално исплатлива. Заработката можеше да изнесува од три до пет илјади рубли. На времето тоа беа големи пари. Но, и голем ризик: во кој било момент организаторите, музичарите, па дури и посетителите можеа да завршат зад решетки. Тоа не беше толку ретко. Токму затоа сите случувања се одвиваа без какви било документи, финансиски извештаи и договори. За да не постојат докази. Кога започнуваше истрага за андерграунд-концертите, сите повторуваа: „Немам видено никакви пари, не знам за никакви организатори. Случајно влегов во салата, од улица слушнав звук на гитари. Тоња Крилова? Не, немам слушнато за неа.“ Ако луѓето беа солидарни (а беа), на милицијата не и преостануваше ништо друго освен да ги пушти сите приведени.

Московското искуство се пренесуваше и во другите градови. Во осумдесеттите години од минатиот век андерграунд-гостувањата беа додадена на оваа шема. А, на почетокот на перестројката, во втората половина на осумдесеттите години од минатиот век, сè беше значително поедноставно: исчезна криминалната компонента во организацијата на концертите, беше укината забраната за приватно претприемништво. Рок-бизнисот во СССР почна да наликува на западниот. На крајот, во 1991 година пропадна тоталитарниот систем, кој повеќе од 70 години ги ограничуваше претприемништвото на граѓаните. А, во тоа голем придонес имаа рускиот рок и андерграунд-менаџерите.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.