Лето со плетенки

Извор: Lori / Legion Media.

Извор: Lori / Legion Media.

Модата на младите московјанки ова лето ќе биде карактеризирана со плетенки, здолништа од шифон кои се долги до земја и лесни сандали во стилот на старогрчките божици.

Во Древна Русија плетенката била традиционална фризура на младите немажени девојки. Плетенката од три нитки, исплетени ниско на тилот, биле украсувани со тесни и со широки ленти, а налето и со цветови. По мажачката жените повеќе не ги покажувале своите плетенки, ами косата им била покриена со марама. 

Едноставните плетенки во Русија се традиционални, но сега тие се потиснати во втор план. Денес се модерни „извиени“, како што велат фризерите, или „грчки“ плетенки кои се плетат околу главата. 

„Тоа не е толку комплицирано колку што се чини. Видов една видеоснимка на Интернет со детална инструкција и сега, кога сакам да имам убава фризура, ја правам таа плетенка“, вели Ирина, сопственичка на убава и светла коса.

Рускојазичниот Интернет е навистина преплавен со огромен број видеоклипови во кои чекор по чекор се објаснува како се прави „венец“, „грчка плетенка“ или „рибина коска“.

Фризурата со грчки плетенки московските помодарки ги надополнија со здолништа од шифон кои се долги до земја и лесни сандали во стилот на старогрчките божици.

Излегува дека плетењето коса е добро и за домашниот буџет. „Сега практично сите фризерски салони нудат плетење коса, но девојките тоа најчесто го прават во ателјеата на трговските центри, зашто таму е поевтино. Во салоните плетенките се третираат како фризура и тоа чини околу 2.000 рубли (50 евра), а во трговските центри плетенките ги прават за 300-600 рубли (7-14 евра)“, вели Олга, која често оди во фризерски салон.

Во последниве неколку години во секој поголем трговски центар во Москва се појавија мали експрес-ателјеа за правење плетенки, а во секој од нив има по неколку столчиња и стилисти.

„Тука работиме веќе цела година. Ни доаѓаат и девојчиња, и девојки, и жени, па дури и баби“, се шегува Евгенија од ателјето „Voila“. За една фризура ѝ се потребни десетина минути. И самата таа има плетенки отстрана, украсени со нежно румени цветови. Не сакаше да ни открие колку плетенки прави дневно, но на сајтот на фирмата пишува дека секое ателје дневно опслужува од 80 до 150 муштерии.

Плетењето коса стана толку популарно, што за него се заинтересираа дури и жените со сериозни професии.

„Другарка ми е економист, има 35 години и реши да ја напушти својата професија и да почне да прави плетенки“, вели Ана, московјанка, која инаку е новинар по професија. „И, судејќи според она како таа сега живее, оваа е многу подоходна работа од она со што порано се занимаваше. Единствен недостаток е што за неа нема одмор. Неодамна целото наше друштво беше на летување, но нејзе тоа не ѝ беше одмор: цела недела им правеше плетенки на сите девојки и девојчиња, така што тие цело време носеа плетенки.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.