Илустрација: Наталија Михајленко.
„Еколозите алармираат: програмерите загрозуваат уникатна шума“, „Момче на забава застрелал друго момче заради флерт“, „Жената на еден висок функционер се самоубила по расправија со својот љубовник“, „Градинар-доселеник - суров ловец на кучиња„ – вакви и слични сензационални наслови никнаа на руските информациски Интернет-портали на 2 септември, на Денот на знаењето, кога руските ученици и студенти се враќаат во своите клупи по летниот распуст.
Во текстовите на овие вести се всушност шифрирани сижеа од дела на руската класична литература – „Вишновата градина“ од Антон Павлович Чехов, „Евгениј Онегин“ од Александар Сергеевич Пушкин, „Ана Каренина“ од Лев Николаевич Толстој, „Муму“ од Иван Сергеевич Тургенев. Всушност, оние читатели кои не можеле самостојно да ги препознаат, исто така не останаа без објаснување: насловите водеа кон специјално создаден портал, каде се преминува од текстот на веста кон текстот на соодветното литературно ремек-дело со можност тоа бесплатно да се прочита или да се симне во електронска верзија.
Кампањите за популаризирање на литературата се одговор на загрижувачките тенденции на опаѓање на културата за читање, кои секоја година ја проследуваат социолозите. Ова лето Фондот „Јавно мислење“ објави резултати, според кои 44% од Русите што биле дел од истражувањето во текот на една година не прочитале ниту една книга. Исто толку неутешни се и резултатите на компанијата за истражување на јавното мислење „TNS Росија“, според кое употребата на медиумите од страна на руските граѓани трае 8 часа во едно деноноќие, но на читање книги се одвојува само 1.8% од тоа време, односно околу 9 минути на ден.
Не е за зачудување што во вака ситуација на популаризирањето на читањето се обрнува големо внимание, меѓу другото и на државно ниво. Во 2006 година беше донесена Националната програма за поддршка и за развој на читањето, во рамките на која се спроведуваат и други мошне значајни акции. На пример, во минатогодишниот проект на Роспечат „Читаме“, која беше наменета за тинејџерите, организаторите ги ставија големите руски класици Лев Толстој, Антон Чехов и Александар Пушкин во спортски костими и ги натераа заедно со Николај Гогољ и со Фјодор Достоевски да рапуваат.
Освен Роспечат, со пропаганда на читањето се занимаваат и самите издавачи, и општествените организации, па дури и московското метро. Во последниве години ваквите акции се спроведуваат постојано. Едни се традиционални според суштината – на пример, на пример во 2008 година издавачката куќа АСТ ја спроведе акцијата „Збор за книгата“, каде познати руски писатели се обраќаа со плакати, објаснувајќи ја важноста на читањето. Или проектите на издавачката куќа „Ексмо“ „Читај книги – биди Личност“ и „Читајте книги!“, во кои за ползата од читањето зборуваа популарни водители и музичари, а исто така и фудбалери и тренери.
Други промокомпании веднаш го ставаат потенцијалниот читател во текстуална средина: на пример, во московското метро можете да се возите во возовите „Читачка Москва“ и „Поезија во метро“, каде на ѕидовите наместо реклами се ставени фрагменти од дела од уметничката литература, биографија на писатели, илустрации за нивните дела и сопствени ракописи. Експозициите тематски и периодично се обновуваат.
Во 2012 година од страна на Роспечат беше организирана кампањата „Книги во парк“ со која пет популарни московски места за одмор, вклучувајќи го и познатиот парк Горки, беа претворени во места за средба со писатели, а исто така беа поставени и специјални киосци каде може да се купи книга по најниска цена во Москва. За сликата да биде целосна, во парковите со помош на грас-арт беа насадени портрети на писатели.
Следно нешто е создавање читателски клубови низ цела Русија. Се планира, меѓу другото, во нив да се организираат видеоконференции со познати писатели и со издавач. Првите вакви клубови ќе бидат отворени во руските региони во ноември годинава.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче