Во словенските престолнини се празнува покрстувањето во Русија

Фотографија: AP.

Фотографија: AP.

Во сеќавање на светата кнегиња Олга во храмот на Христос Спасителот започнаа главните прослави по повод 1025-годишнината од покрстувањето во Русија. На Божествената литургија учество зедоа највлијателните редови на православието: во Москва допатуваа предстојатели и највисокото духовенство на сите 15 помесни православни цркви. Се претпоставува дека на празнувањата во Москва, Киев и во Минск учество ќе земат девет патријарси.

Во Киев паралелно митрополитот Киевски и на цела Украина Владимир го освети Андреев-Владимирскиот храм, кој се наоѓа на приземјето на новиот катедрален собор. По завршувањето на изградбата таму ќе се наоѓа резиденцијата на предстојателот. Симболично е тоа што ова е првата црква во Украина која истовремено е посветена и на апостолот Андреј Первозвани, кој го проповедал православието на територијата на древна Русија, и на кнезот Владимир, кој ја покрстил. 

Вчеравечер беше одржана богослужба во храмот на Христос Спасителот која беше проследена со посебно празнично песнопеење, посветено на покрстувањето на Русија и на сите руски светци. Во центарот на соборот сега се наоѓа великата христијанска светиња – Андреевскиот крст, кој бил донесен во Русија од градот Патра (Грција), каде бил распнат апостолот Андреј Первозвани. Ова се последните денови кога тој се наоѓа во Москва: на 26 јули со специјален воз светињата ќе замине за Украина, а потоа за Белорусија.

Покрстувањето на Русија во Х век било настан не само од црковно, туку и од државно значење, приближувајќи ја древна Русија, чии современи наследници се Русија, Украина и Белорусија, до 1000-годишнината на христијанската традиција и на византиската цивилизација. Затоа не е ни чудо што на вчерашната литургија беа амбасадорите на словенските земји, претставници на власта од Русија и Украина. Патем, претседателот на Русија Владимир Путин, заедно со своите колеги од Молдавија и од Србија, планира да присуствува на богослужбата во Киев. А, во четврток шефот на руската држава ја оствари средба со Светиот Патријарх Московски и на цела Русија Кирил во Големиот Кремљовски дворец. Од службата за односи со јавноста на Кремљ соопштуваат дека таму ќе се соберат предстојатели и највисокото духовенство на сите 15 православни цркви кои постојат денес и кои обединуваат 227 милиони верници во Константинополската, Александриската, Антиохиската, Ерусалимската, Руската, Грузинската, Српската, Албанската, Романската, Бугарската, Кипарската, Полската, Чешката и Словачката и Грчката, а исто тала и во Православната Црква во Америка. Се очекува дека при разговорот меѓу властите и Црквите ќе бидат разгледани не само религиозни, туку и меѓународни теми, кои се однесуваат на интересите на православните заедници во различни земји од светот. 

Покрстувањето на Русија во Х век било настан не само од црковно, туку и од државно значење, приближувајќи ја древна Русија до 1000-годишнината на христијанската традиција и на византиската цивилизација 

Во четврток, пак, на Црвениот плоштад ќе се одржи концерт, посветен на јубилејот. На него ќе може да присуствуваат сите. Меѓу останатите учесници со свој настап ќе можат да бидат видени и ѕвездите како што се Државниот академски руски народен ансамбл „Росија“ на Људмила Зикина, театарот „Геликон-Опера“, ансамблот „Сјабри“, Кубањскиот казачки хор, хорот на Сретенскиот манастир. 

Во петок јубиларниот литературен воз со многубројни црковни делегации ќе замине за Киев. Престолнината на Киев, каде пред пет години на големо се празнуваше 1020-годишнината од покрстувањето на Русија, има направено свое празнично сценарио. Во петокот навечер во Киево-Печерската лавра ќе биде донесен Андреевскиот крст, Светињата ќе биде поставена во трпезаријата на манастирот, која од десет навечер ќе биде отворена за 24-часовен поклон на верниците. Во саботата наутро на Владимирската гора над Днепар ќе се одржи свечена литургија под отворено небо, а на 28 јули, на Денот во чест на светиот кнез Владимир, богослужба ќе се одржи на Соборниот плоштад на лаврата. 

Во неделата навечер јубиларниот воз ќе замине за Минск, каде Патријархот Кирил и предстојателите на другите помесни православни цркви ќе служат литургија под отворено небо покрај Дворецот на спортот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.