12 лица на руското градежништво

Хегел велел дека архитектурата е замрзната музика. Запознајте ја руската архитектонска симфонија: 12 стилови кои нацијата ги создаде за време на својата долга историја.

Дрвена архитектура

Црквите на острвот Кижи
Во Карелија, во северозападниот дел на Русија, во средината на големото езеро Онега, се наоѓа остров полн со неповторливи и нестварно убави дрвени цркви.

Дрвената архитектура секако претставува најстар вид архитектура на територијата на Русија. Велат дека архитектурата е душа на народот отелотворена во камен; за Русија ова може да се примени со определена резерва. Имено, Русија долго време била земја во која дрвото било главен градежен материјал, така што и целокупната нејзина архитектура била дрвена. Од дрво се правеле пагански храмови, тврдини, кули и колиби. Со помош на дрво Русите, како и народите што живееле во допир со источните Словени, пред сè сакале да го изразат своето внатрешно доживување за убавината на градежните конструкции, чувството за пропорција и хармонијата на архитектонските споеви со природниот амбиент.

За жал. Старите дрвени објекти не се сочувани до нашево време, но овој народен архитектонски стил стасал до нас преку подоцнежните дрвени градби, преку старите описи и цртежи. За руската дрвена архитектура карактеристична била слоевитоста на градбата, нејзиното украсување со мали кули и балкони, со многу споредни простории – остави, премини и тремови. Сложените декоративни резби биле традиционален украс на руските дрвени објекти. Оваа традиција живее кај народот и денес.

 

Владимиро-суздаљска архитектура (12 и 13 век)

Црква на Покровот на Пресвета Богородица на Нерла, 12 век, село Богољубово, Владимирска област.

Владимиро-Суздаљското кнежевство во 12 и 13 век бил важен културен центар на Русија. Владимиро-суздаљската архитектура во тој период го достигнува својот најголем процут. Се појавуваат еднокуполни храмови на четири столба за чија изградба мајсторите користеле блокови од бел камен – овој градежен материјал станал традиционален во градежништвото на владимиро-суздаљската школа. Дрвената архитектура главно е наследена од паганска Русија, додека камената архитектура е веќе одлика на христијанска Русија. Градбите од тој период речиси немаат декоративни елементи; само релјефниот украсен појас се протега долж фасадата и долж горниот дел на апсидата, истакнувајќи ја огромната сила на мазните бели ѕидови. Тешката купола го нагласува впечатокот за непобедливата физичка сила.

 

Новогородско-псковска архитектура (од крајот на 12 до 16 век)


Софискиот собор во Новгород, 11 век.

Се смета дека новогородската архитектонска школа настанала во 11 век, за време на изградбата на Софискиот храм. Веќе на овој споменик се забележуваат карактеристичните црти на новогородската архитектура: монументалност, едноставност и отсуство на излишни украси. Еден од најдобрите примери на овој архитектонски стил е Спасо-Преображенската црква во Нередица (1198). Отсуството на каков било надворешен декор на фасадата, која е расчленета само со розети, создава впечаток на притаена сила и во овој споменик со скромни димензии.


Спасо-Преображенскиот храм во Нередица, 12 век, село Спас-Нередица, Новгородска област.

Друга стилска карактеристика на оваа црква е своевидната пластичност на нејзините форми, што исто така претставува особина која во текот на следните векови ќе бидат она со што се одликуваат архитектонските споменици на Новгород и Псков. Непрецизноста на поврзувањето на камените маси, приближните вредности на архитектонската геометрија, закривеноста на вертикалите, нееднаквоста на ѕидните површини – сето ова е присутно на Спаскиот храм во Нередица, но тоа не ја нарушува нејзината архитектонска форма. Напротив, ѝ дава неискажана убавина на живо вајарско дело. Градбите на Новгород и на Псков од 12 до 16 век веќе не се толку монументални како Софискиот собор. Во нив е зачуван стилот на едноставната одважност и на величествената сила, но ги красат и исклучителната интимност и топлина.

 

Архитектурата на Московското кнежевство (14-16 век)

Московскиот Кремљ.

Кога Москва станала моќен политички центар, дошло и до брз развој на архитектурата на територијата на градот и на кнежевството. Московската архитектура ги наследила архитектонските карактеристики на Владимиро-Создаљското и на други кнежевства, но добила и некои индивидуални црти. Во нејзиниот стил и во нејзините градби се рефлектирало историското значење на обединувањето и на ослободувањето на земјите, на централизацијата на државата и на формирањето единствена нација. За овој период карактеристична е употребата на тули и на теракоти. Во ѕидарството тулата го заменува традиционалниот бел камен. Со обединувањето на руските земји во една држава, локалните архитектонски школи престануваат да бидат изолирани и тие започнуваат заемно да се испреплетуваат, да се збогатуваат и да го формираат уникатниот руски архитектонски стил, кој претставува спој на едноставни конструкции и на нагласени надворешни декорации. Москва станува уметнички центар на сите руски кнежевства. Големите градежни потфати во Москва ги привлекуваат најдобрите мајстори. Својот конечен стил во тоа време го добива и архитектонскиот ансамбл на Московскиот Кремљ.

 

Архитектура на Руското царство (16 век)

Црквата на Вознесението во спомен-паркот „Коломенское“, 16 век, Москва.

Уште во 15 век во руското градежништво се појавила тенденцијата за динамичко стремење на градбите во висина. Понатамошниот развој на оваа тенденција и трагањето по нови архитектонски форми довеле до појавување на шаторестиот стил во руската архитектура, кој се одликува со стремење во висината, свеченост и отменост. Шаторестата конструкција е архитектонска форма во вид на повеќестрана (најчесто осмострана) пирамида, со која се завршува архитектонското здание. Со шатореста конструкција се завршувани храмовите, камбанариите, кулите и тремовите.

Покровскиот собор (храмот на Василиј Блаженов), 16 век, Црвен плоштад, Москва.

Најпознатиот споменик на архитектурата од овој период е храмот на Василиј Блаженов на Црвениот плоштад во Москва, кој е изграден по наредба на Иван Грозни во знак на сеќавање на освојувањето на Казањ.

Друг познат споменик од овој период е Вознесенскиот храм во Коломенское, кој е всушност прв шаторест храм во Русија.

 

Руска архитектура од 17 век

Храмот на Раѓањето на Пресвета Богородица на улицата Мала Димитровка, 17 век, Москва.

На почетокот на 17 век настанало „смутното време“ во Русија. Во градежништвото се забележува привремен застој. Монументалните градби од претходниот век се заменети со мали, понекогаш дури и со „декоративни“ зданија. Како пример за ваква градба може да послужи московскиот храм на Раѓањето на Пресвета Богородица на улицата Мала Димитровка.

Кон крајот на 17 век се појавува таканаречениот „наришкински (или московски) барок“ – архитектонски стил во кој надворешната величественост и декоративноста се споени со прецизност и со симетричност на градбата. Карактеристики на овој стил се стремежот во висина, слоевитост на градбата и темелна разработка на деталите со зачувување и развој на техниката на декорација со помош на бои (декоративна резба на бел камен, керамички плочи во боја, фасадни украси). Еден од најзначајните споменици на овој стил е московскиот храм Покров на Пресвета Богородица на Новозаводската улица.

“Московскиот барок“ е завршен период во развојот на средновековната руска архитектура.


Храмот Покров на Пресвета Богородица во Новозаводската улица, крај на 17 век, Москва.

 

Руски барок

Петропавловската соборна црква, 18 век, Санкт Петербург.

Основањето на Санкт Петербург на почетокот на 18 век дало голем потстрек за развојот на руската архитектура. Во ова време се појавува таканаречениот петровски барок. Тоа бил архитектонски стил ориентиран на примерите од шведската, германската и од холандската архитектура. Сепак, само првите споменици од овој период, како што е Петропавловската соборна црква во Санкт Петербург, практично го избегнале руското влијание. Без оглед на големиот број странски архитекти, во Русија започнува да се формира нова автентична архитектонска школа.

Во архитектурата на барокот правите линии им го отстапуваат местото на кривите и прекршените. Голема улога имаат ситните детали (релјефни украси, вазни, скулптури). Собите изгледаат попространи благодарение на играта со светлината и со сенките.

Во најважните архитектонски објекти кои се сочувани до денешен ден спаѓаат Петропавловската соборна црква, Летниот дворец на Петар Велики, Александро-невската лавра и други.

За време на владеењето на Елисавета Петровна во Русија се развива нов правец во рускиот барок, кој се поврзува со нејзиното име.

Тежнеењето кон раскош и централизацијата на власта совршено им одговарале на идеите на западноевропскиот барок, за кој новиот стил бил многу поблизок одошто петровскиот барок. Аристократијата од престолнината себеси се доживувала како империја и веќе почнала да тежнее кон сè што е свечено, раскошно и сјајно.

Во овој период во престолнината се подигнуваат огромни храмови, катедрали, дворци и палати чија архитектура поседува многубројни разновидни детали, живописност и пластичност на формата. Зимскиот дворец во Санкт Петербург е еден од најпознатите споменици на барокот од периодот на Елисавета Петровна.


Зимски дворец, 18 век, Санкт Петербург.

 

Класицизам

Кон крајот на 18 век на смена на барокот во руската архитектура постепено доаѓа класицизмот. Овој стил бил прифатен како меѓународен уметнички израз во рамките кога се развивала неговата национална варијанта. Конечно е завршен периодот на културна изолација, кој во руската архитектура траел со векови. Руското благородништво било заинтересирано за идеите на просветителството, и тоа бил еден од факторите кој го забрзал зајакнувањето на класицизмот во Русија. Постоеле и други фактори, како што е практичната потреба за проширување во доменот на архитектурата. Со развојот на индустријата и со ширењето на градовите, како и во времето на Петар Велики, повторно се наметнуваат урбанистичките проблеми, градбите стануваат разновидни покрај сè посложеното функционирање на градскиот живот. Но, за бројни покриени пазар и за канцелариите не е прикладен жанрот на празничната архитектура кој барокот не можел да го надмине. Величественоста на некој дворец не може да се примени за сите објекти во градот. Уметничкиот јазик на класицизмот бил универзален, за разлика од јазикот на барокот. Класицизмот можел да се применува секаде, од најимпозантните дворци, преку „обичните“ куќи, па сè до скромните дрвени куќи на периферијата.


Соборната црква на Казанската икона на Богородица, почеток на 19 век, Санкт Петербург.

 

Псевдорускиот стил од 19 и од 20 век

Храмот на Христос Спасителот, 20 век, Москва.

Кон средината на 19 и на почетокот на 20 век се обновува интересот за староруската архитектура, што доведува до појава на цела низа сродни архитектонски стилови кои често се обединуваат под називот „псевдоруски стил“. Овој стил делумно ги има позајмено архитектонските форми на староруската и на византиската архитектура и ги има применето со користење посовремени технологии.

Посебна карактеристика на псевдорускиот стил е дрвената резба која служела како универзална декорација. Со неа биле украсувани и дрвени павилјони, и елементи од ентериерот, и кујнскиот прибор. Куќите биле правени со високи покриви. Прозорците биле мали, но ги имало многу. Прозорските рамки биле масивни, украсени со многубројни фигури, шари и со резба.

 

Периодот по Револуцијата

Шуховската кула, триесетти години од 20 век, Москва.

Големата октомвриска социјалистичка револуција дала јак импулс во создавањето во сите области на културата, на уметноста и на архитектурата. Укинувањето на приватни поседи и недвижнини, планската социјалистичка економија и револуционерните социјалистички идеали, отворил дотогаш невидени хоризонти во урбанистичкото истражување и во проектирањето згради во согласност со новите социјални содржини, како си во примената на новите средства за архитектонско изразување. Уметноста на руската авангарда започнала да се раѓа уште на почетокот на 20 век, а нејзиниот прогрес довел до појава и на посебна верзија на современата архитектура, која била во спротивност со традиционалната. Конструктивизмот и рационализмот на почетокот од дваесеттите години од минатиот век биле двете основни теоретски концепции, насочени кон отфрлање на традицијата во полза на новата архитектура, но и тие принципиелно се разликувале една од друга. За конструктивистите единствена правила форма било рационалното решение на функционални и конструктивни основи на зданието, додека рационалистите повеќе внимание обрнувале на просторното решение и на човечкото доживување на градбата и на градскиот амбиент.

 

Архитектурата од времето на Сталин

Архитектурата на СССР од средината на триесеттите до педесеттите години од минатиот век, која се поврзува со името на Сталин, донела со себе архитектонски ансамбли со препознатлив стил. Карактеристика на новиот стил е колективното проектирање на објектите. Тоа бил почетокот на новиот стил во архитектурата. Претходно сите проекти биле авторски, а сега станале колективни. На проектите започнуваат да работат големи архитектонски бироа под раководство на врвни архитекти. По 1945 година архитектурата влева оптимизам и верба во брза обнова на земјата по Втората светска војна. Архитектурата на кружната линија на московското метро (на првата линија што е изградена по војната) била олицетворение на славењето на победата и на среќниот и мирен живот. Седумте московски облакодер изградени во периодот од 1947 до 1955 година и познати под називот „седум сестри3, се најпознатите „Сталинови“ градби. Тоа е визит-карта на доцниот ампир на периодот на Сталин, со препознатливи масивни украсни венци, со големи статуи, шилци и столбови, со фасади прекриени со мермер и со бел украсен камен.


Главната зграда на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“.Извор: Flickr / mr.letof.

 

Современа руска архитектура

Современата архитектура на Русија претставува мешавина од сите стилови: конструктивизам, хај-теч и од модерната. Во руските градови се појавуваат облакодери и футуристички проекти како што е „Москва-сити“. Еден од највпечатливите примери на современата архитектура е Московскиот меѓународен Дом на музиката, еден од најголемите филхармониски комплекси во светот.


Москва-сити (Московски меѓународен деловен центар). Во Москва-сити се наоѓа и моментално највисоката зграда во Европа и во Заедницата на независни држави: Кулата „Москва“ е висока 301.6 метри.

Фотографии: PressPhoto / Flickr.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.