6-от меѓународен фестивал „Хорска лабораторија на ХХI век. Музика за деца и за младинци“. Извор: слободни извори.
Втора година по ред македонскиот композитор Гоце Гавриловски освојува први награди на престижни натпреварувања во Русија. Во огромна конкуренција на композитори од целиот свет, на натпревар во Русија, земја која има огромна музичка и културна традиција, а воедно и земја која е колепка на вокалната хорска музика, композиторот Гавриловски две години по ред ја импресионира тамошната публика и руското жири.
Тој минатата година на „Хорска лабораторија на ХХI век. Музика за деца и за младинци“ во Санкт Петербург освои две награди во две различни категории и тоа „Оригинални дела врз основа на фолклор или на авторски стихови блиски до фолклорот“ (втора награда) за композицијата „Заблеало“ и во категоријата „Експериментални хорски фрагменти со нови текстурни техники“(трета награда) за композицијата „Meditation mix combination“, каде што прва и втора награда не беа доделени. На овој фестивал традиционално настапуваат над 150 композитори од целиот свет.
И годинава Гавриловски освои награди на шестиот меѓународен фестивал „Хорска лабораторија на ХХI век. Музика за деца и за младинци“. Годинава учество зедоа 190 дела на композитори од разни земји ширум светот, а жирито беше составено од истакнати композитори, диригенти и музиколози.
Гавриловски за „Руска Реч“ зборува за своето искуство од натпреварот во Санкт Петербург и за богатството на руската култура, традиција и музика, а воедно и за тоа колку македонскиот и рускиот музички стил можат да најдат сличности длабоко во своите корени.
Кои беа вашите композиции што ги освоија наградите?
Двете земји имаат големи сличности во музичките правци и во креирањето на музиката, зашто како една од нивните заеднички особини, најпрво претставува припадноста на православната христијанска вероисповед, а особено огромните сличности во фолклорните аспекти и карактеристики - Гоце Гавриловски
Во четвртата категорија со назив: „Експериментално хорско дело со современи музички изразни текстури“за хорското дело „Дај Дуни“, ми беше доделено третото место, додека, пак, за композицијата „Мугри“ за мешан хор го освоив првото место (при што второто место во оваа категорија не е доделено, а се доделени неколку пофалници на некои од композиторите кои имаа дела во оваа категорија). Овој огромен успех не само што резултира со тоа да станам апсолутен победник во оваа категорија, туку со годинешново освојување на двете награди, и тоа втора година по ред, го потврдувам својот и успехот на мојата земја.
На кое ниво е развојот на музиката во Русија, особено во хорското пеење и може ли да направите споредба со развојот на македонската музика?
Развојот на музиката во Русија, особено на полето во хорското пеење е на мошне високо ниво. Самото учество на натпревар во Русија, земја која се одликува со огромна културна и музичка традиција, а воедно и земја која е колепка на вокалната хорска музика, претставува огромен предизвик за сите композитори од разни земји ширум светот. Развојот на македонската музика, иако се протега во релативно помал временски период од приближно еден век, резултира со голем прогрес, особено во музичките дела на авторите од најмладата генерација македонски композитори, при што нивните дела се карактеризираат со доста прогресивни теми и идејни замисли, а како тоа, пак, резултира, како во случајов, со значајни меѓународни награди и признанија.
Колку двете земји имаат сличности во музичките правци и во креирањето на современата или на класичната музика?
Може да се спомене дека, секако, и двете земји имаат големи сличности во музичките правци и во креирањето на музиката, зашто како една од нивните заеднички особини, најпрво претставува припадноста на православната христијанска вероисповед, а особено огромните сличности во фолклорните аспекти и карактеристики, вклучително со нивните составни елементи - мелодијата, текстот со хумористичен карактер, до некаде со хармонијата и др.
Како реагираат Русите, публиката и судиите на вашата, на македонската музика, музиката која потекнува од ова поднебје?
На ова прашање би можел слободно да одговорам од личното искуство стекнато од минатата година. Имено, делото „Заблеало“ што беше изведено на концертот „Огледало на времето. ХХI век“ хорски фестивал во „Катедралата“ во Санкт Петербург, наиде на интересни реакции од страна на руската публика. Самиот изведувачки состав - хорот, кој инаку беше лауреат на неколку меѓународни натпревари, на чело со диригентот, на маестрален начин го изведоа моето дело. Освен тоа, интересен е фактот што по нивна сопствена иницијатива делото беше надополнето и надградено и со ударни инструменти, а и мошне интересна кореографија, која ја исполни камерната фолклорна група, која плени со својата извонредна кореографија. Фолклорната група, на мое вистинско изненадување, носеше оригинална македонска носија. Сето ова претставуваше голем спектакл при изведбата и предизвика бурни овации и долготраен аплауз од страна на руската публика. А, кога станува збор за судиите, тие претходно си го кажаа својот последен збор со тоа што при толку голема конкуренција, две години по ред на моите дела им доделува награди од највисок ранг.
Колку двете земји можат да учат една од друга за развојот на музиката и за музичките правци?
Двете земји, Русија и Македонија, отсекогаш учеле и ќе учат во иднина едни од други. Имено, градот Санкт Петербург е музички столб кој заедно со градот Москва, претставува еден од светските центри на музичката култура, кој одиграл мошне значајна улога и во минатиот век врз развојот на македонската музика: многу наши композитори своето школување го усовршувале во тој центар, како на пример композиторот Властимир Николовски и композиторот и професор Гоце Коларовски, а и обратно, многу руски дејци играат значајна улога при ширењето на музичката култура, кога тие самите се решиле да пристигнат и да делуваат во Македонија, како што впрочем е и случај со композиторот Сергеј Михајлов.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче