Авторот: Игор Стоjанов
Низ 22 градови во Македонија функционираат здруженија кои официјално изразуваат поддршката на Русија и љубов кон рускиот јазик, култура и традиција. Во овие здруженија членуваат над 5000 македонски граѓани кои главно не се руси, но имаат љубов кон оваа држава. Руска Реч разговараше со Јордан Ѓорчев, претседателот на Сојузот за македонско – руско пријателство и соработка. Сојузот ги обединува друштвата кои на некој начин ја изразуваат поддршката на руската федерација. Македонија може да има огромни и непредвидливи придобивки од соработката со Русија, вели Ѓорчев.
-Вие сте претседател на Сојузот за македонско – руско пријателство и соработка. Можете ли да ни кажете која е улогата на Сојузот и на кој начин функционирате?
-Сојузот е организација која ја сочинуваат повеќе друштва за македонско – руско пријателство и соработка од различни градови во Р. Македонија, но сега е во постапка на пререгистрација, односно организацијата веќе е пререгистрирана и согласно новиот статут, ќе се избираат и нови органи во сојузот. Инаку активностите на сојузот се претежно од областа на културното приближување на рускиот и македонскиот народ преку разни форми и манифестации од кои веќе некои станаа и традиционални во Р. Македонија. Како сојуз имаме исклучително добра соработка со Руска амбасада, а заедно традиционално го организираме и прославуваме рускиот празник Масленица, празник што наликува на нашата Прочка.
-Колку членови има Сојузот на македонско руско пријателство?
-Сојузот не е над друштвата кои го сочинуваат како орган, иако со новата регистрација тоа најверојатно ќе биде, но никако не може да се рече дека е над друштвата кои го формираат бидејќи тие самите за себе имаат активности, а Сојузот ги поддржува оние кои смета дека можат да бидат од републичко значење. Сојузот го сочинуваат 22 здруженија на граѓани од 22 различни градови во Македонија, а постојат најави за формирање на нови 10-15 друштва. Како поединци членуваат над 5000 луѓе.
-Кои проекти се моментално активни на Сојузот (со кои проекти генерално можете да се пофалите)?
-Најактуелен проект е манифестацијата Софра која традиционално се организира веќе единаесетти пат во Охрид, заедно со Руската амбасада, Македонско - руската стопанска комора и Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“. Софра е натпревар во готвачки вештини и во времето кога оваа манифестација почнуваше со работа, таа беше единствена од таков тип во Македонија.
![]() |
Авторот: Игор Стоjанов
|
-Како се станува член, мора ли да сте русин или да имате руско потекло?
-Напротив, националноста воопшто не е важна. Во друштвата членуваат македонски граѓани кои не мора да имаат руско потекло. Смислата на овие друштва е да се искаже љубовта кон рускиот јазик, руската култура и традиција. Инаку, постојат и здруженија со кои ние соработуваме, а во нив членуваат само Руси.
-Од вашето искуство, вашите патувања и контакти колку Македонците се пријателски расположени спрема Русија и рускиот народ, таквиот тип на култура и начин на живот и обратно, колку Русите знаат за нас и колку пријателски се расположени за нас?
-На ова прашање многу тешко може да се одговори прецизно, бидејќи се работи за апсолутна несразмерност во големината. Ние со нашите активности се обидуваме да ги запознаеме Русите со Македонија и нејзините потенцијали, меѓутоа сето тоа се работи на аматерска основа, но без разлика на тоа мислиме дека сме организација која врши позитивна дејност и соработува со многу руски организации како „Жените на нашиот град“ од градот Москва и други организации.
![]() |
|
-Кој е вашиот став, дали Македонија има развиено доволно добри односи со Русија на дипломатско и културно ниво?
-Јас сметам дека секојдневно тие односи се подобруваат, а особено мислам дека голем гест беше укинувањето на визите за руските граѓани за посета на Македонија. Воедно се надевам дека ќе дојде време кога и за македонските граѓани ќе бидат укинати руските визи, нешто што ќе има позитивно влијание за односите меѓу овие два народи. А дека односите се подобруваат доволно добро сведочи и фактот дека секоја година доаѓа по некој руски инвеститор во Македонија.
-Кој би можел да биде бенефитот за Македонија од потесна соработка со Русија? Кои се полињата каде Македонија би можела да го види бенефитот од соработката со Русија?
-Бенефитот може да биде огромен и непредвидлив особено што Руската економија станува најмоќна во Европа. Блискоста на јазиците, религијата и корените можат да одиграат големо влијание во препознавањето на нашите братски основи и во создавањето на еден вид нова културна и економска форма за Р. Македонија, а можеби би можело да се каже дека тоа би било создавање на една животно важна врска за Р. Македонија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.