Враќањето на Византија во Москва

Во московската населба Јасенево се доведува до крај изградбата на православниот собор Покров на Пресвета Богородица. Ова ќе биде првиот и засега единствен храм во земјата кој се гради според строгиот византиски канон, со што ќе потсетува дека христијанството во древна Русија дошла од Константинопол. На 28 јули во Русија се одбележува 1025-годишнината од примањето на христијанството. Денешниот текст е посветен токму на овој важен настан.

Фотографии: "Номер" / Ксенија Колесникова, Виктор Дашкиев, Денис Восквицов

Една од канонските традиции е екстериерот на црквата кој не паѓа в очи и мошне богатиот, светол ентериер. Ова треба да ја симболизира надворешната скромност на човека и неговиот богат внатрешен живот. 

Друга одлика на византискиот стил е големата употреба на мозаични паноа, прекрасни орнаменти на кои се прикажуваат и птици и животни, користење мермер и малку фрески. За жал, во Русија поради високата цена на мозаичните покривки храмовите ретко биле украсувани со нив, најмногу се користело ѕидното сликарство, па затоа денес не постои вистински византиски мозаик на територијата на Русија. Нив ги има само во неколку киевски храмови, но и тие не се целосни. 

Работилницата 

Уште во делот на проектирањето на Покровскиот собор било решено максимално точно да биде запазен византискиот стил и речиси 70% од внатрешноста да биде украсена со мозаични паноа. 

За да се направи ова биле ангажирани познати московски мозаисти, со чија помош при храмот била создадена посебна работилница. Според уметницата Екатерина Марјаскина, во 2008 година првите шест иконописци добиле благослов и пристапиле кон пробната работа врз мозаиците. Тие биле обучувани од страна на специјалисти од работилницата на Александар Карнаухов, кои до денес им помагаат на мајсторите од храмот. Едни прават ликови и фигури на светци, други орнаменти и букви, трети, пак, се занимаваат со основата...

Покровскиот собор ќе биде прекриен со 2.500 квадратни метри мозаика

Сега во работилницата на Покровскиот собот мозаици нарачуваат и од други парохии. За создавање мозаично пано се употребуваат камења од природен камен во боја – мермер, оникс, таверин, а исто така и кобалт (специјално стакло). Тој може да биде во боја (со повеќе од сто различни бои и нијанси) и златен (за негово производство се користи природно злато). Од златниот кобалт најчесто се прави задниот фон, па затоа се чини дека византискиот храм сјае однатре. Според Екатерина Марјаскина, еден од најсложените процеси при оформувањето на ентериерот е правилниот избор на боите и композициските решенија: треба да си одговараат фреската, мозаичното пано и декорот од бел мермер. Со ова се занимаваат уметниците-монументалисти кои се специјално поканети за оваа работа. 

Внатрешноста на соборот 

Соборот на Покровот на Пресвета Богородица е поделен на два дела: долен – мал храм во чест на Архангел Михаил (крстилница) и горен – главен храм. Основите работи околу ентериерот сега се сосредоточени во горниот храм, каде внатрешноста ќе биде речиси сета во мозаик. Веќе е завршен декорот на куполата на централната апсида, каде според византискиот канон се наоѓа ликот на Христос Пантократор (Седржител). Прстите на десната рака на Спасителот се поставени во форма за благословување, а во левата тој го држи Евангелието, кое е отворено на стиховите: „Јас Сум Светлината на светот; кој Ме следи, нема да оди во темнина, туку ќе ја има Светлината на Животот.“

Завршени се работите на сводот на централната и на најголемата купола, која е овенчана со византиски крст, опкружен со ангели, - тоа е симбол на спасението на човештвото. И иако претстои уште да се заврши делот од олтарот, да се украсат ѕидовите и столбовите, наесен годинава мајсторите планираат да ја постават последната точка. 

За разлика од горниот храм, крстилницата е веќе готова и работи, во неа доаѓаат на служба и се вршат обреди. Долниот храм е исто така уникатен – тука се одново создадени точни копии на сите пет најголеми христијански светињи, кои се наоѓаат во Ерусалимскиот храм на Гробот Господов: Витлеемската ѕвезда, Гробот Господов, Каменот на Помазанието, Гробницата на Богородица, Голготата. Освен тоа во храмот одново се создадени Темницата, каде Христос бил затворен ноќта пред казнувањето, Светиот Оган и Камениот ќуп на Кана Галилејска – симболот на првото чудо што го направил Исус Христос (кога водата ја направил вино). 

Меѓу најдобрите пет 

Да се прави мозаик е мачна работа, која изискува големо трпение и внимателност. Во зависност од сложеноста на мозаикот, за еден квадратен метар пано се потребни од една до неколку недели. Покровскиот собор ќе биде прекриен со 2.500 квадратни метри, така што можете да си претпоставите со колкав обем на работа се судираат мајсторите. 

Суздаљ: 1000 години згусната историја
Сиот град е како голем музеј. Во Суздаљ од секое место се гледа барем еден од петте манастири и уште некој храм

За разлика од фреските, мозаиците се подолговечни. На мозаикот не му пречи ниту високата влажност, ниту наглите температурни промени, ниту силното сонце, што е мошне важно за нашите климатски услови: речиси сите храмови од древна Русија биле насликани, но колку фрески од раниот период се останати? Само неколку делови... 

По завршувањето на изградбата и по завршувањето на внатрешните работи, како што уверуваат специјалистите, според својата убавина, точноста при изведбата според византискиот канон и според големината на мозаичната прекривка соборот на Покровот на Пресвета Богородица во Јасенево ќе биде достоен за да влезе во петте најголеми храмови на светот, каде ќе може да се види канонски византиски мозаик, да се почувствува неговата големина и да се дојде до духот на раното православие. 

Оригиналот на текстот на руски јазик е објавен во последниот број на магазинот „Номер“.

Во меѓувреме во Македонија

 

За разлика од Русија, во Македонија постојат голем број византиски цркви. За жал, денес тие се наоѓаат во многу лоша состојба, така што, примерот на Русија може да биде добредојден за Македонија, со сознанието дека определни народи даваат огромни средства за изградба на она што Република Македонија веќе го има како историска и како уметничка вредност.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња