Московскиот поп-арт пред руската публика

Седмиот по ред Фестивал на колекции на современата уметност што се одржува од 9 август до 5 октомври, очигледно ќе биде импресивен и разновиден: современо ерменско сликарство, московскиот поп-арт од седумдесеттите години од минатиот век, најновата уметност од Холандија.


Андреј Бели. Црвеното домино.

Една од најинтересните изложби на фестивалот ја подготви московскиот Литерарен музеј во соработка со приватни колекционери. Изложбата е насловена како „Цртежи на поети“ и се однесува на 20 и на почетокот на 21 век. Музејот е одговорен за историскиот дел – примероци кои ѝ припаѓаат на првата половина од 20 век, а колекционерите главно ќе прикажат експонати од недамнешното минато и од сегашноста.

Главната цел на изложбата е да прикаже дека поетите од 20 век не го изгубиле ниту интересот, ниту талентот за сликање – сето она по што се познати поетите од 19 век. Тие исто така мајсторски цртале на маргините на ракописите, па дури и изработувале самостојни графички дела. Нобеловецот Јосиф Бродски и неговите цртежи, на пример, според стилот најмногу потсетуваат на фамозните скици на големиот руски поет Александар Пушкин, смета историчарката на уметност Ера Коробова. Таа го запознала Бродски во Санкт Петербург кон крајот на педесеттите години од минатиот век и тој често ѝ подарувал свои скици.

Дел од цртежите ги правеше во бележниците кои секогаш ги носеше во џеб. И ги подаруваше. Подоцна, кога замина во странство, ракописните материјали му беа предадени на татко му, а цртежите на мене.

Кога ќе ја видите изложбата на Литерарниот музеј, можеби ќе си помислите дека меѓу поетите од почетокот на 20 век секој втор бил сликар. Одлично цртале Валериј Брјусов и Андреј Бели, необични акварели сликал и Максимилијан Волошин. А, Велимир Хлебников своите текстови ги претворал во визуелни објекти. За руските футуристи е тешко да се каже што им било изворно – поезијата или сликарството. Давид Бурљак, на пример, се смета за еден од најугледните претставници токму на ликовната руска авангарда, а започнал како поет. Владимир Мајаковски, пак, напротив, во поезијата дошол преку сликарството.

Владимир Мајаковски не престанал да црта сиот свој живот и се смета за еден од основачите на советскиот плакат – визуелно-поетски пропаганден жанр. Постојано цртал и советскиот поет Едуард Багрицки. Во неговите работни книги се наоѓаат портрети на револуционерни војници и колеги од книжевниот свет, коњи кои итаат, птици во лет, едра исполнети со ветар... Експресија, движење, пробој – сè како и во самата поезија на Багрицки. Со сликарство се занимава и познатиот современ авангарден поет Константин Кедров.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.