7 нешта што не смеете да ги правите во Русија

Извор: Сергеј Словохотов / Росијскаја газета.

Извор: Сергеј Словохотов / Росијскаја газета.

Во разговор со странци една од омилените теми често е разговорот за разни предзнаци на среќа или на несреќа и други празноверија. Што никако не смеете да правите во Русија за да не си повлечете несреќа по себе!

Како не премногу суеверна личност, не би сакала да им ја полнам главата на читателите со секакви празноверија. Но, случајот реши сè. Некако по еден силен дожд заедно со пријателите од Италија и од Франција отидовме во мојот стан, каде за несреќа го бев отворила чадорот за да се исуши. Сите скокнаа за да го затворат. Така, дознав дека во Европа отворениот чадор во затворена просторија носи несреќа. Збор по збор и морав на виделина да ги изнесам нашите руски забрани. А, потоа мистичарот и астролог Владислав Облонски за „Гласот на Русија“ објасни од каде доаѓаат овие предзнаци и празноверија. 

1. Не подавајте ништо преку прагот 

Ова сите го знаат уште од детството, но зошто не треба да се подава ништо преку прагот не е сосема јасно. Владислав Облонски вели: 

Од дамнина во Русија имало обичај правта од предците да се чува под прагот. Затоа ова место требало што помалку да биде вознемирувано. Затоа прагот секогаш се прескокнувал, никогаш не се седело на него и никогаш ништо не се подавало преку него. Прагот, исто така, се сметал за своевидна граница меѓу световите, прибежиште за злите дуси. Затоа луѓето се труделе што побргу да преминат преку него и да не се задржуваат на него. 

2. Не враќајте се назад дома ако сте тргнале некаде 

Ако веќе сте се вратиле, секако треба да погледнете во огледало трипати преку левото раме, инаку по пат може да ви се случи несреќа. 

Владислав Облонски ова го коментира вака: 

Иако е парадоксално, ова суеверие има врска со првото. Се смета дека ако човек се врати назад без да ја достигне својата цел, неговите животни сили ќе бидат ослабени, а на прагот (да се потсетиме дека тој е прибежиште на демонските сили), ќе го фатат злите дуси. Второ прашање: зошто треба да се погледнете трипати во огледало преку левото рамо? Како што знаеме огледалото е граница на световите. Според традициите се смета дека секој човек има ангел-чувар, тој стои над вашето десно рамо, а демонот кој ве искушува зад левото. Ако погледнеме во огледало трипати преку левото рамо (три е свет број во христијанството) ќе го неутрализираме негативното дејство на злите сили. 

3. Ноќе не се фрла ѓубре 

Не се знае од каде потекнува оваа забрана. Но, затоа мажите во Русија многу ја сакаат, зашто тоа е одличен изговор да не го исфрлаат ѓубрето навечер кога ќе се вратат од работа. 

4. Приседни пред да тргнеш на долг пат 

Бадник и Божиќ на руски начин

Ова во нашето семејство е традиција. Кога некој си заминува, пред самото излегување, сите во домот треба да седнат десетина секунди, а потоа да станат и да кажат „Збогум“, па дури потоа може мирно да се напушти домот. Мене отсекогаш ми било интересно како кај Русите прекрасно се компонираат православието и паганските обреди, зашто обичајот да се седне пред пат е токму од тие, претхристијански времиња. 

Владислав Облонски потврдува: 

Ова суеверие е чисто паганско. Станува збор за двоумењето на домашните духови да го пуштат човека од куќата во страшниот и опасен надворешен свет, а кога седнуваме како да го надитруваме домашниот дух, небаре никаде не планираме да одиме. 

5. Не подарувајте ножеви, часовници или шамии 

Овие подароци не се најдобри подароци за Русите. Шамиите, на пример, претскажуваат солзи, ножевите непријатели, а часовниците разделба. Дури и ако сте наумиле на некоја Русинка да ѝ подарите скапоцена шамија Hermès, таа попрво ќе го купи самата, само да се поштеди од солзи. Доколку сепак некому подарите некоја од овие работи, немојте да се изненадите ако за возврат ви дадат париче. Тоа прави илузија дека тие го купиле тој предмет. Секако, морате да ги земете парите, дури и ако ве зачуди што за скапоцениот предмет ви плаќаат со ситни пари. 

6. Парите не се земаат од рака 

Стари руски велигденски обичаи и верувања

Во Русија може да ви се случи некој таксист или некој продавач да одбие да ги земе парите што му ги давате во рака и да инсистира да ги ставите на возачката табла или на пултот кај касата. Се верува дека парите ја пренесуваат енергијата на сопственикот. Кога патникот ќе излезе од колата или кога купувачот ќе замине од касата, врската со енергијата се прекинува и некој друг може да ги земе парите без страв од ништо. 

7. Да не се свирка дома 

Оние што сакаат да си свиркаат со или без повод, многу се тажни кога ќе дознаат дека во Русија тоа не се прави дома. Се смета дека ако свиркате дома, ќе немате пари. Никој не верува во тоа, но од некаква причина и сите странци кога ќе слушнат за ова верување престануваат да свиркаат. 

Да се верува во празноверие или не е лична работа. Секако, подобро е да не се верува. Јас не сум суеверна, но за секој случај гледам во огледалото ако се вратам по нешто дома, седнувам пред патување и не го исфрлам ѓубрето по залезот на сонцето.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња